Искривеното огледало на бугарската политика
Ако нема вистина и објективни факти, луѓето не можат да направат информиран избор и ќе почнат да ја бараат „силната личност“ која ќе ги заштити од неизвесност.
Во 1921 година, писателот и главен уредник на весникот Гардијан, Чарлс Прествич Скот, го опиша она што го направи весникот особено вреден во претходните 100 години на следниов начин: „Коментарот е бесплатен, но фактите се свети“. Во 1975 година, американскиот секретар за одбрана Џејмс Шлезингер додаде: „Секој има право на свое мислење. Никој нема право на сопствени факти“.
Можеби најпознатиот потсетник за овој принцип доаѓа од Даниел Патрик Мојнихан, долгогодишен американски сенатор и советник на четворица претседатели, кој во 1983 година предупреди дека кога сакате да промените нешто на подобро „прво ги сфаќате фактите правилно. Секој има право на сопствено мислење, но не и на сопствени факти“. Ако ги напуштите фактите, нема да можете да постигнете ништо.
Во март 2024 година, една дискусија во Бугарија дојде до заклучок дека „проверувачите на факти го направија новинарството бесмислено“. Односно: проверката на фактите и новинарството се две различни работи; во новинарството нема факти, а во фактите нема новинарство. Сето тоа е мислење и „секој го кажува по своја проценка“. Не случајно секоја од овие изјави се појавува во одредено време – време кога моќни и добро организирани сили ја напаѓаат демократијата.
Нападите против демократијата имаат потреба од искривена пропаганда.
Во 1921 година, советската Црвена армија војуваше во Грузија и Полска додека во самата Русија беше задушен бунтот на Кронштат против воспоставената болшевичка диктатура, а во Италија беше создадена Националната фашистичка партија.
Во 1975 година комунистичкиот Северен Виетнам ја започна својата последна офанзива против Јужен Виетнам; Црвените Кмери ја освоија Камбоџа, каде што во следните години ќе истребат околу една третина од целото население; Германија е заглавена во теророт на фракцијата на Црвената армија; во Португалија екстремната левица прави обид за државен удар.
Во 1983 година: Советските воздухопловни сили соборија јужнокорејски патнички авион, при што загинаа 269 луѓе; Комунистите со државен удар го убиваат претседателот на Гренада и прогласуваат „марксистичка воена влада“; експлодира бомба во зградата на американскиот Сенат, поставена таму од „Комунистичката организација 19-ти мај“ со цел да убие што е можно повеќе сенатори од Републиканската партија, тогаш на чело со Роналд Реган.
Во март 2024 година руската армија е во Украина за да го истреби украинскиот народ и да ја ликвидира украинската држава; Се ближат избори за Европскиот парламент, победа за која се мобилизирани и различните европски фашистички партии и нивната партнерска агенција Кремљ; Во Бугарија претстојат парламентарни избори, на кои бугарските политички партии партнери со Кремљ се надеваат дека ќе победат, а и денес имаат дефинитивно мнозинство во Националното собрание.
Во секоја од овие години, офанзивата против демократијата треба да се покрие со пропаганда. Неа, пак, и треба збунето и исплашено население, кое не е свесно кој е кој и за што се бори.
Првиот чекор во оваа насока е секогаш убивањето – не толку на вистината и објективните факти колку самата идеја дека има вистина и објективни факти. Фатени во таква ситуација, луѓето немаат начин да направат информиран избор, туку почнуваат да ја бараат таа „силна личност“ внатре (и оние слични надворешни сојузници) што ќе ги заштити од неизвесност. Крајната цел е луѓето да се постројат со непријателите на демократијата. Таму каде што нема политика, има гола моќ – послушност кон власта.
Овој прв чекор го набљудуваме последниве недели и во Бугарија. Повеќе од 90 проценти од политичарите, медиумите, коментаторите и ТВ експертите се ангажирани токму во убивањето на самата идеја дека може да има вистина. Некои од триковите во овој напор се веќе видливи. Започнува со цинизам и потсмев: „сите до еден се лажговци или патетични лажговци“. Кога ова верување ќе стане доминантно, зборувањето за политика станува невозможно. Нема начин да се разговара за општото добро – ниту за вредностите и принципите на кои е изградено, ниту за политиките што му служат, ако сите во и околу политиката се ситни измамници кои бараат нешто да украдат.
Со отстранувањето на политичкиот разговор, единствено што останува возможно е разговорот за поединечните луѓе кои се занимаваат со политика. Оваа фаза во Бугарија беше достигната некаде кон средината на март 2024 година. Апсолутно сите „големи“ медиуми, како и нивните гости, само разговараа кој какви позиции сака во процесот на ротација. Сите муабети за политика, т.е. на пример, дека ГЕРБ-ДПС ја урна целата административна структура за да не потпише договор кој го опишува општото добро и начините за негово опслужување станаа невозможни. До денес, сите разговори во јавноста се сведени на „рече тој – рече таа“.
Меѓутоа, каде што нема политика, има гола моќ – послушност кон власта. Оваа ситуација е веќе постигната во Русија, а на постигнувањето на Путин му завидуваат сите бугарски партии поврзани со Кремљ. Сакаат да ја избришат можноста за вистината за да ја искоренат политиката и да ја заменат со гола моќ – од самите себе, се разбира. Тешко дека коментаторите, аналитичарите, експертите итн. се вклучени во овој напор, но како да сакаат на крајот да завршат токму во таква ситуација – без прашање да ги почитуваат заповедите на Тошко Јорданов, на пример. Зошто тогаш го прават тоа?
Како изгледа тактиката „победа“?
Според моите набљудувања, во неа се вклучени три главни групи. Некои им кажуваат очигледни лаги на медиумите бидејќи се зависни. Вака им наредиле некои од нивните господари: „Оди било каде и кажи било што“. Други, исто така, зависат од некој господар, но не (или барем не секогаш) ги следат непосредните наредби. Наместо тоа, тие зборуваат работи за кои се надеваат дека ќе му угодат на нивниот господар, така што тој пак ги почестува со нешто. Третата група ми е најинтересна. Тие не излегуваат на медиумите гледајќи преку нивно рамо во својот господар, но го кажуваат истото што го велат зависните – тие се подеднакво вклучени во правењето на перцепцијата дека политиката е бесмислена. Нивното однесување може да се објасни со некоја мрзеливост на умот. Целта на нивните јавни настапи не е да и помогнат на јавноста да направи информиран избор, туку да станат повидливи за да бидат препознаени на улиците.
Заземајќи поза на циници и исмејувачи, тоа ги издигнува, мислат тие, над нивото на оние наивни луѓе кои сакаат да разговараат за општото добро. За нив не може да има општо добро, а камоли луѓе да му служат. Сите се измамници и само дотичните коментатори се издигнаа до степен да сфатат дека сите се измамници и затоа не е возможна политика. Подваријанта на ова се тие за кои обичните луѓе велат дека се „преправаат дека се интересни“. Во неразвиената политичка култура и инфантилизираната социјална средина во која живееме, глумењето дека си интересен е победничка тактика. Немојте да бидете досадни како Николај Денков, на пример, со објаснување на некои фенси работи за буџетите или законите. Велиш „киселите гасџии од жолтата калдрма“ – а тие што пијат пиво насабајле пред маалската продавница те воздигнуваат во идол.
Впрочем, агентите на Кремљ во јавната сфера – „четири илјади“ – не се најголемиот проблем. Доколку има институции кои функционираат, безбедносните органи ќе се позанимаваат со нив, како што се случи пред некој ден во Чешка. Големиот проблем се оние медиумски говорници кои својата должност да ја информираат и едуцираат јавноста ја заменуваат со глумење интересни за да им се допаднат на маалските коментатори и на маалските мудреци . Во оваа средина, ниту Скот, ниту Шлезингер, ниту Мојнихан не би постигнале никакво признание. Не дека тоа е токму она што тие би помислиле дека сакаат да го постигнат. (Дојче Веле)