Јупитер е помал отколку што се мислеше порано
Јупитер е убедливо најголемата планета во нашиот Сончев систем, но новите мерења покажуваат дека е малку помала отколку што се мислеше претходно.
Користејќи податоци од вселенското летало „Џуно“ на НАСА, научниците ги добија најпрецизните мерења досега за обликот и големината на петтата планета од Сонцето. Информациите даваат поцелосно разбирање за гасниот џин и неговата сложена внатрешна структура, објавува Ројтерс.
„Џуно“ забележа дека Јупитер има екваторски дијаметар од 142.976 километри, осум помалку отколку што покажаа претходните мерења. Исто така, беше откриено дека дијаметарот на најголемата планета од северниот до јужниот пол е околу 133.684 километри, или 24 помалку отколку што се веруваше претходно.
„Џуно“ орбитира околу Јупитер од 2016 година.
Јупитер, како и Земјата, не е совршена сфера, туку е делумно „сплескан“, а новите податоци покажуваат дека ова е малку повеќе отколку што се мислеше претходно. Екваторот на Јупитер е околу седум проценти подолг од неговиот вертикален дијаметар. Од друга страна, екваторот на Земјата е само 0,33 проценти подолг од вертикалниот дијаметар.
Поранешните мерења на Јупитер беа базирани на податоци собрани од вселенските летала „Војаџер“ и „Пионир“ на НАСА кон крајот на 1970-тите. „Џуно“, лансирана во 2011 година, орбитира околу најголемата планета од 2016 година, испраќајќи сурови податоци назад на Земјата.
НАСА ја продолжи својата мисија во 2021 година, давајќи им можност на научниците да продолжат со мерењата што потоа овозможуваат попрецизни истражувања.