Исплатени 30 милиони евра субвенции за земјоделците, државата им должи уште 70 милиони


(Фото: Марјанчо Цветкоски)

 

БИТОЛА – За еден месец државата им исплати 30 милиони евра на земјоделците за субвенции. Дел од средствата се за заостанати субвенции од последните неколку години, а дел тековни. Пред само две недели земјоделците алармираа дека на државата ѝ се потребни 100 милиони евра за да исплати заостанати и тековни субвенции за да се закрепне аграрот. Ова значи дека власта во овој момент им должи значителна сума од околу 70 милиони евра.

Затоа земјоделците велат дека македонскиот аграр е во неизвесност, бидејќи нема јасна гаранција за редовна исплата на субвенциите. 

Сточарите јавно дадоа рок владата да им ги исплати субвенциите до 20 март или се заканија со протести.

Власта ги послуша, па вчера сточарите ги зедоа парите од премијата за млекото за 2025 година заклучно со јуни. Ова значи дека долгот се провлекува. Конкретно, за предадено млеко државата им должи за втората половина од 2025 година и веќе завршија два месеци од оваа година, основните субвенции по грло за ланската година, како и спорните субвенции за јагнето за 2024 година на над 1.200 одгледувачи на овци.

Министерот Цветан Трипуновски вчера изјави дека изминатите две години владата сериозно се посветила на санирање на наследените ситуации од претходната влада. Уште во 2024 година со ребалансот издвоиле дополнителни средства да ги санираат состојбите во аграрот.

„Сега сме во позавршна фаза да ги елиминираме сите долгови кои што сме ги наследиле, да почнеме тековно да ги сервисираме обврските кон земјоделците. Со носењето на Програмата за субвенционирање за 2026 година, односно од носењето на Програмата (11 февруари годинава) до денеска, заклучно со последните исплати за млеко кон производителите на овчо, кравјо и козјо млеко се исплатени некаде околу 30 милиони евра. Ова бројка покажува дека навистина по носењето на програмата сме посветени тековно да исплаќаме средства кои ги очекуваат земјоделците. Така ќе продолжиме“, рече Трипуновски.

Програмата за 2026 година за директно субвенционирање на земјоделците изнесува 100 милиони евра. Министерот Трупуновски вели дека нема кратење на парите за земјоделците и дека опозицијата се служи со невистини дека програмата требало да изнесува 140 милиони евра. Министерот вели дека со ребаланс на буџетот ќе се обезбедат и дополнителни средства во текот на годината.

Но, Програмата за субвенционирање за 2026 година е неприфатлива за дел од земјоделските здруженија кои бараат враќање и дел ревидирање на старата програма од 2025 година. Земјоделците кои вчера беа на разговор со министерот Трипуновски во Скопје, излегоа со став дека имале неуспешна средба.

„Ние не сме задоволни и не ја прифаќаме Програмата за субвенционирање за 2026 година, бараме да се врати програмата од 2025 со измени. Програмата е условена, буџетот е намален и многу од земјоделеците ќе останат без тие субвенции во овој критичен момент за земјоделието“, изјави Ѓорги Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа. 

Незадоволни од програмата се и сточарски здруженија.

„Министерот нема слух, не сака да ја измени програмата. Со ваквата програма ќе се намали бројот на ситните земјоделци и сточари кои го крепат аграрот“, рече Борче Бучински, сточар, претставник на здружението „Пелагониско поле“.  

Земјоделците апалираат власта да ги земе предвид нивните укажувања бидејќи наглото зголемување на цените на нафтата, ѓубривата и пестицидите ќе биде дополнителен финансиски товар во производството на храна и крајната цена која ќе ја платата граѓаните.

Што се однесува до поскапувањето на нафтата Трипуновски вели дека за мерката „зелена нафта“ бил склучен договор за над 500 милиони денари со една од компаниите која што снабдува нафтен дериват и картичките се поделени на македонските земјоделци, а согласно последните податоци од Платежната агенција над 80 отсто од оваа „зелена нафта“ која што е поделена е искористена.

Трипуновски наведува дека на пролет не им е потребно многу гориво на земјоделците за пролетните подготовки, но се надева дека налето за жетвата ќе се стабилизира цената на нафтата, без сериозен удар на земјоделското производство.

„Во пролетниот дел со овие нови ценовни шокови добро е што имаме намален интензитет во делот на земјоделското производство, актуелна е пролетната прихрана, третирањето на посевите од штетници така што многу малку ќе се употреби нафтен дериват и можеби нема да има посериозен удар во делот на цената на чинење. Како влада ја следиме состојбата се надевам дека во наредниот период ситуацијата ќе се стабилизира“, рече Трипуновски.