Кевин Мекарти: Претставничкиот дом ќе отвори истрага за импичмент на Бајден


Претставничкиот дом на САД ќе отвори формална истрага за импичмент на претседателот Џо Бајден, изјави републиканецот Кевин Мекарти, кој е претседател на овој законодавен дом.

Тој рече дека истрагата ќе се фокусира на „наводите за злоупотреба на моќ, опструкција и корупција“ на Бајден, кој е од редовите на Демократската партија.

Републиканците, кои сега тесно го контролираат Претставничкиот дом, го обвинија Бајден дека профитирал додека бил потпретседател од 2009 до 2017 година од странските деловни потфати на неговиот син Хантер Бајден, иако тие досега не презентираа докази.

Бајден, кој го победи Трамп на изборите во 2020 година, бара реизбор следната година.

Ги упатувам нашите комисии на Претставничкиот дом да отворат формална истрага за импичмент на претседателот Џо Бајден, им рече Мекарти на новинарите. Ќе одиме таму каде што ќе не одведат доказите.

Во изминатите недели, Мекарти приватно им кажал на републиканците дека планира да ја продолжи истрагата за импичмент на Бајден и се надева дека ќе го започне процесот до крајот на септември, јавија американски медиуми повикувајќи се на извори од Републиканската партија.

Зборувајќи за време на прес-конференцијата Мекарти рече дека процесот на импичмент на Бајден е „логичен следен чекор“ во истрагата предводена од Републиканската партија во изминатите месеци.

– Овој логичен следен чекор ќе им даде целосна моќ на нашите одбори да ги соберат сите податоци и одговори за американската јавност. Одговорите се токму она што сакаме да го знаеме, рече тој.

Републиканците спроведуваат истраги за Бајден откако ја презедоа контролата врз Домот во јануари. Сослушувањата што ги спроведоа не открија конкретни докази за недолично однесување на Бајден.

Тие, сепак, фрлија повеќе светлина врз деловните зделки на единствениот преживеан син на претседателот – Хантер Бајден, за кои републиканците велат дека се сомнителни, каки и за тоа што Бајден знаел за бизнисите на својот син, пишува Би-Би-Си.

Истрагата е прв потег во политичкиот процес што може да резултира со гласање за импичмент во Претставничкиот дом. Доколку биде одобрена со просто мнозинство, може да следи судење во американскиот Сенат.