„Каде текла реката, пак ќе тече“ – групна изложба во КСП Центар „Јадро“


Во соработка помеѓу Центарот за истражување и известување за животната средина „Еко-Свест“ и КСП Центар „Јадро“, на 22  февруари, среда, во 20 часот ќе биде отворена групната изложба „Каде текла реката, пак ќе тече“.

Изложбата ќе биде поставена во КСП Центар „Јадро“ и ќе биде отворена за посетителите до 28 февруари.

На изложбата ќе бидат претставени  фото и видеоесеи во рамки на регионалната кампања за заштита на реките “Save the blue heart of Europe“,  од  авторите Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков.

Според организаторите, фокусот на „Каде реката текла, пак ќе тече“ е изградбата на малите хидроцентрали на територијата на Македонија кој оставаат непоправливи последици по животната средина и природата, до степен кој го загрозува опстанокот на водните екосистеми и на заштитените и ендемски животински и растителни видови.

„Во моментов, на дивите и недопрени реки низ земјава се изградени 98 мали хидроцентрали, a се планира изградба на уште најмалку 50 нови! Поголем дел од нив се градат во некои од најатрактивните речни долини во строго заштитени и значајни подрачја како што се: Баба Планина, Шар Планина, Караџица, Бистра, Даутица, Кожуф и многу други. Малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветна студија за оцена на влијанието врз животната средина“, велат од Јадро.

Тие нагласуваат дека уметниците и претставниците на „Еко-свест“, оствариле повеќе теренски посети на локации во заштитени подрачја каде има изградени мали хидроцентрали .

„Тие преку фотографија и видео се осврнуваат на штетите врз природата кои ги предизвикува изградбата на малите хидроцентрали – изградба на бариери кои го фрагментираат речното корито, оневозможување на слободното движење и миграција на рибите и останатите акватични видови, канализирање на водата во цевки и оставање суви речните корита, менување на геоморфологија на теренот, сечење на шумите заради изградба на пристапни патишта и фрагментирање на шумските живеалишта, ерозија на теренот, загадување на водните текови заради акумулирање на седименти во речните корита и многу други штети врз природата, реките и екосистемите“, посочуваат од Јадро.