Како беше отстранета плочата на Борис Трети во Ерусалим

Во Израел нема споменик за Борис Трети, имаше плоча поставена од бугарските Евреи што живеат во САД, но израелските власти ја отстранија во 2000 година поради улогата на царот во депортацијата на Евреите од окупираните територии


Царот Борис му беше лојален на Хитлер до самиот крај, па дури и кога по падот на Мусолини Италија бараше начин да излезе од војната и некако да им се приклучи на сојузниците

 

Томе Блажевски, претседателот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, при тензичното отворање на просториите на здружението, рече дека споменик на бугарскиот цар има и во Тел Авив, Израел. Сакајќи индиректно да нагласи дека улогата на Борис Трети во спасувањето на бугарските Евреи била признаена и во Израел.

Но тоа не е вистина. Имаше плоча за Борис Трети во Ерусалим, но таа беше отстранета од израелските власти во 2000 година поради улогата на бугарскиот цар во депортирањето на 11.300 Евреи териториите што бугарската војска ги окупира во 1941 година – Вардарска Македонија, Егејска Македонија и Тракија, јужна Србија и мал дел од Неготин Краина.

А плочата не ја поставија изрелските власти туку бугарските Евреи што живееја во САД. Тие во 1996 година одлучија да му се заблагодарат на царот за тоа што бугарската држава го спречи депортирањето на Евреите што живееја во рамките на Бугарија. Тие посадија шума во близината на музејот „Јад Вашем“ и ја нарекоа „Бугарска шума“. Подигнаа обележја на царот Борис, неговата сопруга царицата Јована, пратеникот Димитар пешев (најзаслужниот за спасувањето на Евреите, бугарската црква и народот. Но по реакцијата на еврејските здруженија поради тоа што бугарските окупаторски власти ја спроведоа депортацијата на Евреите во конц-логорот Треблинка од окупираните територии (неа ја преживеаја само седумдесетина) израелските власти формираа комисија на чело со еден од најистакнатите судии во државата и во јули 2000 владата одлучи да ги отстрани сите обележја затоа што не одговараа на вистината.

Оваа одлука беше донесена поради тоа што бугарската влада беше под силен домашен и меѓународен притисок да ја признае улогата на бугарската држава за депортацијата на Евреите од окупираните територии.

Новинарот Виктор Цветаноски, дописник на „Утрински весник“ од Бугарија (претходно и на „Нова Македонија“) и извонреден познавач на испреплетената макоедонско-бугарска испорија, во „Утрински весник“ пред петнесетина години во еден од своите бројни текстови, опиша како дојде до отстранувањето на спомен-обележјето на Борис Трети од Ерусалим. И како бугарските политичари одиграа голема улога во тоа време за да се разјасни мрачната улога на Борис Трети во депортацијата на Евреите.

Еве го тој текст на Виктор Цветаноски, кој фрла вистинска светлина и денес околу провокацијата со отворањето на бугарскиот клуб во Скопје. Текстот го пренесуваме во целост.

 

* * * * *

 

Темата за депортацијата на Евреите од Македонија и Тракија во Треблинка во Бугарија секогаш предизвикувала мошне жолчни расправи во кои се кажува многу повеќе отколку што официјална Софија сака да дознае светот. Постојат, главно, две сосема спротивни гледишта. Едните (левите сили), сметаат дека тогашната бугарска власт на чело со царот е одговорна за тоа што во Треблинка, логорот на смртта, беа испратени над  11.300 Евреи од окупираните територии, а другите (десните), тврдат дека за с` се виновни Германците и тоа било направено под нивен силен притисок.

Еден од поводите за таква полемична расправа во 2000 година беше симнувањето на плочата на царот Борис Трети во Ерусалим која му беше поставена во 1993 година во спомен на спасувањето на 48.000 бугарски Евреи. Десните, на чело со Сојузот на демократските сили, партијата на тогашниот претседател Петар Стојанов и експремиерот Иван Костов ја величеа улогата на царот, а левите предводени од БСП, на чие чело беше  бившиот претседател Георги Прванов ја поздравија одлуката на Израел за симнување на плочата, сметајќи дека царот немал никакви заслуги за спасување на бугарските Евреи и дека е еден од виновниците зашто македонските и тракиските Евреи животот го завршија во нацистичкиот логор во Полска.

Тогашниот потпретседател на Народното собрание, Балговест Сендов (пратеник од БСП) и уште четворица познати бугарски јавни личности испратија писмо до тогашниот израелски претседател Езер Вајцман, во кое подробно му ја објасниле вистинската профашистичка улога на царот Борис. Откако власта разбра за тоа писмо и за неговата содржина Сендов и неговите истомисленици ги нарече „валкани национални предавници“, „болни умови“ и продолжувачи на  комунистичкиот тоталитарен режим. Во декларацијата за негова смена, Сендов беше обвинет дека работел  против интересите на  татковината за да ѝ наштети на Бугарија и да омаловажи достојни Бугари.

Така јавно започна да се одмотува замрсеното клопче, се отворија сите карти и испливаа на површина многу валкани нешта за цар Борис и за тогашната профашистичка влада која ги жртвуваше Евреите од Македонија и Тракија без да и трепне око, нешто што дотогаш не ги знаела пошироката бугарска јавност.  Говорејќи од името на БСП, Георги Пирински рече дека во „Бугарската шума“ во Ерусалим не треба да има споменик на царот, туку на 11-те илјади Евреи пратени во смрт токму од него.

Благовест Сендов, кој и не помислуваше да поднесе оставка, изјави дека тој е современик на тие настани. Тогаш имал 12 години и  паметел како Еврејчињата во Бугарија оделе со жолти шестокраки ѕвезди и го запазувале вечерниот час. „Се сеќавам како еден Евреин со многу високо образование требаше да затвора конзерви во Асеновград“, рече тој, раскажувајќи ја притоа приказната што му ја кажал неговиот  стрико кој живеел во Тасос и гледал како  Евреите од Тракија биле депортирани во нацистичкиот логор Треблинка.

Академик Иљчо Димитров, кој исто така го потпиша писмото до Вајцман, напиша во еден весник за тоа како во 1942 година бугарската влада се вклучила во исполнувањето на  злосторничкиот план на Рајхот. Со двострана спогодба на Рајхот и Царството  требало да се депортираат во логорите на смртта 20.000 Евреи од „новите земји“  (Македонија и Тракија), но и од „старите предели“ (Бугарија). Кон веќе испратените 11.360 Евреи од „новите земји“ требало да се депортираат уште 8.000 од „старите граници“. „И покрај тоа што дејствувала под присила, исполнувајќи ги прифатените задолженија од Тројниот пакт,  бугарската држава ја носи целата одговорност за соучество во злосторствата на хитлеризмот“, истакна овој познат бугарски интелектуалец.

Претседателот на еврејската организација „Шалом“, Емил Кало истакна дека за цар Борис Трети немало ниту еден писмен документ, ниту еден доказ, дека учествувал директно во спасувачката акција. „Jас не би го наградил повеќе отколку едно кондураџивче, што ставило потпис  под петицијата ’Не посегнувајте на бугарските Евреи’“, нагласи тој.

Исто мислење изнесе и бившиот претседател на Бугарија, Жељу Желев. Тој за дневниот печат изјави дека царот не ги спасил Евреите од Бугарија и дека целата негова политика, од 1940 година до смртта во 1943 била, била антиеврејска. „Борис Трети се сообразувал со политиката на Хитлер. Во Бугарија фактички се воведуваат антиеврејски закони“, нагласи Жељев, додавајќи дека по донесувањето на Законот за заштита на нацијата  се вовел вечерен  час за движење на Евреите, кои биле задолжени да носат жолти ѕвезди, им се забранувало да вршат државни служби, ги интернирале во логори.

Според него, тогашнатата бугарска владата подоцна ја подготвила депортацијата. Испраќањето на Евреите од Тракија, Македонија и Источна Србија во Треблинка, било организирано не само со знаење на пронацистичката влада на Богдан Филов, туку и со активна соработка на окупаторската администрација во таканаречените нови земји. „Билетите на сите 11.343 депортирани Евреи во 1943 година се платени од бугарската влада“, нагласи Желев.

Израелскиот професор, д-р Михаил Бар-Зоар, потомок на бугарски Евреи, објасни дека главна причина за да биде симната плочата на цар Борис биле протестите на Евреите од Тракија и Македонија, кои,  според него, биле силно настроени против бугарскиот монарх, а нивните реакции бурни и емоционални. Поради тоа Израелскиот национален фонд реши да формира посебна комисија, која направила компромис со тоа што одлучи да ги симне плочите и наместо нив да подигне заеднички голем споменик. „На тој заеднички споменик освен убавата формула на благодарност кон благородните Бугари што ги спасиле своите сонародници во Втората светска војна, ќе има натпис за спомен  на убиените Евреи од Тракија и од Македонија“, нагласи Бар-Зоар.

За време на големата полемика весниците пренесуваа разни  видувања на тие трагични години за Евреите. Интересно е тоа што Македонија, која  Бугарите секогаш ја прогласувале за бугарска земја, а по нејзиното окупирање дека е остварен вековниот сон за ослободување и присоединување кон „мајка Бугарија“, тврдеа дека Рајхот ѝ ја дал на Бугарија за „администрирање“. Очигледно, со тоа сакаа да ја симнат вината на нивната профашистичка  власт и на царот за депортацијата на Евреите, иако нејзини војници и полицајци ги апсеа и ги натоварија во возовите за Треблинка. Главно оправдување зошто владата ја потпишала спогодбата за депортација на Евреите во февруари 1943 година беше дека таа била под силен германски притисок, дека „бугарскиот суверенитет бил многу кревок“, а бугарската држава „нездраво скрпена“ со новите територии.       

Академик Благовест Сендов беше сменет од функцијата, а тогашниот лидер на опозициската БСП, Георги Прванов, кој подоцна два мандата беше претседател на бугарската држава, ги обвини пратениците од власта дека сакаат да го рехабилитираат фашистичкиот режим што ја управуваше Бугарија до 1944 година. Според него, царот бил на чело на тогашното антисемитско раководство создадено по нацистички образец, а законите што ги донело биле основа за депортирање на 11.300 Евреи. Прванов на пратениците им прочита цитати на едно обраќање на царот во 1942 година пред Синодот на црквата во кое, меѓу другото, вели дека еврејската нација пречела на просперитетот на другите европски нации.