Касами очекува гласачите на СДСМ да го поддржат него во Тетово


Лидерот на БЕСА, Биљал Касами, ја обвини Теута Арифи, противкандидат за градоначалник на Тетово, дека е лош менаџер и дека парите ги троши главно за плати и тоа за договори на дело со луѓе кои воопшто не доаѓаат на работа. 

-Општина Тетово има најголем проблем со финансиите. Арифи наследи долг и го одржа долгот, но уште пострашно е што овие пари се потрошени за плати и тековни трошоци, а не за капитални инвестиции, не за подобрување на животот на граѓаните, за паркинзи, канализации… Парите се потрошени за купување на гласови – рече Касами, ветувајќи средување на општинските финансии.Да не го злоупотребуваше буџетот, Теута Арифи немаше да освои ни илјада гласа, а не 10.000, рече  Касами.

-Со пари од буџетот се склучуваат договори на дело со луѓе кои не знаат каде е општината, кои се во странство и никогаш не дошле на работа. Парите што треба да одат за комуналец за ѓубрето, за шелтер-центар за кучињата-скитници и други потреби, одат за договор на дело за она да ги добие овие 10 илјади гласа – рече Касами на Телма.

Генерално тој рече дека, без разлика што за многу постапки на функционери на ДУИ не се задоволни, има стабилна коалиција на централно ниво, бидејќи се задоволни од  генералната ориентација на Владата за продолжување на европскиот процес.

– Во изборната битка очекувам фер игра од коалициските партнери. Локални избори се за понуда на кадри и програма за локални теми. Но, да бидам искрен, очекувам гласачите на СДСМ да ме поддржат мене, зашто имаме предизборна коалиција и тие гласачи веќе гласаа за мене како носител на пратеничка листа на ланските избори – рече Касами.Тој додаде дека има позитивни вибрации од активисти на Алијанса за Албанците, како и од сите граѓани кои, рече тој, сакаат промени во Тетово. Касами додаде дека како кандидат за градоначалник остварува контакти со граѓаните, додека останатите контакти се работа на изборниот штаб.