Како Украина ја намести „смртта“ на командантот на Рускиот доброволен корпус

Исценираната смрт на Денис Капустин била со цел да се заштити неговиот живот и да се разоткрие мрежа на руски агенти


 

Воената разузнавачка служба на Украина откри детали за специјална операција во која беше инсценирана смртта на командантот на Рускиот доброволен корпус, Денис Капустин, со цел да се заштити неговиот живот и да се разоткрие мрежа на руски агенти.

Според соопштението од службата, операцијата ја спроведе Единицата за специјални операции „Тимур“ и вклучуваше повеќеслоен план за измама, како дел од кој беше креирано видео кое прикажува наводен напад со беспилотно летало врз возилото во кое наводно се возел Капустин.

На објавените снимки, се чини дека два напаѓачки дрона дејствуваат против миниван.

Првиот го погодува возилото, додека вториот ги снима сликите претставени како „последици од ударот“, при што возилото е зафатено од пламен.

Украинската разузнавачка служба вели дека операцијата била организирана за да се разоткрие мрежа на непријателски агенти и да се заштити командантот на Рускиот доброволен корпус, воено-политичка организација формирана во 2022 година и составена од руски доброволци кои се борат на страната на Украина.

Како што е наведено во соопштението, руските разузнавачи, кои го нарачале убиството на Капустин, биле убедени од видеото и им платиле на украинските агенти 500.000 долари за извршување на „договорот“.

Оваа сума, според Киев, значително ќе ги подобри оперативните способности на специјалните единици на воената разузнавачка служба.

„Смртта“ на Капустин

Во објавеното видео се гледа како командантот на Единицата за специјални операции „Тимур“ го брифира началникот на воената разузнавачка служба, генерал-потполковник Кирил Буданов, во присуство на самиот Капустин преку видео-конференција.

За време на брифингот, се известува дека и организаторите и извршителите на операцијата се идентификувани од руските тајни служби и дека сумата пари платена за наводното убиство веќе е примена.

„Во моментов, командантот на Рускиот доброволен корпус е на територијата на Украина и се подготвува да ги изврши задачите што му се доделени“, наводно бил информиран Буданов.

Самиот Капустин во видеото наведува дека неговото „привремено отсуство“ не влијаело врз работата на неговите единици, додека Буданов забележува дека парите што доаѓале од оние што го нарачале неговото убиство биле насочени кон борбата против Русија.

Се потсетува дека на 27 декември, Рускиот доброволен корпус објави дека нивниот командант е убиен за време на мисија на Запорошкиот фронт.