Истовремена зараза од грип и корона вирус: што му прават на организмот?


 

Се ближи времето на сезонскиот грип. Доколку тој и корона вирусот се „судрат“, тоа може да направи многу неприлики. Како можат да делуваат на нашето здравје?

Колку и да не знаеме за корона вирусот, стручњаците се согласни околу една дилема – истовремено заболување од сезонски грип и корона вирус би било катастрофално за имунитетот.

„Кога ќе добиете грип или некој друг респираторен вирус, тоа ќе го ослаби вашиот организам. Вашата одбрана паѓа, станувате ранливи и погодни за добивање други инфекции“, вели Сима Јасмин, директорка на Стенфордската иницијатива за здравствена комуникација.

И корона вирусот и грипот можат да ги нападнат белите дробови, потенцијално предизвикувајќи воспаление, вода во градите или застој на респираторните функции. Секоја болест, освен тоа, може да биде причинител на сепса, воспаление на срцето, мозокот или мускулното ткиво. Но, се уште немаме податоци врз основа на кои може да знаеме што точно ќе се случи ако некој заболи од двата вируса одеднаш.

Професорот по медицина и стручњак за интензивна нега на Универзитетот во Сан Франциско, Мајкл Матеј, вели дека потенцијалот за воспаление на белите дробови ќе биде поголем ако телото се зарази и со грип и со Ковид-19.

„Тие два вируса заедно дефинитивно можат да наштетат на градите и да предизвикаат респираторни проблеми. Акутно загушување на дишните патишта може да биде опасно по живот“, вели тој.

И грипот и корона вирусот имаат слични симптоми – температура, кашлица, отежнато дишење, умор, болка во грлото, болки во телото и течење на носот. Некои може да имаат нагон за повраќање и дијареа. Единствена работа која, барем засега дефинитивно ги разликува, е губењето на вкус и мирис, кој е карактеристичен за корона вирусот.