Јубилејно издание на „Браќа Манаки“: Филмаџии, дипломати и лидери


Јубилејното 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на црвениот тепих во Битола донесе голем број гости од земјава и странство, љубители на филмот, филмски работници – кинематографери, актери, режисери, претставници на највисокиот политички врв на државата, дипломати, јавни личности. Сите дојдоа да ја почувствуваат магијата на филмот во градот кој веќе 40 години им се оддолжува на браќата Јанаки и Милтон Манаки. „Едно кадро за мене, едно за историјата“ било нивното мото под кое токму од Битола ја започнаа балканската филмска историја.


На свечената церемонијата во саботата беа врачени наградите „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман и „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ што ДФРМ му ја додели на композиторот Љупчо Константинов, а фестивалот беше отворен со најновиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, „Болка и слава“, кој премиерно беше прикажан на Канскиот фестивал.
Министерот за култура Хусни Исмаили изрази задоволство што на јубилејното славење на филмот на најстариот фестивал за филмска камера во светот ја има можноста да ја сподели сцената со доајените од македонската кинематографија и со великаните од светскиот филм.
– Би сакал да се поклонам пред основоположниците на македонската современа организирана кинематографија кои покажаа храбра визија кога пред 40 години, во градот на првите сниматели на Балканот, почнаа да ги организираат тогашните „Манакиеви средби“. Тие пионери, посветени вљубеници во филмот, како и генерациите по нив, и денешните млади филмаџии и менаџери, успеаја да се изборат за блескаво место на фестивалот „Браќа Манаки“ во мапата на огромниот број фестивали за филм во целиот свет – истакна Исмаили.


Од името на ИМАГО, Меѓународната асоцијација на кинематограферите, присутните ги поздрави Најџел Волтерс.
– Сите ние овде денеска сме собрани за да го славиме раскажувањето преку подвижните слики и да се потсетиме на денот кога Јанаки заминал во Лондон за да ја купи камерата и воопшто не претпоставувал дека алатката која ја купува ќе стане главната алатка на најголемата уметност на иднината. Битола стана Мека на сите кинематографери и како потпретседател на британското здружение на кинематографери дојдов овде да ви ги пренесам честитките и од најголемиот број на лауреати на овој фестивал во изминатите години – рече Волтерс и се присети на бурните реакции на битолчани при еден обид фестивалот да се пресели во Скопје.
-Пред отворањето на фестивалот, излегов надвор и додека врнеше пороен дожд видов една група голема група луѓе од Битола кои стоеја таму и протестираа затоа што им беше одземен фестивалот. Не знам дали меѓу вас се некои од тие луѓе, но јас сметам дека тие се вистинските херои на Фестивалот, заедно со волонтерите, кинооператорите, сите оние луѓе кои навистина напорно работат за сето ова да се реализира – додаде Волтерс.


Џим Шеридан, едно од најимпресивните европски ирски филмски имиња, режисер, сценарист, продуцент и филмски творец на незаборавни филмски стории на присутните им се обрати од името на ЕФА.
Претседателот на Друштвото на филмските работници, Игор Иванов, му ја врачи наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ на композиторот Љупчо Константинов.
Константинов истакна дека оваа награда за него има посебно значење бидејќи ја добива во Битола, токму во градот од каде што потекнува. Се заблагодари на ДФРМ за доделената награда и на режисерите кои имале доверба да му доверат да ја напише музиката за нивните филмови.


– Во изминативе години некогаш бев повеќе, а некогаш помалку успешен, но и понатаму ќе се трудам да бидам подобар и подобар – рече Константинов.
„Златна камера 300“ за животно дело годинава отиде во рацете на Едвард Лакман, кинематографер наречен „Волшебникот со камерата“.
– Односот меѓу кинематограферот и режисерот не е како брак, туку како двојка која танцува. Само прашање е дали двајцата ја слушаат истата музика. Режисерот е оној што ја поставува сцената и треба да ги третира кинематограферите како уште еден актер која ја дава својата најдобра изведба, но важно е дали режисерот ќе му овозможи навистина да блесне во сиот свој сјај. Ова е ретка можност за мене, многу слушав за Фестивалот и со години сакав да дојдам овде. Во овој дел од животот добивањето на едно вакво признание се чини дека е завршница, но мене ми се чини дека покажува оти тоа е постојан процес на учење едни од други и учење преку различни искуства – рече Лахман, кој со долги овации беше испратен од сцената.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, кој е покровител на фестивалот, рече дека 40 годишниот јубилеј е потврда дека доследно и посветено е чувано наследството што го оставија Јанаки и Милтон Манаки.


– Штом ќе доживее четириесет години, за еден фестивал не велиме дека е стар, туку дека пронашол трајно место во културата на една држава и на еден народ. Фестивалот „Браќа Манаки“ започнал како скромен собир во чест на првите балкански кинематографери. Претпоставувам дека тогаш тоа било и еден вид пилот-епизода за која ретко кој верувал дека ќе прерасне во реномиран европски и светски познат фестивал. Филмската уметност е ангажирана уметност која, меѓу другото, зборува и за совеста на општеството. За мене и за многумина, филмските уметници се контракултурните херои кои на филмското платно адресираат дел од најгорливите прашања на нашето време – социјалната неправда, човечкото достоинство, бегалците, дискриминацијата, екологијата – рече меѓу другото Пендаровски.
Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, им се заблагодари на сите што помогнаа во реализацијата на фестивалот, но и на основачите на манифестацијата која на почетоците беше позната како „Манакиевите средби“.
– За мене овој фестивал е мојата филмска школа. Јас од 1985 година сум дел од вас, од овој Фестивал. Навистина можам да кажам дека овој Фестивал е мојата голема љубов. Велат дека оние што прашуваат ја носат светлината. Овие филмови што ги одбравме за вас ќе ви постават многу прашања – рече Теодосиевска.
Иако церемонијата на свеченото отворање траеше подолго од вообичаено, речиси час и половина, со многу говори и обраќања по повод 4-деценискиот јубилеј, големата сала на Центарот за култура во Битола остана полна до последното место и за време на проекцијата на филмот на отворање, што ретко се случувало во годините наназад. Во публиката, како специјален гостин, седеше и Хозе Луис Алкаине, кинематографер на филмот „Болка и слава“.
– Втор пат сум во Битола и повторно ова е неверојатно искуство за мене. Мојот прв јазик не е англискиот, не е ниту македонскиот, ниту шпанскиот, туку сликите и се надевам дека преку сликите ќе ви го пренесам она што сакам да ви го кажам – рече Алкаине пред проекцијата.
Пред да стигнат на црвениот килим, гостите и публиката поминаа низ специјално изградена конструкција во која се одвиваше преформансот во чест на јубилејот на еден од најголемите филмски фестивали посветен на работата на кинематограферите во Европа. Беше тоа своевидно синематично доживување во кое и публиката беше вклучена како актер, како еден фрејм од „филмот“. Доживување во кое реалноста се претопува во уметност и обратно. Во перформансот учествуваа кореографката Искра Шукарова, режисерот Јохан Мелин од Шведска, а го режираше Срѓан Јаниќијевиќ.

Емилија Мисирлиевски