Јубилеен концерт на НУ Камерен Oркестар на Битола


НУ Камерен оркестар на Битола, синоќа во Офицерски дом, одржа јубилеен концерт, посветен на три годишнината од формирањето.

Уметниците, членови на оркестарот извеоа програма која го отслика неговиот досегашен уметнички пат, зрелост и континуиран стремеж кон квалитетна концертна продукција.

На концертот одржан под диригентска палка на маестро Борјан Цанев, беа изведени дела од различни стилски периоди и музички изрази, создавајќи богата концертна целина. Во првиот дел беа изведени композиции од Клод Дебиси, со Прелудиум VI „Стапки во снегот“ и Прелудиум VIII „Девојката со ленена коса“, во оркестрација на Б. Цанев, како и „Capriol Suite“ од Питер Ворлок, „Fantasia on Greensleeves“ од Ралф Вон Вилијамс и „Romanian Folk Dances“ од Бела Барток.

Во вториот дел од концертот, публиката имаше можност да ја слушне „Serenade for Strings“ од Едвард Елгар, „A Little Daneliade“ од Гија Канчели, како и „Happy Birthday Variations“ од Питер Хајдрих, дело кое на симболичен и уметнички начин ја заокружи јубилејната вечер.

Во изминатите три години, НУ Камерен оркестар на Битола реализираше повеќе од 30 концерти, настапуваше на значајни сцени низ Македонија и оствари гостувања надвор од државата, меѓу кои и во Виена и Рим. Со својата посветеност, професионализам и постојана активност, оркестарот изгради силна врска со публиката и се позиционираше како еден од значајните музички ансамбли во земјата.