Концерт на Дино Имери со ретко дело на Бах по повод 60-годишниот јубилеј на ФМУ во Скопје
Факултетот за музичка уметност во Скопје со концерт на пијанистот Дино Имери вечер ќе одбележи 60 години постоење. Концертот ќе се одржи од 20 часот во концертната сала на ФМУ и ќе биде бесплатен за посетители.
На програмата на концертот е „Голдберг варијации” од Јохан Себастијан Бах, за кое Имери вели дека е дело застапено на репертоарот на мал број пијанисти во светот поради тоа што од изведувачот бара огромна подготвеност, уметничка зрелост и исклучителен технички виртуозитет.
Ова дело Имери лани го изведе во Виена и ќе го изведува на претстојната турнеја во неколку градови во Германија, во организација на „Керценконцерте Дојчланд“.
-Со задоволство се приклучувам кон честитките за овој значаен јубилеј на мојата матична институција – Факултетот за музичка уметност, каде што своевремено се стекнував со своето образование, а денес сум дел од наставниот кадар како вонреден професор. Активно ги подготвувам „Голдберг варијации” последниве шест години и може да кажам дека станува збор за творба која се проучува целиот творечки живот. За мене секоја изведба на ова дело претставува огромен предизвик, но и празник за душа. Неделава ќе имам можност да ги изведам дури четири пати на различни места во светот, а за тоа е потребна посебна дисциплина, посветеност и начин на живот, изјави Имери.
Покрај Имери, на концертот вечер ќе настапи и Лина Бојаџиева, студентка во класата на вонреден проф. м-р Марија Вршкова, која, исто така, ќе изведе музика од Бах.
Факултетот за музичка уметност Скопје соопшти дека „влегува во ново и динамично поглавје преку богата концертна активност, семинари и настани со кои на достоен начин го одбележува овој значаен јубилеј“.