Јанева заминува пред да ја сменат


Четири години по изборот, а само два месеца пред истекот на мандатот, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја депонираше својата оставка. Потегот на дојде во ситуација кога беше сè поизвесно дека двете политички партии кои треба да обезбедат мнозинство за да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство не можеа да се договорат дали Јанева треба да остане на чело на СЈО.

„Со месеци ги следам медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство. Еве, денес ја користам пригода да ја информирам јавноста дека нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на мојата земја“, пишува Јанева во оставката.

Нејзината оставка ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник.

Јанева, како што пишува во оставката, е горда бидејќи СЈО испишало историја, а институцијата претставувала симбол за бескомпромисна борба против корупцијата. Но фактите покажуваат дека довербата на СЈО е во постојан пад последниве месеци, а тивкото уништување на институцијата почна со преговорите меѓу власта и опозицијата за законот за јавно обвинителство, со кој требаше да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство. Функционери на ВМРО-ДПМНЕ се осомничени во истрагите на СЈО.
Институцијата имаше најголема доверба кога се соочуваше со опструкции од страна на сите институции, но упорно отвораше нови и нови истраги против високи функционери и речиси секоја седмица одржуваше прес-конференции на кои обвинителките одговараа сите прашања на новинарите.

Кога веќе се изборија за своето место меѓу институциите, секојдневно беа на судските рочишта за предметите што ги отворија, успеаја да ги стават привремено во притвор поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и најбогатиот бизнисмен, Орце Камчев, кои важеа за недопирливи. Сепак, не успеаја да го стават во затвор поранешниот премиер Никола Груевски, кој им го зададе најтешкиот удар, и наместо да заврши зад решетки избега во Будимпешта. Бегството на Груевски му го зададе најтешкиот удар на СЈО, а потоа довербата постојано им се топеше.

Следниот удар беше начелното правно мислење на Врховниот суд кој го прогласи СЈО за ненадлежно да постапува по постапките што ги отворило после 30 јуни 2017 година, односно 18 месеци откако ги прибави „бомбите“ од СДСМ. А по овој рок беа отворени најбитните истраги што требаше да го докажат криминалот на минатата власт „Империја“ и „Талир“. Судбината на овие случаи останува неизвесна, додека партиите конечно не се договорат за законот. СЈО се затвори за јавноста, која бараше пресуди.

Сепак и случаите ги отворија пред спорниот рок останаа да висат, а криминалот на Мијалков и Камчев уште не успеаја да го докажат. Новинарот Драган Павловиќ-Латас доби ослободителна пресуда за случајот „Тревник“, неговата колешка Ивона Талевска има условна казна, а единствено во затвор остана поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, а во притвор е поранешниот министер Миле Јанакиески. Поранешната министерка Гордана Јанкулоска привремено се спаси од одење в затвор, а истото сега го бара и бизнисменот Сеад Кочан.

Јанева привремено останува на чело на СЈО, а главното прашање кое сега се поставува е кој ќе биде нејзиниот наследник, нејзините блиски соработнички Ленче Ристоска или Фатиме Фетаи или на чело на институцијата ќе застане човек од надвор.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б.Грданоски