Катедралата во Келн ќе почне да им наплаќа на туристите, цената на билетот сè уште не е утврдена


Една од најпознатите знаменитости на Германија, Келнската катедрала, планира наскоро да воведе влезница за туристите. Целта на одлуката, која се очекува да стапи на сила во втората половина од годината, е да се обезбеди постабилно финансирање на катедралата.

Директорот на катедралата, Гвидо Асман, потврди дека туристите наскоро ќе мора да плаќаат за влез.

„Мораме да ги зголемиме сопствените приходи“, рече тој.

Во 2024 година, катедралата имала трошоци од околу 14,2 милиони евра, додека приходите биле малку помали, околу 14 милиони евра.

Асман нагласи дека катедралата ќе продолжи да биде бесплатна за верниците кои доаѓаат на богослужба или за лична молитва. Методот за наплата на билетите од туристите во моментов се разгледува, а цената на билетот сè уште не е утврдена.

Келнската катедрала привлекува околу шест милиони посетители годишно, што ја прави една од најпосетуваните туристички места во Германија. Во повеќето цркви во земјата, влезот останува бесплатен, додека дополнителните содржини, како што се искачување на кулата или посета на црковните ризници, најчесто се наплаќаат.

Катедралата беше впишана на списокот на УНЕСКО на места од светското наследство во Европа во 1996 година како една од најпознатите градби во Германија и обележје на градот Келн, и како „исклучително дело на човечкиот креативен гениј“.