Катар ги протера иранските воени и безбедносни аташеа


Доха – Катар ги прогласи воените и безбедносните аташеа на иранската амбасада и нивниот персонал за непожелни лица и ги протера од земјата, се вели во соопштението објавено синоќа.

Министерството за надворешни работи на Катар во соопштението споделено на социјалната мрежа Х наведува дека на иранските претставници им е даден рок од 24 часа да ја напуштат заливската држава.

„Министерството појасни дека оваа одлука доаѓа како одговор на повторените ирански гаѓања и очигледната агресија врз Државата Катар“, се продолжува во соопштението, нарекувајќи го тоа кршење на „нејзиниот суверенитет и безбедност“, како и на резолуциите на ОН, меѓународното право и „принципите на добрососедство“.

Катар соопшти дека ги предупредил иранските власти дека ќе ги преземе „сите неопходни мерки за да ги заштити својот суверенитет и безбедност, во согласност со одредбите на меѓународното право“, пренесе ДПА.

Во текот на американско-израелските напади врз Иран, иранските вооружени сили во повеќе наврати со ракети и беспилотни летала ги нападнаа Катар и другите држави во Заливот кои се сојузници на САД.