Италија отвори истрага за „Букинг“
Италијанскиот регулатор објави дека започнал истрага за да утврди дали дигиталната платформа „Букинг“ (Booking.com) ги заведувала потрошувачите со рангирање и промовирање на домаќини со цел да обезбеди повисоки провизии.
Истрагата се фокусира на „Програмата за претпочитани партнери“ и „Програмата за претпочитани партнери плус“, кои им се нудат на домаќините во рамките на платформата на „Букинг“.
Се чини дека „Букинг.ком им обезбедува на домаќините во овие програми поголема видливост во резултатите од пребарувањето во рамките на платформата, истакнувајќи ги графички и нагласувајќи го квалитетот на услугата и „вредноста за парите“, според регулаторот AGCM. Сепак, според регулаторот, изборот на домаќини за Програмата за претпочитани партнери во голема мера се базира на критериуми што ги фаворизираат домаќините со повисоки провизии на „Букинг“, а не на квалитетот на нивната понуда.
Претставувањето на ваквите домаќини, со поддршка на Букинг.ком, може да ги заведе потрошувачите и да ги наведе да заклучат дека нивните објекти нудат подобра вкупна вредност за парите од домаќините што не се вклучени во програмата, објаснуваат регулаторите.
Во некои случаи, потрошувачите може затоа да резервираат сместување кое е во просек поскапо, предупредува AGCM, додавајќи дека неговите службеници ги пребарале просториите на Букинг.ком во Италија во вторник заедно со финансиската полиција.
Здружението на потрошувачи Codacons изрази задоволство од истрагата.
„Луѓето кои користат платформи за резервација на хотели, како што е Букинг.ком, имаат право на максимална транспарентност, бидејќи резултатите и информациите на овие страници можат да влијаат на финансиските одлуки на потрошувачите“, соопшти здружението.
„Нагласувањето на квалитетот, цената и услугата за корисници, без објективни критериуми, само заради поголема провизија, е измама што може да предизвика финансиска штета и да ги наведе корисниците да трошат повеќе, убедени дека ја избираат најприфатливата опција“, предупредија тие.
Ситуацијата е уште посериозна кога ќе се земе предвид дека 70 проценти од хотелските резервации во Италија сега се прават преку специјализирани веб-страници, а 42 проценти од дигиталните резервации се прават на Букинг.ком, нагласува Codacons.