Ист гејт мол како модна писта: Каде досега се криеја убавите дами?

Македонија има убави жени, гламурозни во својот екстрем, дотерани, по последна мода. Ги видовме вчера, на ВИП отварањето на најголемиот регионален трговски центар-Ист гејт мол на стариот Скопски саем.
Познати или анонимни, буквално, ги симнаа „маските“ од лицето за да не им се размачка пудрата и шминката, ги извадија високите потпетици заборавени во орманот, крзнените и кожни капути и елеци по „Ковид-сушата“ од гала настани.
Синоќа, широките и масивни ходници наликуваа на модни писти од славното гала-минато на Скопје, кога црвениот килим од отварањата, промоциите, премиерите, ревиите и коктелите соодвествуваа на статусот на гостите, кој не секогаш е еднаков со презентираниот вкус и стил на облекување. Се ширеше опоен мирис од тешките парфеми на гостинките но и од раскошните букети цвеќиња што ги добиваа сопственичките на брендираните продавници.
Каде се криеја овие девојки и дами-коментираа посетителите кои уживаа дискретно во погледот околу нив и до нив.
Гостите, на овој настан кој со многу помпа беше најавуван со месеци ја покажаа моќта на модата токму во „храмот на модата“- Ист гејт мол, во кој над 50 отсто од вкупната површина за изнајмување се од сегментот на модата.
Трговските центри се новите сврталишта на модно освестените, моќните и парајлиите во Македонија, каде се се врти околу модата и „изборите“ во модата. (Л.С.)