Комеморација за Родољуб Анастасов во Музејот на град Скопје
Во Галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ во рамки на Музејот на град Скопје денеска во 12 часот ќе се одржи комеморација во спомен на доајенот на современата македонска ликовна уметност, професорот Родољуб Анастасов.
Како што соопшти Музејот на град Скопје, на комеморацијата колегите, пријателите, семејството и почитувачите на творештвото ќе му оддадат почит на Анастасов, кој се вбројува меѓу најзначајните македонски сликари и еден од првите претставници на енформелот во македонската ликовна уметност.
Родољуб Анастасов е роден на 25 февруари 1935 година во Скопје. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје во 1954 година, а во 1955 година станал вонреден студент на Вишата педагошка школа во Скопје, на ликовниот отсек. Во 1962 година дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Белград. Во периодот од 1963 до 1965 година бил на робија на Голи Оток. Бил член на меѓународната уметничка група „Јуниј“ и добитник на бројни награди и признанија, а за неговото богато творештво се издадени повеќе монографии и каталози.
Анастасов беше професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, каде ја оствари својата професорска кариера, а почина на 4 април 2026 година во Скопје.
Во 2011 година Анастасов му отстапи во трајна сопственост на Музејот на град Скопје околу 400 исклучително значајни ликовни дела од својот богат опус, со што беше формирана збирката на Галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“. Збирката опфаќа дела од различни ликовни циклуси и стилски определби, создадени во периодот од 1957 до 2010 година.
Во неа се вклучени рани акварели и цртежи од петтата деценија на минатиот век, графики, вечерни актови од студентските години во Белград, значајната серија цртежи од периодот 1957–1965, подоцна наречена „Енформелска лабораторија“, како и слики и серии од енформелската фаза и понатамошните циклуси: „Вибрации“, „Прошетка низ просторот поради причина“, „Во потрага по изгубениот простор“, „Вертикали на едно постоење“, „Бранување“, „Вклештување“, „Спектар на светлосниот извор“, „Небо и човек“ и „Човек и време“.
Најобемниот и најдолготраен циклус на Анастасов, „Човек и простор“, на кој авторот работел речиси три децении – од 1978 до 2008 година, зазема централно место во неговото доцно творештво.