Искра Гешовска за Ристо Стефановски: Неверојатен мајстор да остане секогаш наспроти, а длабоко вкотвен


На Светскиот ден на театарот, синоќа, во Драмски театар, во присуство на бројни гости од културната фела, беше промовирана монографијата „Ристо Стефановски“, во чест на легендарниот театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар, Ристо Стефановски (1928 – 2022), кој 26 години беше директор на театарот, од основањето, а кој почина во 2022 година. 

Промоторката на монографијата Искра Гешовска, теоретичарка на книжевност и уметност, на промоцијата ќе истакне:

„Ние сме култура на заборавот. Да се памети, во една култура како нашава која интензивно подлежи на заборав, е скапоцено. Со оваа монографија и со одлуката за именување на големата сцена на Драмски театар со името на неговиот основач и стратег, Ристо Стефановски, се пркоси токму на културата на заборавот.

Во историјата на човештвото, именувањето е еден од клучните колективни и интимни гестови. Именувањето на човекот при неговото раѓање, именувањето на колективот, на топонимите, на државите, на организациите, на заедниците би требало да значи проѕирна мембрана помеѓу формата и содржината, помеѓу личноста и нејзините карактеристики, помеѓу вредносните вертикали и нивните создавачи, помеѓу отпорот и подаништвото, помеѓу праведното и неправедното, помеѓу животот и смртта.

Именувањето на институциите, и на сегментите кои се важни за една институција, особено со името на некоја личност која е во длабока релационост со институцијата е еднакво, ако не и повеќе од важно – особено важно е да се биде прецизен во тоа. Бидејќи тоа не е само одавање почест, туку е и јасна смерница за културните политики и за мисијата на одредена институција. Според тоа кому и под кои рефернтни вредности институционализираме нечие име, нечија биографија, ние ја одредуваме развојната линија на современата култура и на она што се нарекува современо културно наследство.

Денеска, на денот на театрите, Драмскиот театар Скопје, му одава чест на Ристо Стефановски, кој е всушност втемелувач, основач, поставувач на визионерските и стратешките насоки на понатамошниот негов развој. Со ова монографско издание за Ристо Стефановски, како и со именувањето на големата сцена на театарот се покажува дека не само што има јадра кои пркосат на оваа доминантна култура на заборавот, туку и дека постои јасно проникнување во втемелувањето на она што значи императивна вредносна вертикала.

Монографското издание внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од неговите дневничк записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура.

Ракописот на оваа монографија, ни потврдува дека Ристо Стефановски, не само што е од оние ретките во нашата култура кои со љубов и врвно знаење работела во сферата на менаџирањето, развивањето и архивирањето на театарот, како една од најкомплексните институционални структури, туку, уште поважно, според фактите на историјата на македонскиот театар, како уникатно посветен директор и театролог тој дава непроценливо важен и единствен придонес за осовременувањето, еманципирањето на театарот и во организациска смисла и во репертоарна смисла. Ристо Стефановски е, всушност, најпрогресивниот директор, со визија и со непрегорност не само за театарот туку и генерално, за институционалната култура и за она што треба да значи и како треба да се развива стратешки една институција од сферата на културата.

Она што беше фасцинантно, а што верувам дека е клучот за функционирањето на комплексна институција каква што е театарот, е чудесниот баланс помеѓу детерминираноста, одлучноста, кои тој ги поседуваше и мудрата отвореност за широк опсег на косултативни релации – оти без полемичка консултација и разговор, без критичка размена на мислења, не постои заедница и не може да постои успешен креативен амбиент. Такво полемичко јадро и таков колектив беше Драмски на Ристе Стефановски. И тоа, треба да го запаметиме, анализираме и развиваме како алатка за една современа културна политика. Токму она што е една од клучните карактеристики за Стефановски како директор е неговото чувство за колектив – при формулирањето на секој репертоар во секоја нова сезона, освен со уметничкиот совет, кој секогаш беше бескрајно почитуван од негова страна, тој се консултира со врвните интелектуалци од книжевната, уметничката, естетичката сфера. Токму затоа беше голем и единствен директор – затоа што длабоко ја разбираше природата на театарот, длабоко веруваше дека тетатрот е онаа интердисциплинарна уметност која не само што е колективна, туку во која се стекуваат сите други уметности.

Без никаква заддршка, можам да кажам дека Ристо Стефановски е епистемолошка и применета историска мапа на Драмскиот театар, но и на театарот воопшто. Преку анализа на неговите императиви постапки во организациска и во репертоарна смисла, може да се каже дека Стефановски сѐ уште е еден од најпрогресивните стратези на театарската институционална форма, кој стимулираше експерименталните текстови и автори.

Слободан Унковски во својот комеморативен запис за Стефановски вели: се бореше да отвори простор за новата уметност, за новиот пристап во актерската игра, режија и особено домашна драма за да се почувствува модерноста и на овие простори.

Ристо Стефановски е повеќе од директор на една институција – тој е трагач по нови форми, нови имиња, нов пристап. Воедно, неверојатен мајстор да остане секогаш наспроти, а длабоко вкотвен.

Во интервју со Тони Димков, за Граѓански, пд 2012 година, Ристо Стефановски забележува: „Да се зборува за театарот денес, значи да се согледаат сите парадокси што ја определуваат општествената драма со сите нејзини карактеристики. Театарот секојдневно се обидува да се издигне над самиот себе, да влезе во тековите на животот или да излезе од него. Театарот секојдневно се спротивставува на општествената хипокризија. Театарот секојдневно отвора нови теми, секојдневноги урива табуподрачјата на сценската мисла и секојдневно се соочува со својата немоќ да промени нешто и така да го остварува неговиот „живот на сцената“. Така, честопати, тече неговиот маргинален живот, наспроти оној „вистинскиот“, каде што исто така, ништо не може да биде изменето преку ноќ.“

Стефановски сметаше дека медиокритетсвото во овој „како што често го нарекуваше, општествен жабурник“ е најголемата казна, најопасното оружје за владение на некадарните. Тој вели: „медиокритетите не сакаа здрав систем. Пратеници не стануваа најдобрите, за амбасадори не одеа најдобри те, туку одеа покорните. Одеа оние со навед ната глава, оние што беа врзани во некаков синџир. Слободните стрелци секаде беа игнорирани. Некадарните се врзуваат, кадарните не се врзуваат. Тие си ги знаат вредностите и се борат за нив. Медиокритетите го расипаа кантарот.“

Неговите визии за финансирање во културата се критички. И не гледам дека до ден денешен нешто е променето. Неговите ставови за јавната администрација и до денес се актуелни. Во тој контекст би сакала да споделам дел од неговите искази поместени во монографијат. Стефановски вели:

„Зградите не го прават театарот… Никогаш зградата на театарот не ги правела претставите. Луѓето ги правеле претставите. Театарот создава услови, но услови даваше и големиот театар. Кога ќе го решиме проблемот со вишокот администрација, ќе го решиме и проблемот со театарот. Кога ќе почнеме од џеб да даваме пари за театарот, за вода, струја, за чистење, колку луѓе се вработени. Откога постои Драмски театар, ние го застапуваме мислењето дека не треба да ни се даваат средства како за институција. Ние сакаме да се финансира програмата, активноста.“ Интересно е дека ова се токму концепти врз кои функционираат најдобрите театри во светот. Се разбира, ова е сериозна полемичка ракавица, но, оваа полемика за институционалните модели секако треба да трае и да се води.

Дозволете ми за крајот една интимна забелешка и посвета на Ристо Стефановски. Јас се родив и пораснав во овој театар. За мене ова беше простор во кој се пресекуваат множествата на разни фрагменти од животот, каде што светот е возбудливо и опасно мноштвен а не еден, каде што привидот и стварноста се секогаш рака под рака, каде што гневот, љубовта, стравовите, дилемите, одлуките, прашањата, одговорите, крстосниците, патеките, солзите и насмевките се стекнуваат како силен и моќен водопад е не-место кое ми беше дом. Тука ја наоѓав утописката слика за семејството. Тука, копнеев, самував, растев, стареев уште кога бев дете. Тука научив како морам стрпливо да чекам да заврши „претставата“, не само онаа, на сцената, каде што мајка ми и татко ми беа дел од туѓи, позајмени приказни, туку и онаа животната, каде што јас требаше да ја „одиграм“, создадам и претставам својата приказна. Животот зад кулисите, во гримиорните и на сцената ме подучи дека спокојството и немирот знаат што е соживот. Ми покажа зошто е нужно да се прибегне кон стилизација на светот, на болката, на радоста. Во театарот се изведуваше, се одигруваше прологот на мојот живот, она што го посакував и она од кое стравував. Мојот театарски дом ме натера да се смирам пред фактот дека животот не е ништо друго туку копнежливо и радосно исчекување да заврши последниот чин. И, повеќе од сигурна сум, дека ваквото формирање на мојот светоглед, овде во Драмски театар, немаше никогаш да биде толку есенцијално формативно, доколку Драмски театар не беше колектив онаков каков што го создаде Ристо Стефановски. Благодарна сум му за тоа што низ неговата критичка визија се трасираше и мојата визија за театарот но и за културата и културните политики воопшто. Колективот кој го создаваше Ристо Стегановски беше колектив на конструктивна конфорнтација, отпор, храброст, лабораторија, експеримент. Токму затоа, тоа беше органска и успешна заедница“.