Каде е Германија во судирот за Украина – се прашуваат сојузниците

Во последните денови, Германија се издвојува од другите земји на НАТО повеќе за она што нема да го направи отколку за она што го прави


 

Соединетите Американски Држави и нивните сојузници во НАТО се обидуваат да ги зголемат своите воени обврски на Балтикот и Источна Европа додека се продлабочува судирот со Русија околу Украина.

Данска испраќа борбени авиони во Литванија и фрегата во Балтичкото Море. Франција понуди да испрати војници во Романија. Шпанија испраќа фрегата во Црното Море. Претседателот Џо Бајден стави илјадници американски војници во „висока готовност“.

А што е со Германија. Во последниве денови, Германија – најголемата и најбогатата демократија во Европа, стратешки сместена на раскрсницата меѓу Истокот и Западот – се издвојува повеќе по она што нема да го направи отколку по она што го прави.

Ниту една европска земја не е толку важна за европското единство и западната алијанса. Но, додека Германија се бори да ја надмине својата неподготвеност по Втората светска војна да води по безбедносните прашања во Европа и го остави настрана својот инстинкт да се приспособи наместо да се спротивстави на Русија, најклучната европска земја се разбранува на првиот клучен тест за новата влада на канцеларот Олаф Шолц.

Очигледното двоумење на Германија да преземе силни мерки ги поттикна сомнежите за нејзината веродостојност како сојузник – менувајќи ја динамиката со САД во последниве години – и ја зголеми загриженоста дека Москва би можела да го искористи германското колебање како клин за да го подели европскиот одговор на каква било руска агресија.

Бајден оствари видео-повик со европските лидери во понеделникот вечерта, велејќи дека поминал „многу, многу, многу“ добро, а претходно Шолц повтори дека Русија ќе претрпи „големи последици“ во случај на воена интервенција. Но, сојузниците на Германија сè уште се оставени да се прашуваат каква цена е подготвена да поднесе за да се конфронтира со можна руска агресија.

„Во рамките на Европската унија, Германија е клучна за постигнување единство“, рече Норберт Ретген, висок конзервативен пратеник и застапник за помускулеста германска надворешна политика. „Целта на Путин е да ги подели Европејците, а потоа да ги подели Европа и САД. Ако преовладува впечатокот дека Германија не е целосно посветена на силен одговор на НАТО, тој ќе успее да ја парализира Европа и да ја подели алијансата“.

Додека Русија одржуваше воени вежби во близина на украинската граница во вторникот, Шолц се состана со францускиот претседател Емануел Макрон во Берлин, предупредувајќи ја Москва дека „воената агресија што го доведува во прашање територијалниот интегритет на Украина ќе има сериозни последици“.

Но, германската влада не само што отфрли каков било извоз на оружје во Украина, туку и задржува пратка со девет хаубици од времето на комунизмот од Естонија во Украина.

Шолц и другите високи социјалдемократи во неговата влада и партија беа нејасни околу тоа дали затворањето на контроверзниот подморски гасовод „Северен тек 2“ од Русија до Германија ќе биде дел од арсеналот на можни санкции против Русија, инсистирајќи дека тоа е „проект од приватен сектор“ и е „одвоен“ од Украина

Историјата е таа поради која Германците гледаат поинаку на Русија од Американците.  Најголемата руска царица беше Катерина Велика, Германка, која случајно го направи Крим дел од Русија

Во меѓувреме, Фридрих Мерц, избраниот нов лидер на опозициската конзервативна партија на Ангела Меркел ЦДУ, предупреди да не се исклучуваат руските банки од мрежата на платежни трансакции Свифт што се занимаваат со глобални финансиски трансфери, бидејќи тоа ќе им „наштети“ на економските интереси на Германија.

Заматениот став на Германија е особено вознемирувачки за Украина и нејзините источни соседи. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го обвини Берлин дека ефикасно ја „охрабрува“ руската агресија. Другите не беа помалку застрашувачки.

„Берлин прави голема стратешка грешка и го става на ризик својот углед“, изјави Лауринас Кашјунас, претседател на Комитетот за национална безбедност на литванскиот парламент, за јавната телевизија ЛРТ.

Артис Пабрикс, министерот за одбрана на Летонија, изјави дека деновиве германското одвраќање „не да испрати оружје во Украина, туку теренска болница“.

Напнатоста во алијансата дојде до израз изминатиов викенд, кога командантот на германската морнарица рече дека претседателот Владимир Путин на Русија заслужува „почит“ и дека Крим „никогаш“ нема да ѝ биде вратен на Украина. Адмиралот Каи-Ахим Шонбах поднесе оставка, но реакцијата беше брза и емотивна.

„Овој покровителски став потсвесно, исто така, ги потсетува Украинците на ужасите на нацистичката окупација, кога Украинците беа третирани како под-луѓе“, рече Андриј Мелник, амбасадор на Украина во Германија.

Вашингтон се мачеше јавно да ја нагласи својата доверба во Берлин, додека приватно лобира Шолц да заземе поцврста линија.

Бајден испрати неколку емисари во Берлин. Вилијам Барнс, шеф на ЦИА, му ги претстави на Шолц најновите разузнавачки информации за Украина. Државниот секретар Антони Блинкен, кој запре во Берлин пред да се сретне со својот руски колега во Женева минатата недела, изјави во неделата дека „нема сомнеж“ во решеноста на Германија да ѝ се спротивстави на Русија.

„Тоа кажува дека САД мора јавно да ја потврди својата доверба во Германија“, рече Јана Пуглиерин од Европскиот совет за надворешни односи со седиште во Берлин. „Тоа порано се знаеше“.

Дебатата околу тоа каде точно лежи германската лојалност не е нова. Руско-германските односи се обликувани од вековната трговска и културна размена, но и од две светски војни. Студената војна додаде уште еден слој на сложеност: Западна Германија стана цврсто вградена во западниот сојуз додека Источна Германија живееше под советска окупација.

„Зошто ние ја гледаме Русија поинаку од Американците? Историја“, вели Матијас Плацек, претседател на Руско-германскиот форум и поранешен претседател на социјалдемократите на Шолц. „Германија и Русија се поврзани илјада години. Најголемата руска царица беше Катерина Велика, Германка, која случајно го направи Крим дел од Русија“.

„Двапати ја нападнавме Русија, а вториот пат тоа беше геноцидна војна“, додаде тој. „Дваесет и седум милиони Совети загинаа, меѓу нив 15 милиони Руси“.

Тоа не значи дека Германија не успеа да се спротивстави на Русија во последните години. Германија командува со мултинационална борбена единица на НАТО во Литванија и помага да се надгледува воздушниот простор на Балтикот против руско мешање. Планира да испрати борбени авиони во Романија следниот месец за да го стори истото таму. (И да, таа исто така испраќа теренска болница во Киев, Украина, следниот месец.)

Во 2014 година, кога Путин ја нападна Украина и го анектираше Крим, Меркел беше таа што ги собра соседните земји на Истокот и Западот за да ги поддржат строгите санкции кон Русија.

Но промената на германското раководство по 16 години со Меркел на чело, создаде влада која е поделена околу тоа колку тешка линија да се повлече со Русија.

Социјалдемократите на Шолц традиционално се залагаат за политика на работа со Русите. Во 1970-тите, канцеларот Вили Брант ја дизајнираше политиката на зближување со Москва за време на Студената војна, додека последниот социјалдемократски канцелар, Герхард Шредер, не беше само близок пријател на Путин (тој го прослави својот 70-ти роденден со него), туку е на платниот список на руските енергетски компании од 2005 година.

Новата министерка за надворешни работи од партијата на Зелените, Аналена Бербок, беше поотворена зам построг однос кон Русија. Но, дури и таа повлече линија за испраќање германско оружје во Украина, наведувајќи ја „историјата“.

Политиката за извоз на оружје на многу начини го отелотворува современиот германски парадокс на нација која знае дека треба да преземе поголема лидерска одговорност во светот, но не е сосема подготвена да дејствува на тој начин.

„Идејата дека Германија испорачува оружје што потоа би можело да се користи за да се убијат Руси, е многу тешко да ја сварат многу Германци“, рече Марсел Дирсус, политички аналитичар и нерезидентен соработник на Институтот за безбедносна политика на Универзитетот во Кил, Германија.

Владата е уште поподелена околу „Северен тек 2“, гасовод во сопственост на „Гаспром“, руската државна енергетска компанија, за кој многумина стравуваат дека ќе му даде лесен начин на Путин да изврши влијание врз европските сојузници на Америка.

Русија е главен снабдувач на природен гас во Европа. Штом ќе профункционира „Северен тек 2“, „Гаспром“ ќе може да продава дополнителен гас на европските клиенти без да плаќа транзитни такси за Украина.

Поддржан од Меркел во 2015 година, една година откако Русија првпат ја нападна Украина, „Северен тек 2“ долго време го разгорува Вашингтон и европските престолнини.

Иако Бербок од Зелената партија не се срамеше да го изрази своето непријателство кон проектот, Меркел и Шолц го бранеа врз основи на економската и енергетската безбедност и долго време ја исклучуваа можноста да го користат како потпора во разговорите за санкциите.

Дури минатата недела, стоејќи до генералниот секретар на НАТО, канцеларот го смени јазикот, велејќи дека „сè“ ќе биде на маса во случај на руска инвазија.

„Путин му даде на НАТО нова причина за постоење“, рече Дирсус. „Кој знае, можеби тој може еднаш засекогаш да ги научи Германците дека светот се променил и тие треба да бидат подготвени да платат за да го бранат мирот“. (Њујорк тајмс)