Јетон Шаќири тврди: Џабе протестирате, стипендиите ви се исплатени
Министерот за образование Јетон Шаќири преку Фејсбук им порача на студентите да не си губат време на протестирање во недела кога се полагаат испитите, бидејќи стипендиите веќе им се исплатени, а тие подлегнуваат на шпекулации.
„Додека го читате овој пост на вашата сметка ги имате средствата за стипендија сите вие студенти кои ги исполнивте условите за продолжување и ретроактивното плаќање со спогодба. Искрено сакам да изразам благодарност до сите сектори низ кои се одвива процесот на стипендиите додека не стигнат до вас. Ве повикувам да ја искористите концентрацијата и енергијата за поголем успех на испитите кои ги имате оваа недела, апелирам да не дозволите да бидете манипулирани од дезинформации и злонамерни повици“, се вели постот на фејсбук профилот на Јетон Шаќири, министерот за образование и наука пред за денеска најавениот протест на студентите.
Министерот Шаќири воедно ги потсети студентите дека се зголемени и износите за студентскиот оброк, за стипендиите и дека разликата на стипендиите е платена и за претходниот период.
„Докажавме дека работиме посветено за студентите“, вели Шаќири.