Јутјубер откри колку заработил од 1,3 милијарди прегледи, многумина се изненадени


Јутјуберот Каи Менцер откри колку заработил објавувајќи содржина на платформата, а многумина беа изненадени од резултатите. Според Global Media Insight, Јутјуб (YouTube) има околу 122 милиони активни корисници дневно, додека на платформата секоја минута се поставуваат околу 500 часа нова содржина. Но, колку всушност заработуваат Јутјуберите од нивните видеа?

Колку можете да заработите на Јутјуб?

Еден креатор на содржина одлучи да ја сподели аналитиката на својот канал и да ја открие точната сума што ја заработил од 1,3 милијарди прегледи.

Првото видео што го анализирал е осумминутно видео за игри, кое собрало 4,8 милиони прегледи. „За осум минути гејмерска содржина заработив 9.117 долари“, рече тој, додавајќи дека видеото имало вкупно 267.600 часа прегледување. „За ова видео добив и 4.000 долари од спонзор“, објасни Менцер.

Неговите видеа имаат милиони прегледи.

Потоа покажа податоци за друго видео на неговиот канал, кое имаше 5,7 милиони прегледи и траеше само една минута и 12 секунди. Тоа видео му донесе 4.085 долари, додека друго, со 6,3 милиони прегледи и времетраење од една минута и 17 секунди, заработи 4.456 долари.

Неговото трето најгледано видео во кратки форми – долго 54 секунди – имаше 82,6 милиони прегледи и му донесе 4.112 долари приход од реклами. Сепак, тој забележа пад на заработката со едно од неговите видеа на YouTube Shorts, кое собра 86,5 милиони прегледи, но заработи само 2.925 долари.

Неговото најгледано видео – 94,9 милиони – му донесе 145.200 нови претплатници и приход од 3.395 долари.

Вкупна заработка од каналот

Според аналитиката прикажана на видеото, Менцер достигна 1,3 милијарди прегледи на неговиот канал. Неговата содржина беше гледана вкупно 16 милиони часа, а каналот имаше два милиони претплатници. Севкупно, Менцер заработил 157.386 долари од видеата објавени на Јутјуб.

Сепак, некои забележаа дека исплатите биле поскромни отколку што очекувале. „157 илјади долари не се малку, но за 1,3 милијарди прегледи очекував 300 илјади долари или повеќе“, „Мислев дека видео со 4-5 милиони прегледи ќе донесе повеќе од 10 илјади долари“, се само дел од коментарите.

Како функционира системот за монетизација на YouTube?

Според платформата IFTTT, важно е да се разбере како всушност функционира системот за плаќање на YouTube. За да може креаторот на содржина да заработи пари на платформата, тој мора да биде дел од Програмата за партнери на Јутјуб (YPP). За да се квалификува за YPP, јутјуберот мора да има најмалку 1.000 претплатници и 4.000 часови на гледање во последните 12 месеци. Откако ќе биде одобрен, тој може да почне да ги монетизира своите видеа преку реклами, спонзорства и други извори на приходи.

Сепак, заработката по преглед може значително да варира и да зависи од неколку фактори, вклучувајќи:

Локација на гледачот
Буџетот на огласувачот
Типот на реклами што се појавуваат на видеата

Според IFTTT, Јутјуб плаќа во просек помеѓу 0,01 и 0,03 долари по преглед, но тоа е само груба проценка – заработката може да биде многу поголема, но и значително помала. Исто така, Јутјуб зема 45% од приходите од реклами, додека креаторот ги добива останатите 55%, пренесува Индекс.хр.