Изборите може да почнат, сеедно кога ќе се гласа


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Владејачкото мнозинство влегува во последната година од мандатот, така што за да се почувствува мирисот на предизборието веќе не мора да се гледа во календар, ниту да се слушаат повиците на опозицијата за вонредни избори, додека од „Илинденска“ доаѓаат одговори дека (и сега) не е време за тоа. Доволно е само да се следи што сѐ се случува на политичката сцена за да биде појасно дека речиси секој следен чекор  е со „арома“ на кампања, сеедно дали доаѓа од „Бихаќска“, Мала Речица или од палатата „Христо Татарчев“.

Јубилејните десетти парламентарни избори во земјава се речиси на прагот, сеедно дали ќе се случат веднаш (поточно, не порано од доцна наесен – со оглед на роковите за формирање преодна влада и за распуштање на парламентот) или есента 2020 година – најдоцна до почетокот на декември (со оглед на уставните рокови во кои се одржуваат редовни избори).

Дури и за новата министерка за  финансии, чија номинација се најде вчера пред парламентот, клучен проект ќе биде подготовката на новиот буџет – за следната година која е обележана како изборна. Изборен, најверојатно, ќе биде и престојниот ребаланс. На тоа упатуваат речиси сите финансиски и економски мерки што се планирани за последниот квартал од годинава, а кои будат сомнежи дека главната владејачка партија се навраќа на некои од постулатите што ги постави како изборен концепт во 2016 година, од кои дел, во тоа време, беа доживувани во јавноста и како левичарење. Некои од нив, пак, не дојдоа досега на ред за реализација, додека владата во претходниот период се занимаваше со големите теми од областа на надворешната политика, како што сега се занимава со крупни предизвици на внатрешно-политички план кои може да ги доведат во прашање и досега добиените битки во однос на интеграциските процеси.

Најавите за државно субвенционирање на дел од придонесите на работниците, а со цел покачување на платите и во приватниот сектор; за мерки во насока на задржување на младите во татковината; за нови еколошки политики… се показател дека Владата го пренасочува фокусот на домашен терен и дека стартуваат подготовките за изборите. Како што и сѐ поофанзивните и поагресивни настапи на опозицијата се сигнал дека и таму е ставена во погон предизборната машинерија, во чија функција се и секојдневните повици за оставки и за вонредни избори –  можеби повеќе како фраза за одржување тензија во јавноста, отколку како реална желба уште утре да се измерат силите во изборниот ринг.

За разлика од порано, веќе не се памети и кога беше последното службено патување на премиерот Зоран Заев надвор од државата, ако не се смета неговото кусо летување во Грција, како што соопштија од неговиот кабинет,  кога исто така испраќаше повици за „конечен пораз на заробената држава“. Премиерот, се чини, дури сега ги послуша советите „да се врати дома и да ги решава  и економските и другите проблеми од секојдневието на граѓаните“,  што ги добиваше во времето кога сите потенцијали на Владата беа ставени во функција на затворање на горливите прашања во делот на надворешната политика.

Иако во последните два месеци повторно му гори под нозе, посебно поради избувнувањето на аферата „Рекет“ и максимално нарушениот кредибилитет на СЈО, поради што се намали и довербата во Владата, Заев очигледно не го губи оптимизмот. Тој, како што објави на вчерашната собраниска седница – додека го бранеше својот избор за нова министерка за финансии Нина Ангеловска, пресметал дека СДСМ ќе биде уште два мандати на власт, така што ВМРО-ДПМНЕ ќе може да предлага министри за девет години и два месеци.

Најновата анкета што излезе во јавноста – првпат по подолго време, а во која СДСМ има блага предност пред опозицијата, можеби, била ветер во грб за Заев да излезе со проценка дека сега владејачката партија ќе продолжи да владее и по 2020 година. Но за да биде поубеден дека владата и партијата што ги предводи нема да излезат со поголеми лузни од аферат „Рекет“, премиерот треба да почека на октомвриската одлука за тоа дали нашата земја ќе добие почеток на преговорите со ЕУ, без дотогаш да ги подгрева до максимум очекувањата на граѓаните. Претходно, треба да го почека и исходот од преговорите за решавање на статусот на СЈО, без што може да биде доведено во прашање значењето на сите реформи што беа преземени во изминатите две години во сферата на правосудството, а кои овозможи враќање на земјава на евроатлантскиот колосек. Потоа, пак, следува сега веќе полесниот дел од работата, со оглед на тоа што полноправното членство на земјава во НАТО до крајот на годинава се смета за веќе завршена работа. Тој чин може, но и не мора да влијае за зајакнување на позициите на Владата, во зависност од тоа како ќе се санираат искушенијата од сферата на владеењето на правото со кои моментно се соочува државата.

Затоа слободно може да се каже дека есента што доаѓа ќе биде жешка на внатрешно-политички план, сеедно дали изборите што следат ќе бидат редовни или неколку месеци пред регуларниот термин. Според тоа, предизборието може да почне, независно од тоа кога ќе се одржат изборите.