Кампања до политичко истребување за градската фотелја
Освен бугарскиот пасош и бугарската лична карта, СДСМ објави денес бројни документи од кои се гледа менаџерскиот капацитет на кандидатката за градоначалник Данела Арсовска, имотната состојба и направените долгови. Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија со исто толку долг список за наводна злоупотреба од актуелниот градоначалник во врска со концертот на Дино Мерлин.
„Почесната конзулка на Унгарија Данела Арсовска не заслужува да биде кандидат за градоначалник на Скопје, затоа што е одговорна за пропаѓањето на спортската „сала Расадник“ изградена со самопридонес на скопјани“, порачаа од Градската организација на СДСМ – Скопје. Според нив Арсовска бега од одговори на прашања во врска со нејзиното катастрофално менаџирање на салата „Расадник“, кое било овозможено од власта на ВМРО-ДПМНЕ кога министер за финансии е Никола Груевски во 2002 година.

СДСМ обелодени документи дека во 2002 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, спортската сала „Расадник“ била дадена под закуп на 25 години на фирмата „Империјал Данела“ кога Данела имала само 22 години.
„Арсовска (тогаш Јовановска) се обврзала да го развива спортот во Општина Кисела Вода со користење на салата, но, наместо спортот, директорката Данела развивала семејни фирми – дел од нив со седиште токму на спортската сала „Расадник“ – објект изграден на државно земјиште од град Скопје преку самопридонес на скопјани“, тврди СДСМ Скопје.
На прес-конференцијата беа обелоденети повеќе документи за поврзаност на Данела Арсовска со фирми на нејзиниот татко, дека заедно воделе бизниси во државната сала „Расадник“ и на други места, како што е фирмата РОЈАЛ ГРУП ДООЕЛ со седиште исто во Спортската сала Расадник.
„Арсовска станува претседател на ССК во 2014 токму како генерален менаџер на „Ројал Груп“ и истата година дава интервјуа како „сопственик на Ројал Скопје“. Наредната 2015 година Арсовска и „Ројал Груп“ се на списокот на донатори за црквата на Никола Груевски, а Арсовска седи на иста маса со Груевски“, укажа СДСМ Скопје.
СДСМ Скопје обелодени документ за историјатот на фирмата „РОЈАЛ ГРУП ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“ од кој се гледа дека Арсовска и татко и претходно биле заеднички сопственици, а била и управител на оваа фирма со седиште во сала „Расадник“:
„Фирмата „Империал ДООЕЛ“ (претходно „Империал Данела“) ја дала на подзакуп салата Расадник на семејната фирма „РОЈАЛ ГРУП“ токму во периодот кога е констатирана кражба на струја. Кога Арсовска станува претседател на ССК во 2014, кога се објавуваат информации за неа како генерален менаџер на „Ројал Груп“, тогаш се крадела струја, а фирмата „Ројал груп“ била подзакупец на Спортската Сала „Расадник“, тврди СДСМ Скопје.
СДСМ ја обвинува Арсовска исто така дека, додека салата Расадник пропаѓала како резултат на лошо менаџирање и неплаќање огромни долгови кон ЈП, „Арсовска си развивала семејни бизниси – и на државна адреса во сала „Расадник“, но и на Благоја Гојан 24 каде е регистрирана фирмата „Империјал Данела“ – првиот закупец на салата „Расадник“ во 2002“.Од обелоденетите документи, се гледа дека Данела Арсовска била менаџер на „Хотел Империјал“, на ул. Благоја Гојан 24, каде што биле регистрирани и брендовите „Hotel Imperial“ и „Hotel Royal“ на фирмата Хотели Ројал ДООЕЛ Скопје.
„Колку приватни или семејни фирми на Арсовска имаат седиште на државна адреса во спортската сала „Расадник“, објект изграден од скопјани со самопридонес? Дали тие приватни фирми краделе струја, не плаќале долгови и исцрпувале ресурси од државната сала, за да си развиваат бизнис со хотели и други бизниси?“- прашуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак возвратија на ист начин.
-Нема тема на којашто градоначалникот во заминување Петре Шилегов не ја лаже македонската јавност. Дава одговори со неточна и лажна содржина постојано овие четири години, а тие лаги ги чинат скопјани стотици илјади евра. „Ќе чини НУЛА денари и градот за тоа нема да плати средства“ – рече Шилегов на крај на 2019 година. Во септември 2020 вели платил 80.000 за ѕвездата, а пари од градот биле дадени за бројни настани. Притоа вели дека парите биле дадени и за други настани, како на пример за пречекот на ракометарите.
Е па почитувани еве ја вистината, со документи и потписи на Шилегов и неговите назначени директори.Прв договор кој ќе ви го презентирам е Договор на Град Скопје со МКЦ за – прецизно наведено – исплата на активности поврзани со дочек на Новата 2020 година. Вредноста на договорот е 9.660.000 денари.Опфаќа изнајмување техничка опрема 1.500.000 денари, други оперативни трошоци 800.000 денари; сместување на учесници, транспорт, авторски надоместоци, маркетинг – се заедно договорот вреди 9.660.000 денари.Дел од овие средства во висина од 1.300.000 ќе се дадат како аванс за за отпочнување на предновогодишни активности, а другите пари ќе бидат дадени по концертот, до 15.3.2020 година.Значи, разбиена е една голема лага, а тоа е дека парите се употребени за пречекот на ракометарите, со бина и озвучување. За тоа има и друг документ.
На овој договор следува анекс со кој што се опфаќа измена на делот „изнајмување техничка опрема“ што од 1.500.000 денари станува 6.500.000 денари, пет милиони денари повеќе, а ставката други оперативни трошоци од 800.000 денари стануваат 3.160.000 денари.Така, договорот за организација меѓу Скопје и МКЦ станува потежок и со анексот вреди 12.020.000 денари. Договорот од 157.000 евра станува речиси безмалку 200.000 евра, односно 40.000 евра повеќе! За новогодишната прослава за којашто Шилегов велеше нула денари ќе ги чини граѓаните, ги чинела граѓаните 200.000 евра…Прашање е дали воопшто има спонзори или фирмите добро познати на Шилегов кои заработиле милионски суми заради фаворизирање , биле покритие за пари од Градот да бидат дадени како наводна донација за концертот?-порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, најцрните напади и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон кандидатите за градоначалници започнаа кога беше кажано дека ќе има ревизија на сите договори направени и во Град Скопје и во општините.