Каде е принцезата Каролина од Монако?


Монако- Принцезата Каролина од Монако, ќерката на славната Грејс Кели, веќе поодамна ја нема на гала настаните освен во улогата на домаќинка на Добротворниот бал на ружите во Монако, кој во 1954 година го започна принцезата Грејс од Монако, како и годинава, во август, на темата Боливуд.

Со кралот на чевлите Кристијан Лубутан и принцот Алберт на Балот на ружите, август, 2023

Претходно, нејзината помала сестра Стефани исчезна од јавниот живот на Монако. Гламурозната традиција на монегашкото семејство ја продолжува колку-толку принцот Алберт чии проблеми во бракот со принцезата Шарлин ги окупира светските медиуми. 

Принцезата Каролина која сега има 66 години, беше три пати во брак. Со плејбојот Филип Жино (1978-1980) кој не им беше по вкус на мајката Грејс и таткото Рение Трети, со Стефано Казираги (1983-1990) кој загина во спортска несреќа на вода и со него ги имаше децата Шарлот, Андреа и Пјер и со Ернст Август фон Хановер (1999) со кој ја има ќерката Александра и по кој брак ја носи титулата принцеза од Хановер. По разводот од Хановер, во јавноста не  е видена со партнер, а сите деца, освен принцезата Александра се веќе во бракови и имаат деца. 

Папараците летово ја фатија како одмара на Сицилија, придружувана од принцезата Александра од Хановер и нејзиното момче Бен Силвестер Страутман. Сепак, високите температури и вистинските летни горештини не го расипаа беспрекорниот стил на 66-годишната Каролина, која во секоја прилика е верна на класичната елеганција и безвременските парчиња, за разлика од Стефани која не се откажа од спортскиот стил.

Омилен бренд и е Шанел, а легендарниот креатор Карл Лагерфелд и беше близок пријател сѐ до неговата смрт.