„Како некој со нож да ве сече во стомак“: Ковачевски за бугарските услови за почеток на преговорите со ЕУ


 

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва пластично се изрази за провокациите што се случуваат со отворањето на бугарските клубови со имиња на соработници на фашистите, а и на прифаќањето на преговарачката рамка за почнување на преговорите со ЕУ.

„Учествував во преговорите со Бугарија за да почнеме преговори за членство во ЕУ. Чувството кое го имам, а и граѓаните кога се водеа преговорите, е како некој со нож да ве сече во стомак. На крајот мора да донесете одлука која ќе се однесува на идните генерации. Разликата помеѓу мене и лидерите на опозицијата е во тоа што тие сакаат преку изјави за минатото, граѓаните да ги направат горди на мала маса. Сакам нашите граѓани со крената глава и заштитен идентитет да седиме на европската маса и тоа успеавме да го направиме“, рече Ковачевски во интервју за ТВ 24.

Тој уште еднаш ја повтори својата осуда за отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се озврна и на најавеното отворање на здружението „Цар Фердинанд“ во Богданци. Тој оцени дека ваквите имиња на никој начин не придонесуваат кон подобрување на односите помеѓу соседните држави, но уште повеќе ги повредуваат чувствата на македонските граѓани, а особено на еврејската заедница.

Премиерот изјави дека Централниот регистар ја разгледува документацијата и поради намерата на граѓани да формираат такви здруженија што ги нарушуваат чувствата и односите со соседна држава, е формирано тело што треба да оцени дали одредено име може да биде користено или не.

Ковачевски вели дека македонското законодавство е многу либерално во однос на формирање здруженија и од таа причина му сугерирал на министерот за правда, како основа да се земе германското законодавство.

„Германија е држава што е една од носечките држави во Европската унија во економијата, владеењето на правото и организирањето на внатрешен систем и мислам дека тоа е законодавство што треба да го земеме. Сакам да ги заштитам чувствата на граѓаните и исто така повикав при изработка на тој закон да учествуваат не само сите политички партии, туку да биде вклучена и еврејската заедница во собраниската комисијата во којашто ќе се разгледува законот“, нагласи Ковачевски.

Тој рече дека идејата за овие здруженија е да се предизвика провокација кај граѓаните, како и финансиски интерес и нетрпение помеѓу двете држави. Ковачевски изјави дека треба да му се стави крај на она што се случува меѓу двете држави и дека граѓаните не треба да бидат заложници на одредени граѓани што сакаат да ги нарушат односите.