Како до силни јавни финансии: Форум на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ


Силните јавни финансии не се само економска категорија. Тие се темелот врз кој се гради секоја успешна држава. Тие се предуслов за инвестиции во образованието, здравството, инфраструктурата, безбедноста и севкупниот развој на општеството. изјави премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите – ЦЕФ.

Тој посочи дека овој јубилеј од 25 години постоење на ЦЕФ, претставува признание за една мисија која четврт век придонесува за создавање подобри институции, подобри политики и подобро управување со јавните ресурси во целиот регион

-Особено значајно е што Центарот уште од своето формирање препозна дека вистинскиот напредок не доаѓа само преку донесување закони и стратегии, туку преку создавање луѓе кои имаат знаење, интегритет и капацитет тие политики успешно да ги спроведуваат. Во тој контекст, придонесот на оваа организација е далеку поголем од бројот на реализирани програми или учесници на обуките. Нејзиниот придонес се гледа во институциите кои денес функционираат подобро, во администрациите кои се поефикасни и во финансиските системи кои се постабилни и поотпорни, рече Мицкоски.

Тој ја пофали работата на министерката за финансии и нејзиниот тим, кои, како што рече, со својата посветеност, професионалност и сериозен пристап покажуваат дека финансиската дисциплина и развојот не се спротивставени цели, туку процеси кои мора да одат рака под рака. 

-Резултатите од таквиот пристап веќе се видливи. Според последните официјални податоци, во првиот квартал од годинава Македонија оствари раст на Бруто домашниот производ од 3,2 проценти, што нè позиционира меѓу првите пет економии во Европа според стапката на економски раст. Истовремено, минатата година беше забележан историски рекорд кај странските директни инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, што претставува највисок износ досега регистриран во нашата држава, рече Мицкоски.

Според премиерот, овие бројки не се само статистика, туку се потврда дека стабилните јавни финансии, одговорните економски политики и реформите што ги спроведуваме создаваат доверба кај инвеститорите, ја поттикнуваат економската активност и отвораат нови можности за развој. 

-Тоа е доказ дека кога институциите работат посветено, а политиките се темелат на знаење, дисциплина и јасна визија, резултатите не изостануваат. Денес имаме раст на индустриското производство, раст на извозот, раст на просечните плати и постепено намалување на невработеноста. Тоа се показатели кои зборуваат за економија што се движи напред, за стопанство кое создава нова вредност и за држава која постепено ја враќа довербата кај инвеститорите и бизнис заедницата, кажа Мицкоски.

Тој посочи дека во изминатиот период успеале да ја стабилизираат инфлацијата, да обезбедат предвидлива деловна средина и да ја зајакнат довербата во економските политики. 

-Тоа е особено важно во време кога голем број европски економии се соочуваат со забавен раст и неизвесност. Токму затоа овие резултати имаат дополнителна тежина и значење. Истовремено, работиме на реализација на најголемиот инвестициски циклус во поновата историја на државата. Градиме и реконструираме патишта, автопати, железничка инфраструктура, училишта, студентски домови, спортски сали, болници и енергетски капацитети. Тоа не се само инфраструктурни проекти. Тоа се инвестиции во конкурентноста на државата, во подобар квалитет на живот и во иднината на генерациите што доаѓаат, оцени тој.

Премиерот оцени дека една од најголемите вредности на ЦЕФ е неговата способност да ги поврзува институциите и луѓето околу заедничката цел – создавање поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи на управување.

-Исклучително ја цениме улогата што Центарот за извонредност во финансиите ја има во јакнењето на професионалните капацитети на јавната администрација. Бидејќи ниту една реформа не може да биде успешна доколку нема луѓе кои знаат како да ја спроведат, кои имаат визија да ја водат и интегритет да ја заштитат. Затоа инвестицијата во знаење секогаш е најисплатливата инвестиција. Знаењето создава подобри политики, а подобрите политики создаваат подобри институции. Подобрите институции создаваат економски раст. А економскиот раст создава подобар живот за граѓаните, нагласи премиерот.

Мицкоски заклучи дека државава останува посветена на реформите, модернизацијата на јавната администрација, дигитализацијата на процесите и континуираното јакнење на институционалните капацитети. 

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска рече дека Министерството за финансии е домаќин на ЦЕФ Форумот 2026 година, посветен на тема: „Управување во услови на неизвесност и градење отпорни јавни институции“. 

-Самиот наслов кажува дека денешниот ден го користиме за комуникација меѓу нас на сите присутни земји членки во ЦЕФ, претставници на централните банки и министерствата за финансии, во насока на тоа како да се справиме со предизвиците коишто постојано се случуваат во светско ниво, а тоа е речиси на секоја втора до трета година веќе имаме кризи коишто секој пат се сè посилни и посилни. ​Министерството за финансии е благородно на ЦЕФ затоа што не само во минатата година — изминатата година ние претседававме со ЦЕФ — меѓутоа во изминатите години голем број на вработени од јавната администрација беа обучувани на најразлични тренинзи организирани од ЦЕФ во Љубљана. Многу често се случува од институциите вработени да одат на тие тренинзи каде што го унапредуваат своето знаење. Врз основа на тие обуки коишто се случуваат во ЦЕФ Љубљана, се роди идејата за отворање на Академијата за јавни финансии во Министерството за финансии, којашто, да кажам, почнувајќи од 2026 година веќе активно работи. Работеше и во изминатите години, меѓутоа не беше таа активност на ниво како што е оваа година, со јасен и прецизен календар, со точно дефинирани тренинзи, рече Димитриеска Кочоска.

„Нашата цел е да изградиме систем кој не само што реагира на предизвиците, туку и навремено ги предвидува ризиците и создава политики што обезбедуваат долгорочна стабилност и сигурност за економијата и граѓаните“, истакна министерката.

Министерката се осврна и на формирањето на Академијата за јавни финансии, која треба да прерасне во центар за знаење, иновации и континуиран професионален развој во јавниот сектор, истакнувајќи дека инвестициите во човечкиот капитал и градењето професионална и компетентна администрација остануваат меѓу највисоките приоритети.

„Институциите не се силни поради нивните правила и процедури, туку поради луѓето кои секојдневно работат во нив. Затоа вложувањето во знаење, интегритет и лидерски капацитети е суштински дел од реформската агенда“, додаде таа.

​Директорката на ЦЕФ Јана Репаншек посочи дека ЦЕФ е меѓународна организација со седиште во Љубљана и дека ги поддржуваат земјите да развијат капацитети за управување со јавни финансии.

-Во овој поглед, работиме со министерствата за финансии, централните банки, даночните администрации и ресорните министерства кои работат интензивно, кои се, велиме, буџетски интензивни, кои работат со јавни средства. Во случајот на Северна Македонија, дефинитивно има голема поддршка за развој на капацитетите во институциите и има голема поддршка за реформската агенда, рече таа.

Пред почетокот на Форумот Министерството за финансии беше домаќин на Годишниот состанок на Управниот одбор на Центарот за извонредност во финансиите (CEF), кој традиционално ги обединува претставниците на институциите и носителите на политики од регионот.
На Форумот учествуваа министри, гувернери на централни банки, високи владини претставници и меѓународни експерти, кои разменија искуства и ставови за лидерството во услови на притисок, координацијата во сложени околности и градењето институционални капацитети за справување со идните предизвици.
Настанот претставува значајна регионална платформа за дијалог и соработка, насочена кон унапредување на јавните политики и јакнење на институционалната отпорност во земјите од регионот.