Како лесно да се ослободите од лошиот здив после јадењето лук?

Не мора да го избегнувате лукот поради неговиот непријатен мирис, бидејќи имаме решение.
Доколку сте загрижени за грип или настинка, задолжително вклучете го лукот во исхраната, во комбинација со чај, мед и лимон. Оваа природна состојка не само што го зајакнува вашиот имунитет, туку благодарение на своите антибактериски, антивирусни, антигабични, антипаразитски и антиоксидантни својства помага во спречување на инфекции.
Тоа добро го знаат нашите мајки и баби, кои често користеле лук како природен лек, иако бил познат по непријатниот мирис кој траел со часови после јадење. Но, не грижете се – постои начин да се ослободите од тој проблем.
Мирисот на лукот кој се задржува долго после јадење е предизвикан од сулфурните соединенија кои се ослободуваат при варењето и влегуваат во крвотокот. Затоа, обичните освежителни средства за плакнење на устата нема да можат да го прикријат препознатливиот мирис. Сепак, одредени видови храна можат.
Истражувањата покажуваат дека јадењето јаболка, зелена салата, целер, компири, магдонос, нане, босилек или печурки, било со или веднаш по лукот, може значително да го намали неговиот мирис. Оваа храна содржи феноли, соединенија кои хемиски реагираат со сулфурот во лукот и го неутрализираат неговиот мирис.
Овој заклучок беше потврден со научни студии со помош на масена спектрометрија, која ги анализира молекулите според нивната маса. По консумирањето на овие намирници, нивото на сулфур во здивот на волонтерите било значително помало.
Нането содржи најмногу феноли, но изненадувачки, листовите зелена салата, кои имаат помала концентрација на феноли, исто така ефикасно го потиснуваат мирисот на лук.