Јужна Кореја и САД ќе започнат големи воени вежби на 18 август

Јужна Кореја и САД ќе одржат големи воени вежби овој месец со цел да ја зголемат својата заедничка борбена готовност во услови на растечки воени закани од Северна Кореја, соопштија денеска сојузниците, цитирани од јужнокорејските медиуми.
Годишните вежби „„Улчи фридом шилд“ (УФС) ќе се одржат од 18 до 28 август и ќе вклучуваат обука за реални закани за подобрување на капацитетите на сојузниците во сите области, соопштија војските на двете земји.
Овогодишните маневри ќе доживеат мала промена – 20 од 40-те задачи за обука ќе бидат одложени за септември, изјави портпаролот на Здружениот штаб на Јужна Кореја на денешниот брифинг.
Одлуката за промена на распоредот е главно поттикната од екстремните временски услови, рече тој, негирајќи дека зад тоа стојат политички фактори.
Овогодинешната вежба ќе го тестира одговорот на војските од двете страни на зголемените нуклеарни закани од Северна Кореја, како и најнапредните технологии што се користат во модерното војување, рече портпаролот, наведувајќи ги конфликтите во Украина и Блискиот Исток. Вежбата ќе вклучува сценарио за лансирање ракети од Северна Кореја, но нема да опфати потенцијален нуклеарен тест од страна на Пјонгјанг, додаде тој.