Италијанците живеат најдолго во Европа


Рим – Очекуваниот животен век во Италија достигна 84,1 години, највисок во Европската Унија, заедно со Шведска, според податоците од извештајот „Здравствени профили на земјите од ЕУ 2025“ на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Според извештајот, ова ниво на очекуван животен век го надминува нивото пред пандемијата на коронавирусот за шест месеци, објави Анса.

Кардиоваскуларните заболувања и ракот сè уште сочинуваат повеќе од половина од смртните случаи, додека смртните случаи што може да се спречат најчесто се поврзани со рак на белите дробови, коронавирус и срцеви заболувања.

И покрај брзото стареење на населението, постарите Италијанци покажуваат подобри здравствени резултати од просекот на ЕУ.

ОЕЦД, сепак, предупредува дека предизвиците остануваат, вклучувајќи ја широко распространетата недијагностицирана или нетретирана хипертензија и зголемувањето на стапките на пушење.