За Јанкулоска прислушувањето било монструозно, немала мотив да учествува


Иако вината ја префрлаше на УБК, ниту еднаш не го спомена првиот човек на Управата, Сашо Мијалков, во својата одбрана и во нападите

 „Јас немав никаков мотив да учествувам во ваков чин поврзан со монструозно кршење на човековите права“, тврдеше Јанкулоска во својата одбрана во судот

 

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, со другите обвинети од УБК денеска ги презентираше завршните зборови пред да се изрече пресудата за случајот „мајка“ на сите случаи „Таргет Тврдина“ – која се навестува веќе за 26 февруари. 

Јанкулоска во својата одбрана целата вина ја префрли на комисијата формирана во УБК која направила попис, донела решение и ја уништила опремата за прислушување, а таа ја потпишала рутински, бидејќи највисоките правници во МВР не увиделе и не ѝ посочиле дека незаконски ќе се уништува опрема надвор од процедурата, поради тоа што не била застарена.

Според неа, нема дилема дека решението за формирањето на комисијата во УБК било по барање на самата Управа, а не по налог на министерот и во сосема вообичаена постапка. Таа не добила никаква специфика дека станувало збор за специјална опрема за прислушување кога го потпишувала решението за неа. Уште повеќе, од решението што го добила за потпишување не произлегувало дека комисијата треба да уништи конкретна опрема, туку прво да направи попис и доколку утврди техничка застареност, да изврши уништување. Самите членови на комисијата потврдиле дека од неа не добиле никакви насоки за тоа што го презеле, а според неа не требале, бидејќи не нашле застареност.

Затоа, таа посочи дека првенствено треба да се разјасни дали комисијата се држела до мандатот што го добила и, бидејќи е очигледно дека не, што било причината за тоа. Нејзина лична оценка беше дека таа целосно ги игнорирала упатствата за работа, а нејзиниот претседател иако бил лично одговорен, не го спречил уништувањето на системот. Таа притоа посочи и на изјавата на сведокот Сашо Трајковски кој рекол дека комисијата не била самостојна во носењето на одуките туку била под влијание на пребеганиот Горан Грујевски.

Евидентно, заклучи Јанкулоска, комисијата не постапила во согласност со упатствата за работа што ги добила, но тоа немало никава врска со неа, уште повеќе што отписот на опремата во документите бил направен дури по нејзиното разрешување од функцијата.

„Дали јас сум им помогнала на Горан Грујевски и Тони Јакимовски да ги злоупотребат службените овластувања за да ги уништат системите за да не се открие илегалното прислушување?“ – запраша таа, одговарајќи самата дека очигледно не знаела за таа одлука и немало нејзина умисла во вршењето на делото.

Во одбраната Јанкуловска не штедеше зборови во опишувањето на прислушувањето, кое го нарече незаконско, монструозно, нелегално, злоупотреба на овластувањата и слично. Иако вината ја префрлаше на УБК, ниту еднаш не го спомена првиот човек на Управата, Сашо Мијалков, во својата одбрана и во нападите, туку ги насочи кон Горан Грујевски и фамозната комисија за попис на опремата. Притоа себеси се престави како најголема жртва и – место да се најде на станата на тие што гонат кривично – сега е на страната на тие што се гонат.  

„Станува збор за злоупотреба заради незаконско прислушување на илјадници граѓани, а јас сум една од жртвите на монструозниот процес“, рече таа додавајќи дека била една од најдолго прислушуваните, 24 часа на ден, со над  26.000 прислушкувани разговори и којзнае колку СМС пораки. 

„Каде е мојата вина ако од ниту еден документ што ми бил доставен не произлегувало дека ќе уништуваат конкретна и однапред определена опрема?“- запраша таа, реплицирајќи на забелешката на обвинителите дека како министер требало да се запраша од кои причини по редовен попис се вршел вонреден попис и се донела одлука за уништување на опрема. Отсуството на реакција, според неа, било одраз на рутинско постапување кон решението што го добила за уништување на опремата, бидејќи највисоките правници во МВР утврдиле дека сѐ е во ред, иако била свесна во тој период дека опозицијата предупредувала на постоење на незаконско прислушување и дека таа реалност не може да ја негира.

 „Јас немав никаков мотив да учествувам во ваков чин поврзан со монструозно кршење на човековите права“, тврдеше Јанкулоска. „Јас и моето семејство трпевме и сѐ уште трпиме огромни последици и на личен и на професионален план од овој случај со прислушувањето. Сѐ уште трае медиумскиот линч кон мене и сите мои права се ограничени. Јас имам силен мотив овој скандал еднаш засекогаш да се расчисти до крај. Ова ќе биде мала, но значајна сатисфакција за жртвите, како што сум јас. А јас добив обвинение место да бидам третирана како жртва“, рече Јанкулоска.

Таа се обиде на крајот да ги „стопи“ судиите на емоција оценувајќи дека е евидентен притисокот на провладините медиуми само да се осуди некој и да се презентира успех пред ЕУ.

„Почитувани, евидентен е притисокот што се прави преку провладините медиуми дека има нов напредок во правосудството и дека има нова казна за поранешен функционер зад решетки. Пред вас е предизвикот да одолеете на притисоците и да донесете одлука што ќе има правда. Не дозволувајте нечија желба за одмазда да ја притисне правдата. Вие имате одговорност вашата одлука да не биде само статистика. Кривичното дело за кое ме обвинувате не сум го сторила. Единствена можна пресуда во мојот случај што ќе ја задоволи правдата е ослободителна“, рече таа.  (С.Ј.)