Избори: Фактите за шпицен кандидат


Мицкоски посочува „пракса во Европа“ за концептот шпицен кандидат. Таа „пракса“ беше брутална за Манфред Вебер, чија партија ЕПП  победи на европските избори во 2019. Тој беше отфрлен под притисок на Емануел Макрон, а неговите шпицен ривали, Тимерманс и Вестагер, станаа двете најмоќни лица во новата Европска комисија веднаш  по Фон дер Лајен

Љупчо Поповски

Како и секоја политика, така и македонската знае да емитува погрешни примери, половични асоцијации, а со тоа и одредена стартегија да се постави врз лабави премиси. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (а и партиските портпароли, како и Влатко Ѓорчев од собраниската говорница), веќе неколку месеци упорно зборува тој и Зоран Заев да излезеле на мегдан според примерот од изборите за Европскиот парламент со именување шпицен кандидат за премиер. Кога прв пат ја спомена таа идеја Мицкоски велеше дека тоа е „пракса во Европа“, потоа нафрлаше дека тоа било германско искуство. Неговата главна идеја е содржана во оваа изјава: „Тој што ќе изгуби да не се крие зад пратеничкиот мандат, туку веднаш да ја напушти политиката и да се соочи со одговорноста за сопствениот пораз“. СДСМ и Зоран Заев на овие прозивки и барања досега не одговорија на соодветен начин, главно тоа беа објаснувања за лево крило, шпиц…

Има политичка логика кај Христијан Мицкоски во ова негово барање да се обиде да го однесе на тенок мраз Зоран Заев во големата политичка битка. Но, главниот проблем во ова инсистирање за шпицен кандидат е што тргнува од погрешни премиси. Ниту тоа е пракса во Европа, ниту пак е германско искуство. Тоа е дел од концепцијата што беше усвоена од главните политички групи во Европскиот парламент пред изборите во 2014 година, која потоа беше драматично напуштена по изборите лани во мај. Главната работа е што никој од оние што учествуваа во „конкурсот“ за шпицен кандидат ниту се прости со политичката кариера, ниту замина во некаква политичка пензија, а уште помалку се соочи со „одговорноста за сопствениот пораз“.

Еве ги фактите:

За европските избори во 2014 година Европската народна партија (ЕПП) бираше шпицен кандидат меѓу Жан-Клод Јункер и Мишел Барние. На конгресот на ЕПП во Даблин делегатите го избраа Јункер. На Французинот Барние ниту му заврши кариерата, а уште помалку замина во пензија. Тој сега неколку години е главен преговарач на ЕУ за „Брегзит“ и сите европски лидери, вклучително и европските институции, имаат огромна доверба во неговото знаење и искуство.

Кандидат на европските социјалисти беше Германецот Мартин Шулц, на либералите од групацијата АЛДЕ, Белгиецот Ги Вреховштат, а на Зелените Германката Ска Келер. По изборите ЕПП имаше најголема пратеничка група во Европскиот парламент и Луксембуржанинот Жан-Клод Јункер стана претседател на Европската комисија. Единствено тогашниот британски премиер Дејвид Камерон и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, беа против неговиот избор.

Кариерите на другите кандидати не само што не пропаднаа, туку отидоа уште повисоко. Шулц стана претседател на Европскиот парламент, Верховштат стана шеф на пратеничката група на либералите во ЕП а потоа и преговарач на Европскиот парламент за „Брегзит“, а Ска Келер остана еден од најпроминентните членови на парламентот, каде што седи уште од 2009 година.

Истата процедура се повтори и за изборите во 2019, само што расплетот го уништи целиот концепт. Главниот виновник беше францускиот претседател Емануел Макрон. На Мицкоски, а и на другите луѓе од делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот на ЕПП есента 2018 година во Хелсинки, сигурно уште им се свежи сеќавањата како Германецот Манфред Вебер од баварската партија ЦСУ (сестринска на ЦДУ) убедливо ја доби номинацијата во натпреварот со Финецот Александер Стуб, поранешен премиер и министер за надворешни работи на неговата земја. Веројатно вмровската делегација гласала токму за Вебер.

Покрај Вебер другите главни шпицен кандидати кандидати од шестемина беа Холанѓанецот Франс Тимерманс од групата на социјалистите, Маргрет Вестагер од Данска од групата на либералите и повторно Ска Келер од Зелените. Тимерманс и Вестагер во тоа време беа клучни комесари во Европската комисија на Жан-Клод Јункер. И покрај големите загуби, ЕПП, сепак, освои најголем број пратеници во Европскиот парламент, а Вебер требаше да биде наследник на Јункер.

Но тоа не се случи. Во една голема игра на моќта, уцените и зделките најмногу од страна на Макрон, победникот Вебер беше брутално тргнат настрана и на негово место беше уфрлена Урсула фон дер Лајен како претставник на ЕПП. Кариерата на Вебер по овој неочекуван расплет не пропадна. Тој стана шеф на пратеничката група на ЕПП во Европскиот парламент.

Оние што изгубија – Франс Тимерманс и Маргрет Вестагер – добија далеку поважни места во европските институции: тие се клучни членови и на новата Комисија. Тимерманс е прв потпретседател на Комисијата задолжен за Европскиот зелен договор и климатска акција, а Вестагер е извршен потпретседател на Комисијата, надлежна за заштита на кокуренцијата (што и порано го правеше), но со проширено портфолио за дигиталната ера и дигиталните даноци. Ска Келер остана да биде пратеник на Европскиот парламент со уште позначајна улога во групата на Зелените.

Процесот на шпицен кандидидат заврши трауматично за победникот Вебер, а оние што загубија, Тимерманс и Вестагер, ќе ја одредуваат европската агенда. Политиката речиси секогаш е сурова. А Мицкоски треба повеќе да прочита за исходот од овој процес пред да се расфрла со зборови дека го знае.

Европската политика не функционира онака како што би сакале да ја претставуваат некои луѓе овде, што од незнаење, што поради некаква политичка тактика. Еден пораз на изборите не значи и крај за некој политичар. Оние што ја следат европската политика знаат какви неверојатни враќања направиле некои политичари кои требало да бидат отпишани.