Изборните трикови на Ахмети


ЃОРЃИ СПАСОВ

Ад хок идејата на Ахмети за Албенец премиер е фрлена коска за глодање во јавноста. Таа треба да го сврти вниманието на Албанците пред сѐ од фактот што во моментов има најголем број на разболени Албанци од ковид вирусот, заради тоа што функционери на ДУИ не можеа  да се воздржат од одење по ифтарски вечери во функција на изборната кампања

 

Али  Ахмети и неговата партија, како што разбравме деновиве, оцениле дека сега е време да ја освојат и функцијата претседател на идната влада. Тоа, според објаснувањето на Бујар Османи, ќе било последното парче во мозаикот за остварување на целосна еднаквост на Албанците во земјава и доказ дека Македонците се ослободиле од предрасудите и од етничкиот монопол.

Ахмети и Османи добро знаат дека според Уставот секоја државна функција му е достапна на секој граѓанин со избирачко право, независно од неговата етничка, религиозна или политичка припадност. И добро знаат дека секоја партија може да ја добие позицијата претседател на влада на избори ако од неа зависи формирањето на влада и ако без неа никој не може да обезбеди поддршка од 61 пратеник во Собранието. Не е познато тие да го условувале формирањето на која било влада со свој кандидат за премиер, а тој да не бил прифатен затоа што е Албанец. И затоа  малку е чудно  што „проектот на ДУИ“ за избор на Албанец премиер го нарекуваат борба против „дискриминацијата на Албанците“ и етничкиот монопол на Македониците (врз позицијата претседател на владата).

Постојат неколку можни објаснувања зошто ДУИ овој „проблем“ го става во центарот на својата изборната кампања:

 

1. Тоа е веќе познат изборен трик на ДУИ  Граѓаните се сеќаваат на изборите за претседател во 2014 година. Тогаш Али Ахмети, незадоволен од работата на Ѓорге Иванов во претходните пет години, слично како и сега, излезе со идејата дека е време кандидатот за претседател на државата да се утврдува со политички конзенсус меѓу Албанците и Македонците.

Тој тврдеше дека секоја друга одлука ќе води кон дискриминација на Албанците и дека ако неговиот владин партнер, Никола Груевски, не го прифати ова барање, ДУИ ќе ја напушти владата и ќе го бојкотира изборот за претседател на државата.
Груевски, како превеан македонски националист, тогаш оцени дека таквата „уцена“ од Ахмети е добра за потпалување и на македонскиот национализам и се договори со него „наместо да ја напушти владата заради неприфаќање на неговиот предлог“ да прифати одржување на предвремени парламентарни избори и тоа на денот кога ќе се одржува вториот круг на претседателските, со цел на Ѓорге Иванов да му се обезбеди изборен цензус и да биде повторно избран за претседател.

Така Ахмети „храбро“ и кобајаги со некаков бојкот на тие претседателски избори, му помогна на Иванов по втор пат да стане претседател на државата, но со помош на инструментализираниот национализам од типот „Ние бараме, ама тие не даваат“ и затоа е потребно обединување на „Ние против нив“, па двете партии победија на тие избори, пак си формираа влада и продолжија по старо. Оттука, овие политички идеи многу личат на таа политичка епизода.

 

2.Коска за глодање пред изборите Во светот е познато дека секоја мала партија од која зависи формирањето влада може да го побара премиерското место за себе.
Тоа не е спорно и оценка е на големите партии во таков случај дали ќе го прифатат тој услов или, ако никој не може да се формира влада, да решат да одат на нови избори.
Ахмети можеше да каже дека ако зависи од ДУИ составот на идната влада наш услов ќе биде премирот да биде од нашата партија. И ќе звучеше многу нормално и политички коректно.

Но Ахмети не го вели тоа. Тој на денот на основањето на ДУИ, на кој ја пласира идејата за Албанец премиер, вели: „ Време е да се обединиме (Албанците) како во времето на ОНА, и да се избориме, како што се изборивме за претседател на Собранието да биде Албанец, така и идниот премиер на земјава да биде Албанец“.

„Обединувањето како во времето на ОНА“, колку и романтично да му звучи на Ахмети, асоцира на закана со војна за остваравување на некои права со војна и обединување на „Ние против нив“. Ахмети тоа го знае, колку и објаснува дека не го мисли тоа.

Откако ДУИ на изборите во 2106 година спадна на помалку од 100 илјади гласови и освои само 10 пратеници, Ахмети ја чуствува заканата од можно губење на власта и од политичка маргинализација на неговата партија. Ако се случи тоа, тој знае дека политичките партии од опозицијата на Албанците можат да отворат низа случаи за злопотреба на власта од страна на функционери на ДУИ кои не беа достапни за правдата цели 18 години.

Оттука тој нуди натпартиски, сеалбански идеи и сонува за својата популарност од времето кога беше командант на ОНА и кога пред изборите 2002 година меѓу Албанците се ширеше слоганот „сите сме УЧК“. Тој го смета за штетно постоењето на повеќе политички партии на Албаците во Македонија и повеќе би сакал тие да немаат избор и ако е можно на избори да излегува како Милошевиќ со слоганот „А ко би други?“

Наспроти флоскулите за демократија, фер избори, почитување на политичките конкуренти и на европските вредности, Ахмети прави сѐ да води изборна кампања од видот „Ние против нив“. Такви се популистичките кампањи од видот „Ние-народот против корумпираните политички елити“, или чесните против нечесните, патриотите против предавниците, проевропските сили против проруските и слично.

И бидејќи неговата партија е дел од секоја власт од 2002 до денес (освен две години) тој не може да води кампања од видот „Ние народот против власта“ или ние чесните против корумпираните, каква што веќе водат опозициските партии на Албанците, па се определува за проверената карта на национализмот на Балканот и почнува кампања Ние Албанците (дискриминирани) против Македонците кои се „етнички фрустрирани“.
Национализмот на Ахмети  всушност не се разликува многу од национализмот на Груевски и на Мицкоски.

ВМРО со години „ја спасуваше Македонија од Албанците“ и од предавниците меѓу Македонците кои им дале преголеми права и ќе довеле до федерализација, албанизација и исчезнување на Македонија. Им пречеше и неединството меѓу Македонците. Се сеќавате, пропагандата на Груевски тврдеше, како денес Ахмети, дека неединството меѓу македонските партии доведува до слабеење на позицијата на Македонците кон Албанците и кон соседите, и сите други конкурентски партии во Македонија ги обвинуваше за „национални поделби и национално предавство“.

Ако добро се погледне,  може лесно да се препознае дека Ахмети и Груевски во изборните кампањи се служеа со тнр. политички инструментализиран национализам кој трае само додека завршат изборите. А потоа се седнува на маса и се дели политичкиот плен освоен со националистичката поддршка за „оневозможување на оној другиот“. И тоа се продава како „политичка конструктивност“.

Ваквите ад хок идеи на Ахмети за Албенец премиер се, всушност, фрлена коска за глодање во јавноста. Таа треба да го сврти вниманието на Албанците пред сѐ од фактот што во моментов има најголем број на разболени Албанци од ковид вирусот, пред сѐ заради тоа што функционери на ДУИ не можеа  да се воздржат од одење по ифтарски вечери, во функција на изборната кампања. Таа го свртува вниманието од фактот дека Албанците откако е ДУИ на власт повеќе страдаат од политичка дискриминација на која се изложени сите нечленови на ДУИ и членовите на другите етнички албански партии отколку од етничка дискриминација.

И го свртува вниманието од неспособноста на бројни функционери на ДУИ во власта, па и неказнивоста што си ја обезбедуваат за себе, истовремено говорејќи дека се борат против селективната правда.

Оттука можеби најдобра политичка стратегија против ваквите кампањи, освен нивното разобличување е нивните „мега натпариски идеи“ е да се игнорираат и да не им се придава значење на силните зборови, кои им се само за изборна употреба и делумно за насочување на воденицата кон другите националистички партии во земјава.

 

3.Омаловажување на Зоран Заев Кампањата време е за Албанец премиер, истовремено би можела да се чита како праќање порака дека ДУИ ако биде во ситуација од нив да зависи формирањето влада по изборите, нема да му даде подршка ниту на Зоран Заев, кој за време на кусиот мандат во претходната влада направи сѐ за да се остварат стратешките цели и на ДУИ, како што е членството на земјата во НАТО и започнувањето разговори за членство во ЕУ, но исто така и унапредување на јазичката рамноправност на Албанците и добивањето место претседател на Собранието.

Соочен со оваа порака Зоран Заев бргу изјави дека ако инсистрањето на ДУИ до го добијат местото премиер во идната влада биде услов за нејзиното формирање тој таквиот услов нема да го прифати, бидејќи смета дека ако СДСМ биде партијата со најголем број пратенции, тој треба да биде мандатарот за состав на нова влада. Со други зборови Заев му порача на Ахмети дека ако мисли дека нема влада без премиер Албанец тогаш може да му се случи на ДУИ да остане надвор од владата или да се обиде со „шпицен кандидататот за премиер“ Мицкоски да преговара и да ги усогласува партиските програми.

Ова  е порака на Заев и до избирачкото тело на СДСМ во кое има многу Албанци кои не се баш одушевени од политиката на ДУИ. Според таа порака, ДУИ сакајќи рогови може да остане и без уши, односно да остане надвор од власта и во неа да биде заменет со другите политички партии на Албанците. А тоа е многу мотивирачко за опозициските партии на Албанците. По 16 година во власта, ДУИ веќе не е најомилената политичка сила меѓу Албанците, а и не е најпосакуваниот партнер од страна на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа може да резултира со останување во опозиција на ДУИ и со смалена изборна подршка колку и тие да повторуваат дека се единствениот легитимен претставник на колективната политичка воллја на Албанците во Македонија.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор)