Како Путин го осакати „Гаспром“

Монополот за извоз на гас трпи „егзистенцијална криза“ благодарение на влијанието на војната


 

Инвазијата на Владимир Путин на Украина создаде неочекувана жртва – „Гаспром“.

Уделот на рускиот монопол за извоз на гас на европскиот пазар се намали од 40 отсто на само 9 отсто, додека неговите два гасоводи „Северен тек“ изградени по цена од над 20 милијарди евра лежат на дното на Балтикот. Во меѓувреме, цената на нејзината акција е намалена за 88 отсто од февруарската инвазија и компанијата во август беше забележана како гори големи количини непродаден гас.

„Во основа трпи егзистенцијална криза“, рече Аднан Ватансевер, виш предавач и експерт за енергетика за Русија на Кралскиот колеџ во Лондон, додавајќи дека „перспективите на Гаспром за понатамошен раст се малку ограничени и ќе мора во одреден момент значително да го намали производството“.

Трансформиран од советското Министерство за гас во првото државно-корпоративно претпријатие на СССР во 1989 година, „Гаспром“ беше целосно приватизиран во времето на поранешниот руски претседател Борис Елцин. Но, Путин го врати под државна контрола во 2005 година.

„Путин е многу, многу добро упатен во … бизнисот со гас“, рече Ватансевер. „Тој е речиси неофицијален менаџер на „Гаспром“.

Засега, компанијата испорачува многу пари на своите господари.

И покрај тоа што извозот во ЕУ се намали за 48 отсто во првите осум месеци од оваа година во споредба со 2021 година, нејзиниот профит се зголеми повеќе од двојно во првата половина на 2022 година благодарение на зголемените цени на гасот – и продолжи да собира 100 милиони евра дневно во приходите од гас, според некои проценки. Исто така, додели 20 милијарди евра дивиденди, што е најголема исплата во историјата на руската берза.

Но, долгорочната перспектива е мрачна.

Иако цените на гасо ќе останат високи „барем во следните две години“, според Џејмс Хендерсон, директор за истражување на енергетската транзиција на Институтот за енергетски студии во Оксфорд, не е јасно дали тие ќе останат високи после тоа.

„До втората половина на оваа деценија… сигурно постои знак прашалник дали ‘Гаспром’ може да продолжи со иста големина како што е сега“, рече тој. „Тоа ќе биде случај на потенцијалност да мора да се намали производството, а со тоа да мора малку да се намали компанијата“.

Компанијата би можела да почне да го чувствува финансискиот удар во 2025 година или „побрзо од тоа“, рече Ватансевер, во зависност од тоа колку брзо Европа ќе се одвикне од руските залихи и колку се високи цените.

„Тие повеќе ќе се свртат кон [течен природен гас] и испораки во Кина… но тоа нема да може да ја надомести [Европа] на краток рок“, рече еден поранешен висок функционер на „Гаспром“ кој побара да не биде именуван.

И покрај проблемите на „Гаспром“, Путин нема да дозволи да банкротира, рече Хендерсон, не само поради неговата симболична вредност, туку затоа што го контролира целиот гасоводен систем во Русија и обезбедува половина од енергијата на земјата.

„Тој не може да дозволи да се распадне бидејќи е составен дел на руската економија“, рече тој. „Енергетскиот систем се потпира на тоа. Греењето на луѓето се потпира на тоа“.

Путин инсистира на тоа дека стариот извозен однос може да се обнови. Говорејќи на енергетската конференција во Москва минатата недела, тој рече дека Русија е сигурен и неполитички снабдувач со енергија, па дури и понуди да ги рестартира испораките на гас преку едниот крак од гасоводот „Северен тек 2“ што можеби нема да биде уништен.

„Русија е подготвена да започне со такви испораки. Топката, како што велат, е на страната на Европската унија. Ако сакаат, само нека ја отворат чешмата и тоа е тоа“, рече тој.

Германија не загриза.

„Убав обид“, изјави владината портпаролка Кристијане Хофман на новинарите за понудата на Путин. „Без разлика на можната саботажа на двата гасоводи, видовме дека Русија повеќе не е сигурен снабдувач со енергија“.

Тоа му остава на „Гаспром“ дупка со големина на Европа во неговите финансии, кои пред војната изнесуваа околу 70 отсто од неговите приходи од гас.

Пет недоволни пазари

Со намалените европски продажби, компанијата ќе се потпре повеќе на другите четири главни пазари, рече Ватансевер.

Прво, тука се поранешните советски републики, како Белорусија и земјите во Централна Азија, каде „Гаспром“ продава гас со намалена цена поврзана со политичките цели на Москва да го задржи влијанието во нејзината поранешна империја. Но, „Гаспром“ заработува помалку од 5 милијарди евра од овој пазар.

Друга опција ќе биде да се сврти кон Азија, особено кон Кина.

Москва му доставува на Пекинг околу 16 милијарди кубни метри гас годишно преку гасоводот „Моќта на Сибир“ кој беше отворен во 2019 година, при што Кина треба да обезбеди до 10 милијарди кубни метри повеќе преку друг нов гасовод на далечниот исток на Русија. Планиран е и гасоводот „Моќта на Сибир 2“ со капацитет од 50 мкм, иако изградбата нема да започне до 2024 година.

Сепак, сето тоа заедно е сè уште само околу половина од 150 мкм од „Гаспром“ што историски испорачуваше на Европа. Цените исто така ќе бидат клучно прашање.

„Во моментов, гасот што ѝ се продава на Кина е по многу пониска цена отколку што ‘Гаспром’ ја добиваше во Европа“, рече Џонатан Стерн, истакнат научен соработник во Оксфордскиот институт за енергетски студии.

„Значи, дури и ако успеат да извезат многу повеќе гас во Кина, прашањето е дали тие некогаш ќе можат да се надеваат дека ќе заработат иста сума пари“, рече тој.

Зголемувањето на извозот на ЛНГ е друга можност, иако тоа е една област каде што „’Гаспром’ застана многу зад кривата“ според Ватансевер.

Тоа е делумно поради лошото управување, поради што беше престигнат од независните руски ривали како „Новатек“. „Газпром“ моментално поседува два од четирите руски терминали за ЛНГ.

Владимир Путин за време на митингот и концертот по повод анексијата на четирите украински региони (Фото: АФП)

Во меѓувреме, технологијата потребна за ладење на гасот до ниските температури каде што станува течен и извезувањето е „цело западно“, рече Хендерсон, чии санкции ќе го отежнат стекнувањето. Додека Русија сакаше да биде меѓу првите четири извозници на ЛНГ на глобално ниво до 2030 година, тој проценува дека ова сега може да потрае до „можеби… 2040 година“.

Компликациите од санкциите веќе може да се видат во терминалот Арктик 2 ЛНГ на „Новатек“ во северен Сибир, чие отворање беше одложено за најмалку една година.

Продажбата на ЛНГ, дури и кога ќе се пресметаат другите руски енергетски големи компании како „Новатек“, сè уште нема да биде доволна за да ги замени изгубените количини во Европа.

Најперспективниот пат за проширување може да биде дома.

Во својот говор оваа недела, Путин повика на „социјална гасификација“ – поврзување на домовите, училиштата и болниците со гасната мрежа и одржување на руската економија снабдена со евтина електрична енергија.

о, има уште една причина зошто „Гаспром“ нема да падне, според Александар Габуев, висок соработник во Карнеги фондацијата за меѓународен мир: „Една од неговите најважни улоги е тоа што тој е машина за генерирање приходи за Путин и неговата придружба“.

Истрагата на антикорупциската организација на рускиот дисидент Алексеј Навални, објавена во јуни, го обвини извршниот директор на „Гаспром“ Алексеј Милер дека купил недвижен имот во вредност од 700 милиони евра користејќи пари од Гаспром.

„Таму се украдени пари“, рече Габуев. „Претпоставуваме дека се огромни и на повеќе слоеви“. (Политико)