Киборзите доаѓаат: Развиен е био-синтетички материјал што ги поврзува луѓето и вештачката интелигенција
Научниците од универзитетот во Делавер деновиве кренаа многу прашина во научниот свет, најавувајќи дека развиле нов био-синтетички материјал кој ќе овозможи фузирање на вештачката интелигенција и човечкиот мозок.
Ова откритие, објавено во виртуелна презентација на Американското хемиско друштво, се однесува на нов вид ПЕДОТ полимер, материјал што значително ги намалува сите негативни ефекти од традиционалното спојување на живо ткиво со електроника, за што се користени материјали како што се злато, силикон, челик и друго, кои, меѓу другото, предизвикуваат лузни и инфекции, а во исто време доведуваат до чести прекини на сигналот помеѓу компјутерот и мозокот, пишува Види.хр.
По тестирањето на својствата на различните материјали, научниците од Делавер откриле дека најсоодветен за оваа задача е ПЕДОТ, полимерен материјал кој веќе се продава комерцијално како антистатичка обвивка на електронските екрани, а од неодамна се истражува и за изработка на таканаречени енергетски тули кои буквално би овозможиле градење куќи со ѕидови кои би имале дополнителна улога како батерии.
Во истражувањата научниците користеле филм на ПЕДОТ со антитела кои симулирале раст на крвни садови по повреда и може да се користат за откривање на тумори во раните фази кои растат во телото. ПЕДОТ исто така драматично ги подобри перформансите на медицинските импланти со намалување на импеданса за два до три пати, зголемување на квалитетот на сигналот и траењето на батеријата кај пациентите.
Теоретски, материјалот може да се модифицира за да вклучува не само антитела, туку и пептиди и ДНК, што го прави идеален за поврзување на електроника и компјутери со човечкиот мозок, така што научниците веруваат дека ова може да биде голем чекор напред во развојот на вистинските киборзи.
За овој месец Елон Маск најави претставување на технологија на неговата компанија Неуралинк, која исто така треба да овозможи поврзување на мозокот и компјутерот, но сè уште не е познато дали тие го користат ПЕДОТ за тоа.
Веројатно ќе биде непријатно чувството кога за прв пат ќе се слушнат гласовите на Google Assistant или MP3 плеер во главите, но веројатно ќе се навикнеме и на тоа и тогаш само небото е граница.