Како Македонија го регулира долгот со Лондонскиот клуб на кредитори: Сведоштво на Љубе Трпески


Љубе Трпески


Лондонскиот клуб на кредитори претставува форум, или поточно неформален орган на најголемите комерцијални банки од развиениот свет кои имаат пласирано кредити во земјите од Третиот
свет. Името Лондонски го има добиено заради фактот што најголемиот дел од преговорите помеѓу кредиторите и должниците се водат во Лондон. (Има и исклучоци, како што беа на пример преговорите меѓу Лондонскиот клуб и Република Македонија кои се водеа во Њујорк. Зошто во Њујорк, ќе објасниме подоцна).

Поранешната земја во којашто живеевме – СФРЈ – долго време беше миленик на Западот. Таа беше пример којшто требаше да го следат земјите членки на Варшавскиот пакт и СЕВ – и затоа, вратите и на меѓународните финансиски институции и на Владите на богатите земји (собрани околу Парискиот клуб на кредитори) и на големите комерцијални банки (Лондонски клуб) беа широко отворени. И тоа СФРЈ – обилно го користеше. Често и внатрешните проблеми меѓурепублички, ги разрешуваше со ново задолжување од странство. И побрзиот развој на недоволно развиените републики се решаваше со политика на поголемо насочување на странските кредити спрема овие републики. Така, се објаснува ипоголемата задолженост на Република Македонија во споредба соостанатите поранешни членки на југословенската федерација. (Прашањето, како и колку рационално се искористени овие странски кредити е тема, сама за себе, и овде нема да ја анализираме).

Втор важен елемент во врска со долгот кон Лондонскиот клуб,претставуваше т.н. Нова финансиска спогодба, заклучена во септември1988 година помеѓу Лондонскиот клуб на кредитори и СФРЈ како земја должник.

Со овој документ, Лондонскиот клуб, одобри нови кредити, во износ од 6,8 милијарди долари кои беа употребени за рефинансирање на обврските спрема овој клуб. Кредиторите (вкупно и со бројки и со букви450, четиристотини и педесет) формираа меѓународен координативен комитет и ја одредија Manufacture Hanover (подоцна Chemical Investment Bank) да ги застапува.

На страната на должникот како солидарни должници се потпишаа: Народна банка на Југославија, Здружените банки од сите републики, меѓу кои и Стопанска банка Здружена банка Скопје. Сите банки ја овластија Народна банка на Југославија да ги застапува и сите плаќања по сметките да се вршат преку неа, а југословенската федерација беше гарант на спогодбата. Кредитот за рефинансирање беше со рок од 18 години и грејс период од 6 години. За износот на новоодобрениот кредит беа емитирани вредносни хартии – познати под името – заклучници – кои се котираа на секундарниот пазар.

Д-р Љубе Трпески

Она што испадна најактуелно, после распадот на СФРЈ, беше клаузулатаза солидарна одговорност на должниците потписнички на договорот. Тоа значеше дека кредиторите можеа да бираат од кого ќе го наплататпобарувањето. Од таму произлегуваше големата нервоза кај Република Словенија, бидејќи како најсолвентен должник, од сите новонастанати држави на тлото на поранешна СФРЈ, можеше да се случи да мора да гоплаќа најголемиот дел од долгот спрема Лондонскиот клуб.

Затоа, Република Словенија, веднаш по нејзиното осамостојување, отпочна една голема правна битка да излезе од канџите на оваа спогодба.

Најнапред, во тек на една ноќ словенечкиот парламент донесе амандман на уставот дека долговите на Република Словенија спрема другите поранешни југословенски републики не ги признаваат. Истата ноќ ја банкротираа Љубљанска банка и формираа Нова Љубљанска банка.

Лондонскиот клуб, користејќи ја оваа клаузула од спогодбата, се согласи да преговара со Словенија и останатите држави, но не на принципот – за кредитите пласирани во соодветната република, туку за тоа колкав дел ќе земе Словенија од вкупниот долг на СФРЈ спрема овој клуб на кредитори.

Во меѓувреме СР Југославија поднесе тужба против сите потписнички на спогодбата во Лондон, повикувајќи се на истата клаузула и барајќи да не се преговара поединечно.

После две години преговори Словенија, ја доби битката земајќи нешто поголем дел од вкупниот долг од долгот што би и припаднал кога би се применил клучот на Меѓународниот Монетарен Фонд. Учеството на Словенија во квотата на Меѓународниот монетарен Фонд е 13,39%, а таа презеде 18% од вкупниот југословенски долг кон Лондонскиот клуб.

После неа во преговори со Лондонскиот клуб влезе Хрватска. Бидејќи патот веќе беше трасиран, нејзините преговори завршија за две недели. И таа зеде за 1 процентен поен над делот што би и припаднал ако се применел клучот на Меѓународниот Монетарен Фонд. Учеството на Хрватска во квотата на Меѓународниот Монетарен Фонд е 28,5%, а таа презеде 29,5% од вкупниот југословенски долг спрема овој Клуб.

Трета по ред, во преговорите влезе Република Македонија.

Преговорите со Лондонскиот Клуб се одржаа од 17 до 18 октомври 1996 година, во Њујорк.

Сега да одговориме на прашањето, зошто во Њујорк, а не во Лондон.

Одговорот лежи во фактот што банка агент по т.н. NFA (New Financial Agreement) од 1988 година е Chase Manhattan банката. Второ, Претседател на Лондонскиот Клуб во времето на преговорите, беше потпретседателот на оваа банка, господин Роберт Генге. Покрај него во преговорите од страна на Лондонскиот Клуб беа и претставниците: Chase од американска страна, Societe General од француска, Deutsche Bank од германска и Sakura банка од јапонска страна. Од македонска страна, во преговорите учествувавме јас, тогашниот гувернер на НБРМ и тогашниот директор на Дирекцијата за економски односи со странство во НБРМ. Исто така Народна Банка го имаше ангажирано и Fulvio Dobrich, финансиски експерт од САД, со огромно искуство и знаење, бидејќи своевремено, во 1988 год. ги водеше преговорите со Владата и НБ на СФРЈ во името на Лондонскиот клуб на кредитори.

Преговорите започнаа со едно изненадување што им го приредивме на претставниците од Лондонскиот Клуб.

Имено, ние го замоливме шефот на мисијата на Меѓународниот Монетарен Фонд за Македонија во тоа време, господинот Роберт Коркер, да дојде во Њујорк и како претставник на Меѓународниот Монетарен Фонд да им ја изложи економската состојба на Македонија, посебно состојбата во платниот биланс. Се разбира, тој мораше да добие дозвола од неговите претпоставени, и на наше задоволство, тој ја доби таа дозвола. Тоа, инаку,  претставува своевиден преседан, официјален претставник на Меѓународниот Монетарен Фонд да биде присутен на преговори помеѓу земја – должник и Лондонскиот Клуб на кредитори, но на страна на должникот. Зошто, преседан?! Затоа што, по дефиниција, Меѓународниот Монетарен Фонд е заштитник на меѓународниот капитал – значи ги заштитува доверителите, а не должниците, како што испаѓаше во овој случај. Ние, ја замоливме другата страна, да дозволи господинот Коркер да ја изложи економската состојба на Република Македонија и аранжманите што ги имаме со Меѓународниот Монетарен Фонд.

Преговарачите од Лондонскиот Клуб, иако не им беше пријатно, од овој препад што им го направивме немаа каде – прифатија.

Господинот Коркер, сосема објективно ја изложи состојбата во која се наоѓаше во тоа време нашата земја, економските последици што ги има претрпено од надворешните шокови (ембарга од Грција, последиците по Македонија од санкциите на ОН спрема СР Југославија), напорите што ги прави Владата да одржи макро-економска стабилност и т.н.

Неговото излагање, имајќи предвид дека доаѓа од претставник наМеѓународниот Монетарен Фонд, имаше силно дејство врз претставниците на Лондонскиот Клуб. Веднаш после неговото излагање, тие побараа пауза за консултации. После паузата, шефот на нивниот преговарачки тим, изјави дека се непријатно изненадени што Меѓународниот Монетарен Фонд направи преседан и застана на странана една земја должник.

Нашиот одговор беше дека Меѓународниот Монетарен Фонд не е учесник во преговорите, тој само објективно ја презентира економската ситуација во која се наоѓа земјата. Со таков еден позитивен поен ги продолживме преговорите.

Во продолжението, следеше моето излагање за економската и политичка ситуација во Република Македонија, кое, само во поизострена форма беше на иста линија како и излагањето на господинот Коркер. Исто така, од страна на советникот беше поделен посебно изготвен сет, меморандуми на информации за Република Македонија.

Бидејќи поголемиот дел од прашањата беа расчистени во преговоритесо Словенија и Хрватска, како што се, дефинирање на вкупниот износ на долгот, отстранувањето на делот од долгот откупен од српски и со нив поврзани фирми итн., ние инсистиравме да се фокусираме на главното прашање – процентот на вкупниот долг што треба Република Македонија да го преземе.

Но, претставниците на Лондонскиот Клуб, одолговлекуваа да дискутираме по тоа прашање. На една од паузите, го прашувам Fulvio Dobrich, нашиот советник, во што е причината за ваквото нивно однесување.

„Причината е многу прозаична, драги министре“, ми одговара, тој, „преговарачите, дошле од Париз, Франкфурт, Токио, сместени се вонајскапите хотели во Њујорк, трошоците за тоа ги плаќа земјата должник, т.е. Македонија, во случајов и вие барате за два дена да ги завршите преговорите. Како, кога тие намислиле најмалку недела дена да поминат во Њујорк.

Кога го слушна тоа, гувернерот Станоевски, пламна, вели, ќе им кажеме дека утре си одиме. Ги продолживме разговорите, и расправата продолжи околу процентот кој треба да го преземеме од вкупниот југословенски долг.

Нивната позиција беше, да преземеме долг, кој ќе биде за 1 процентен поен, повисок од процентот утврден од страна на Меѓународниот Монетарен Фонд за поделба на квотата. Тоа значи 5,4 + 1. Нашата позиција пак, беше, да преземеме за 1 процентен поен под процентот утврден од Меѓународниот Монетарен Фонд, односно 5,4 – 1.

Втора работа околу која постоеа разлики, беше рокот на отплатата. Ние предложивме значително подолг рок и грејс период, а тие скоро дупло покус рок, без грејс период.Разликите беа такви и толкави, штоизгледаше дека ќе ни се потребни повеќе рунди преговори и повеќе месеци за да ги приближиме гледиштата. (Што е инаку вообичаена пракса во преговорите меѓу Лондонскиот Клуб и земјите должнички). Затоа, решивме да им приредиме уште едно изненадување.

Утредента, дојдовме на преговори со спакувани куфери. Тие гледаат, со недоверба во нас.

„Господо, им велам, ова не е трик, ние мораме под итно да се вратиме,бидејќи ситуацијата во Македонија нагло се влоши.

„Во што е проблемот“, повторно со недоверба и одредена доза на сарказам, прашува претставникот од Societe Generale.

„Проблемот е“, им велам, со сета сериозност, „што во Македонија се појави вирус од кој добиваат труење во училиштата, само децата од албанската националност.“

„Ајде, ве молам, како е можно тоа, прашува, водачот на нивната преговарачка екипа.“

„Можно е господине, Македонија, за жал се наоѓа на Балканот, а на Балканот е сè можно. Ако не верувате, погледнете ги извештаите на Ројтер и другите агенции”. И, им ги поделивме агенциските вести за труењето на учениците албанчиња, во Тетово и Струга.“

Кога видоа дека сериозно мислиме да заминеме, целиот ден ни помина во сериозни разговори. Во доцните попладневни часови на 18 октомври1996 година, постигната е согласност по сите отворени прашања.

Остана уште адвокатските застапници да го дотераат договорот, според, како што велеа, Њујоршкото право.

Резултатите од тие преговори се следните: Со потпишувањето на Договорот и издавањето на обврзниците на 26.03.1997 година, Република Македонија презеде дел од долгот по НФА спогодбата од 1988 година во висина од 5,4% од главнината на долгот и 3,65% од доспеаните, а ненаплатени камати и од задоцнетите камати. Вкупниот долг што гопрезеде Република Македонија изнесуваше 228.727.000 долари, со рок на отплата од 15 години и 4 години грејс период.

Ако се има предвид дека во евиденцијата на Народна банка на Република Македонија (односно правни субјекти од Република Македонија) должеше спрема Лондонскиот клуб кредитори 644 милиони долари, а ние преземавме само 228,7 милиони долари тогаш можеме да констатираме, и денес, дека во тие четири дена во Њујорк е постигнат огромен успех во намалувањето на надворешниот долг на Република Македонија и намалување на задолженоста на стопанството.

Намалување на долгот на Република Македонија спрема странските кредитори за повеќе од 415 милиони долари, не го очекуваа и најголемите оптимисти. Што е, исто така важно, тоа не беше прикажано, од страна на Лондонскиот клуб, како отпис на долгот (Заради принципот – се презема дел од југословенскиот долг) и со тоа не се наруши имиџот на земјата во меѓународните финансиски кругови. Како што е општо познато, ако некоја земја се доведе до состојба, странските кредитори да мораат да отпишуваат нејзини долгови спрема нив, тоа многу негативно влијае на потенцијалните идни странски инвеститори во таа земја, односно, практично за таа земја меѓународниот пазар на капитал е затворен.