Јанковиќ: Трагичниот инцидент во Бањска има „очајни“ последици за Србија


Српскиот пратеник  Владета Јанковиќ изјави дека, од надворешнополитички аспект, последиците од трагичниот инцидент во Бањска се „очајни“, бидејќи претседателот на Србија, Александар Вучиќ ја уништи секоја предност што ја имаше пред меѓународните посредници, благодарение на инаетот на Албин Курти.

„Последниве месеци Вучиќ имаше поповолна позиција во споредба со Курти , но сега улогите целосно се сменија. За меѓународните посредници Курти стана жртва која треба да биде поддржана, а Србија стана страна која прибегна кон насилство, па нормално е да се најде во дефанзива“, изјави Јанковиќ за агенцијата Бета.

Тој изјави дека веќе четврти ден јавноста не знае со сигурност што навистина се случило во Бањска, освен дека има убиени Срби, дека е пронајдено многу оружје и дека е убиен косовски полицаец.

„Инцидентот во Бањска треба да се гледа во поширок контекст. Меѓу другото, тој мора да биде поврзан и со говорот на Вучиќ во Обединетите нации (ОН) одржан четириесетина часа порано. За да се избегнат недоразбирањата, речиси се што рече Вучиќ тогаш беше вистина, но да се каже на тоа место и начинот како се кажа не е само недипломатски, туку и инфантилно неодговорно. Да не се лажеме: говорот на Вучиќ во ОН беше за домашна публика, со која тој по којзнае кој пат го стави својот изборен интерес пред интересите на државата“, рече Јанковиќ.

Тој додаде дека е сосема можно херојството на Вучиќ на Ист Ривер да е активирање на  претходно подготвена стапица, во која паднале Србите од Косово.

„Сето ова заедно неминовно ќе има сериозни последици за Србија и српскиот народ на Косово и Метохија“, посочи Јанковиќ.

На прашањето на Бета дали претседателот Вучиќ знаел за вооруженото самоорганизирање на Србите во Бањска, Јанковиќ рече дека инцидентот е сериозен удар за Вучиќ.

„Имам впечаток дека не знаел дека ова ќе се случи токму вака, иако не се сомневам дека знаел за оружјето и опремата и за Радоичиќ (Милан, потпретседател на Српската листа) и за постоење на поединци подготвени да преземат акција, дури и да е тоа самоубиство.На претседателот му требаа повеќе од 20 часа да се појави пред јавноста токму затоа што беше затечен. Конечно, не би ја исклучил целосно можноста дека оние кои навистина ги влечат конците на косовската криза од една страна ќе го турнат Вучиќ во длабока дефанзива, но тоа, во исто време, ќе остават можност полесно да „легне на брашно“ околу спроведувањето на Охридскиот договор, оправдувајќи го со спасување на српски животи. “, оцени Јанковиќ.

Јанковиќ смета дека претседателот Вучиќ вечерва ќе треба да одговори на неколку прашања кои би ја откриле позадината на конфликтот на северот на Косово.

„Јавноста, на пример, треба да знае дали потпретседателот на Српската листа Радоичиќ ја водел акцијата во Бањска и каде е сега. Но, првото прашање секако е што правеле нашите разузнавачки и контраразузнавачки служби во овој случај. Ако знаеле , тогаш молчеа, тоа е злосторство еднакво на велепредавство, а ако не знаеле, тоа е доказ за бесрамен дилетантизам. Ова е, се разбира, цената на диктаторското самоволие при изборот на соработници на најчуствителните должности“, рече тој.

Тој додаде дека Вучиќ, меѓу другото, вечерва ќе треба да соопшти која била целта на вооруженото самоорганизирање на Србите и колку луѓе загинале во таа „акција“, како и зошто КФОР не интервенирал. Тој нагласи дека по настаните во Бањска, приштинските власти го прогласиле целиот север на Косово за потенцијална терористичка зона.

„Приштина сега доби зелено светло од меѓународната заедница да спроведе уште поголем терор врз Србите на северот. Но, не треба да заборавиме дека на Албанците, освен докажаната пристрасност на светските сили, избрзаноста на Вучиќ им го овозможи тоа. Затоа што сето ова ќе беше многу потешко  ако „политичките генијалци“ од Белград  не им наредија на Србите да ги напуштат институциите, а српските полицајци да го предадат оружјето минатата година. Од тој момент, Србите во север се без никаква заштита и се оставени сами на себе“, истакна Јанковиќ.

Во вооружениот конфликт меѓу група Срби и косовската полиција што се случи во неделата во селото Бањска на северот на Косово, според досега потврдените податоци убиени се тројца напаѓачи од српска националност и еден наредник на косовската полиција. Засега е познато дека најмалку тројца ранети Срби се хоспитализирани во Србија, додека осуммина се уапсени од приштинските власти.

На северот на Косово косовската полиција во изминатите два дена заплени големо количество оружје и 25 теренски возила, за кои се претпоставува дека припаѓале на група наводно предводена од потпретседателот на Српската листа и близок соработник на претседателот на Србија, Милан Радоичиќ.Косовските власти оценија дека вооружена група Срби во неделата извршила терористички акт во селото Бањска.