Италија воведува магичен божиќен воз кој ќе помине низ три земји – подарок за секого!


 Дизајниран да ја евоцира магијата на празничната сезона, божиќниот воз „Еспресо Монако“ им ветува на патниците волшебно возење низ некои од најживописните европски предели.

Мирисот на греано вино и цимет, звуците на божиќните песни, снегулките, светлата во сите можни бои, шармантните дрвени куќички што продаваат домашни колбаси, пржени колачиња, медени слатки, уникатни ракотворби…

О да, едвај ги чекаме празниците и бајковитата атмосфера на божиќните пазари! Секако, зимските празници се идеални и за патување, а Италија неодамна објави дека ќе лансира специјален ноќен божиќен воз во декември, кој ќе го поврзе нивниот прекрасен главен град Рим со германскиот град Минхен и неговите легендарни божиќни пазари.

Тематски кабини, бар и ресторан 
Дизајниран да ја евоцира магијата на празничната сезона, оваа нова железничка услуга, наречена „Еспресо Монако“, им ветува на патниците волшебно возење низ некои од најживописните предели во Европа. Магично возење низ моќните Алпи, спиење во луксузни кабини украсени во духот на Божиќ, дружење со други туристи во тематски бар или ресторан… Звучи совршено!

Со загарантирани поаѓања закажани за 5 и 12 декември, „Еспресо Монако“ нуди навистина уникатно искуство за ноќно патување. Возот ќе се тргне од станицата „Термини“ во Рим во 19:57 часот и ќе пристигне во Минхен точно во 13 часот следниот ден.

Возот застанува во Верона, Тренто, Болцано…
Ако сакате да заборавите на стресот и да избегнете бесконечни редици и метеж на аеродромите, маката од изнајмување автомобил или возење во темница во зимски услови, ова е можност што апсолутно не смеете да ја пропуштите!

„Еспресо Монако“ ќе ги води патниците по живописна рута низ некои од најубавите региони на Италија, Австрија и Германија за време на неговото 17-часовно ноќно патување, вклучувајќи застанувања во Верона, Тренто, Болцано, Бресаноне и Фортеца, објавува порталот Outlook Traveller.

Веселата атмосфера ќе биде дополнително загреана со повремена празнична музика

Потоа патувањето продолжува низ алпските предели на Инсбрук, Куфштајн и превојот Бренер, нудејќи прекрасни погледи на снежните врвови и живописните села. Секој патник во италијанскиот празничен воз ќе биде пречекан со мал празничен подарок на своето седиште, сите кабини ќе бидат исполнети со божиќни украси, а празничната музика ќе ја надополни веселата атмосфера.

Без разлика дали ќе изберете приватна еднокреветна или двокреветна кабина, или ќе се одлучите за кабини што сместуваат до шест патници, незаборавното искуство е загарантирано. И по пристигнувањето во Минхен, ве очекуваат познатите божиќни пазари, едни од најпосетуваните во Европа. Уживајте во истражувањето на осветлениот Мариенплац или легендарниот пазар во Минхен.

Возот како поодржлива и подобрена алтернатива на авионите и автомобилите
Враќањето во Рим е закажано за 7 и 14 декември во 13:40 часот, со пристигнување во италијанската престолнина рано наутро следниот ден. Оваа нова железничка услуга е дел од поширока италијанска иницијатива за промовирање на патувањето со воз како поодржлива и попријатна алтернатива на авионите и автомобилите. Сите информации за овој празничен воз можете да ги најдете на официјалната веб-страница на FS Treni Turistici Italiani.