Кина ја казни „кралицата за пренос во живо“ Вија со 210 милиони долари за даночно затајување
Според кинескиот државен таблоид Глобал тајмс, тоа е најголемата казна што некогаш е изречена за преносител во живо, и знак дека владата нема наскоро да го намали притисокот врз познатите личности на Интернет
Кинеската шопинг инфлуенсерка за пренос во живо, Хуанг Веи, позната како Вија, доби казна од неверојатни 210 милиони долари за даночно затајување и ги укина социјалните мрежи.
На Вија, позната во Кина и како „кралица за пренос во живо“ – и беше наредено да плати 1,34 милијарди јуани заостанати даноци, задоцнети такси и казни, објави во понеделникот Државната даночна управа на својата веб-страница.
Според кинескиот државен таблоид Глобал тајмс, тоа е најголемата казна што некогаш е изречена за преносител во живо, и знак дека владата на претседателот Си Џинпинг нема наскоро да го намали притисокот врз познатите личности на Интернет.
Од 2019 до 2020 година, Хуанг избегнала повеќе од 640 милиони јуани (100 милиони долари) данок „со лажно пријавување на приходите од провизија што ги заработила од платформите за пренос во живо“, изјави во понеделникот даночен службеник во Хангжу.
„Доколку може да го плати данокот, казната за доцнењето и паричната казна во пропишаниот рок, нема да биде под истрага за кривична одговорност“, додаде службеникот. „Доколку не успее… даночниот орган ќе го пренесе случајот во полициската управа за обработка според законот“.
Хуанг имаше милиони следбеници на главните кинески социјални медиуми и платформи за пазарење – вклучувајќи ги Веибо, платформата за онлајн шопинг Таобао и кинеската верзија на ТикТок, Дујин – но нејзините сметки беа отстранети доцна во понеделникот.
„Оваа сметка е забранета поради прекршување на договорот на платформата“, се вели во соопштението на Дујин кога CNN Business се обиде да го види профилот на Хуанг. Слично на тоа, во соопштението на Веибо се вели дека нејзината сметка „не била достапна“.
Но, во објавата на Веибо прегледана од Си-Ен-Ен пред да биде симната нејзината сметка, Хуанг рече дека е „длабоко виновна“.
„Погрешното е погрешно, јас сум подготвена да ги сносам сите последици за мојата грешка“, додаде таа во објавата.
Нејзиниот сопруг Донг Хаифенг исто така се извини на својот профил на Веибо.
„Не ѝ помогнав на Вија да заврши добра работа“, напиша тој. „Се чувствував многу виновен. Освен што ѝ се извинувам на јавноста, треба да ѝ се извинам и на сопругата Вија“.
Не е јасно кога Хуанг ќе се врати на интернет. Во ноември, даночните власти изрекоа помали казни за двајца други врвни шопинг инфлуенсери и нивните сметки сè уште не се обновени.
Хуанг (36) стана едно од најпопуларните влијателни лица во Кина во последната деценија, помагајќи да се продаваат стоки во вредност од милијарди јуани. Таа, исто така, учествуваше во активности за јавна благосостојба организирани од Таобао во сопственост на Алибаба, помагајќи да се продаваат земјоделски производи од посиромашните области и доби владини награди за нејзините напори.

Кинеските власти ја интензивираа контролата на оваа моќна индустрија во последните неколку месеци. Во август, Министерството за трговија ги претстави предлозите за „индустриски стандард“ за преносители во живо кои продаваат производи на платформите за онлајн шопинг. Правилата вклучуваа детали за тоа како водителките на ваквите емисии треба да се облекуваат или да зборуваат пред камера.
Акциите на кинеските технолошки компании паднаа во Хонг Конг, бидејќи веста за казната на Вија ја потресе индустријата за пренос во живо во регионот. И Alibaba (BABA) и Kuaishou Technology паднаа за речиси 1,5 отсто, додека веб-страницата за споделување видеа Bilibili (BILI) потона за над 6 отсто.
Оваа акција против богатите ѕвезди на социјалните мрежи доаѓа во време кога претседателот Си е решен да го прераспредели богатството во втората по големина економија во светот, како дел од неговата кампања за „заеднички просперитет“. (Си-Ен-Ен)