Уметноста без својата публика е како човек без својата сенка: Интервју со Иван Џепароски, поет и естетичар
И во минатото а и денес, се прашувам, без да имам одговор: чуму уште поети и филозофи во непоетски и нефилозофски времиња?, вели во интервју за Независен нашиот истакнат интелектуалец
Во време кога јавниот простор е исполнет со брзи и минливи зборови, ретко се слушаат гласови што носат тивка, но длабока мисла. Иван Џепароски е еден од тие интелектуалци- поет, есеист, филозоф, естетичар и универзитетски професор, сега во пензија, чие творештво со децении го обликува македонскиот културен простор.
Неговиот неодамнешен избор за дописен член на МАНУ претставува признание за таа континуирана посветеност, но и повод повторно да се отвори разговор за улогата на филозофијата, уметноста, поезијата и интелектуалецот денес. Во ова ретко интервју за медиумите, Џепароски (1958, Скопје) говори за значањето на ова признание, за сопствените творечки преокупации, за привлечноста на Света Гора, и за предизвиците на современото време.

Што за вас значи приемот во МАНУ – лична сатисфакција или пред сѐ одговорност и обврска?
Не треба воопшто да се има сомнение дека приемот во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за мене претставува и сатисфакција за досега сработеното, но и одговорност и обврска која стои пред мене во годините што следуваат. Едновремено, изборот во дописен член на МАНУ за мене претставува и големо задоволство, но и чест, зашто да се биде дел од работниот состав на нашата највисока научна и уметничка институција е, сакам да верувам, верификување на она што до сега сум го остварил во доменот на книжевноста и на филозофијата.
Дали влезот во нашата највисока научна институција го менува вашиот однос кон сопствената работа?
Ни најмалку, зашто јас и во минатото, но и денес, својот пристап кон работата не сум го поврзувал со некои надворешни гратификации во однос на сопственото творештво. На овој план во целост се согласувам со поетски искажаните мисли за творештвото на нашиот великан и еден од основоположниците на МАНУ, академик Блаже Конески, кој за создавањето поезија, но и за севкупното творешто, суптилно укажуваше: „тоа е порив, за смисла не прашува“. Тој внатрешен порив кај мене, за среќа, сè уште постои, а се надевам дека и во иднина ќе ми овозможи да создавам нови поетски и есеистички дела, но и дела од областа на филозофијата на уметноста или естетиката.
Како да се зачува критичката улога на интелектуалецот кога станува дел од елитна институција?
Претпоставената критичка улога на интелектуалецот не би требало да зависи од членувањето или не членувањето во некоја, да го употребам вашето одредување, „елитна институција“. Таа, критичката улога на интелектуалецот, или постои или не постои и пред да се влезе во некоја „елитна институција“. Ако постоела таа ќе продолжи да постои и натаму, ако не постоела и натаму ќе продолжи да не постои. Зашто критичката мисла, најмалку треба да зависи од членството во некоја институција, здружение или партија, иако е повеќе од јасно дека определени критички ставови многу посилно одекнуваат во општествената стварност кога се искажани од позициите на припадност кон една врвна научна и уметничка институција каква што е МАНУ.
Каде ја гледате позицијата на естетиката во рамки на Академијата?
Естетиката како филозофска дисциплина – а да не заборавиме, филозофијата припаѓа на корпусот хуманистички науки – со децении е составен дел на Одделението за уметност. Мојот професор, кому му бев асистент а потоа и го наследив на катедрата за естетика на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, академик Георги Старделов (1930-2021), како естетичар, теоретичар, есеист и книжевен-критичар, беше избран за член во МАНУ уште во осумдесеттите години од минатиот век, а подоцна беше избран во еден мандат и за претседател на МАНУ. Сето ова зборува дека во МАНУ во минатото постоела почит кон дисциплината филозофија на уметноста или естетика, а со мојот сегашен избор, верувам, непосредно се продолжува овој респект кон естетиката. Секако, местото на естетиката е токму меѓу уметниците на зборот – писателите (поети, прозаисти, драмски автори), визуелните уметници (сликари, скулптори, графичари), музичките уметници (композитори и диригенти), но и на врвните претставници на изведбените уметности (режисери, актери, сценографи, костимографи, балетски и оперски кореографи и изведувачи), како и на архитектите. Всушност, естетиката сфатена како филозофија на уметноста, најмногу се потпира врз самите уметности и особено помага во толкувањето и вреднувањето на сите поодделни уметности. Оттаму, чинам, доаѓа и нејзината позиција во рамките на Академијата.
Дали Академијата доволно влијае врз културните и општествените текови?
Едноставниот одговор е: и да и не. Секако дека МАНУ, како највисока научна и уметничка институција кај нас, има определено влијание врз нашата општествена и културна стварност – а сега говорам во свое лично име и врз основа на моето искуство од времето пред да станам член на МАНУ, зашто јас сум непосреден дел од оваа институција само околу половина година – но, имам впечаток дека во минатото, а особено во првите децении од нејзиното постоење, влијание на МАНУ врз културните и врз општествените текови било далеку поголемо отколку што е денес. Можеби е време, повторно да извлечеме поуки од овие изминати времиња кога моќта на знаењето (и научното и уметничкото) и моќта на владеењето (и општественото и политичкото) биле понепосредно поврзани и искажувале поголема взаемна почит.

Дали признанијата ја потврдуваат вредноста на делото или вистинската вредност е независна од нив?
Признанијата и наградите се вонуметнички и вонестетски феномен. Тоа е јасно за секој кој барем малку ги познава суштинските особености на уметничкото дело. Постојат автори и дела кои добиле највисоки признанија, но за кои денес никој ништо не знае, освен оние што ја доделиле наградата, но постојат и автори чии дела никогаш не биле општествено верифицирани за време на животот на самите автори, а сепак, денес, претставуваат неодминлив дел на севкупното духовно творештво. Но постојат и такви случаи кога вонуметничките и вонестетските аспекти на творештвото (во нашиот случај наградувањето) се совпаѓаат со уметничката вредност на определена духовна творба. Тогаш самата награда не се сфаќа како нешто неприродно, како нешто што му е туѓо на награденото дело или на авторот, иако и во тој најдобар и идеален случај наградата, сепак, си останува неуметничка и неестетска битност, зашто вистинската вредност на уметничките дела се наоѓа во самите дела. Сепак, оваа вредност не може да биде независна од рецепцијата на делата. Публиката е еден од клучните составни делови на тријадата автор-дело-публика, така што без неа не може да се оствари толку потребното единство на ова „свето тројство“ на книжевноста и на уметноста. Ова особено се однесува на т.н. стручна публика, имено, комисиите составени од познавачи на определена уметност, кои институционално ги доделуваат наградите. Ако комисијата е стручна, и ако го вреднува единствено естетскиот квалитет на делото, тогаш таа, секако, ја промовира и ја потврдува иманентната вредност на самото дело и, оттаму, овозможува и негова поширока рецепција.
Македонската литература и култура во вас имаат еден истакнат творец, како на полето на уметничкиот збор така и на полето на научната, филозофска мисла. Таа повеќеслојност ве следи низ целата кариера. Каде е границата помеѓу креативецот и критичарот во вас?
Мислам дека оваа граница не постои, односно ако постои тоа е граница која постојано се преминува без „пасош“ и без свесност дека станува збор за некаква граница. Зашто да се занимаваш со наука и со филозофија професионално – значи да се занимаваш со иследувањето на најзначајното што човечката мисла го создала во последниве три милениуми, односно значи да се промислуваат минатите времиња и епохи, но и да се мисли сопственото време. Тоа значи и да се има можност да се запознаваат другите и да се запознава другоста. Тоа е еден процес кој постојано се случува и кој никогаш не престанува. Зашто запознавајќи ги другите и другоста ние, всушност, се запознаваме подобро и себеси. Сето ова се однесува и на моето творештво во доменот на поезијата која пак, од своја страна, нуди и една далеку поголема слобода на планот на креативноста, зашто во поезијата субјективноста, многузначноста и метафоричноста се предности, додека во науката тоа се, главно, пристапи и „престапи“ кои вообичаено треба да се избегнуваат.
Како би ја опишале вашата интелектуална патека – што ве донесе до филозофијата и естетиката?
Мојата интелектуална патека, денес, од оваа дистанца, ми се манифестира како едно патување или пловење кое на своите почетоци беше поврзано со многу младешки надежи и верби во моќта на поезијата и на книжевноста, но кое постапно се менуваше и се надополнуваше со сознанијата поврзани за филозофијата. Мојата матурска работа од пред точно педесет години (1976) беше посветена на егзистенцијализмот на Жан Пол Сартр, но работа врз неа ми покажа дека книжевноста на Сартр не може да се разбере ако не се знае и неговата филозофија. Ова, секако, важеше и за книжевноста на Албер Ками, писателите кои во тоа време многу ми значеа и кои безмалку во целина ги исчитав уште во своите гимназиски денови. Се разбира, тогаш многу ги читав и поетите како Шарл Бодлер, Артур Рембо, но и Т. С. Елиот и Роберт Фрост. На тој начин, моето патување уште од гимназиските денови тргна од книжевноста кон филозофијата, за потем од филозофијата и естетиката повторно да се врати кон книжевноста и поезијата. Денес, пак, овие два света во моето творештво, постојано се во непосредна соработка, за што и порано сум зборувал и сум истакнувал дека, на некој начин, јас сум своевиден „дводомен автор“, имено, дека сум дома и во филозофијата и во книжевноста. Во филозофијата – главно во естетиката, односно филозофијата уметноста, како и во филозофијата на културата, додека во книжевноста – главно во поезијата, есејот, но и во книжевната критика.
Дали денес размислувате поинаку за уметноста отколку на почетокот од вашата кариера?
Својот прв голем есеј за уметноста го напишав и го објавив во списанието „Стремеж“ уште како студент на Институтот за филозофија на дваесетгодишна возраст, во сега, веќе, далечната 1978 година. Насловот на есејот гласеше: „Модерната уметност, науката и техниката“, а во него ги претставив своите тогашни погледи во однос на влијанието на науката и техниката врз модерната уметност. Истата година овие свои видувања усно ги презентирав на Филозофскиот факултет во Загреб, во рамките на тогашните научни средби на студентите по филозофија од институтите (катедрите) за филозофија од сите републички центри на тогашната држава. Тоа беше мојот прв научен настап пред еминентни професори и студенти по филозофија од Белград, Загреб, Љубљана, Сараево и Скопје. Сега гледам дека темата со која тогаш настапив, и денес ме преокупира, особено во однос на денешната не само можна, туку и стварна „технификација“ и „сциентификација“ на уметноста – врз основа на сè поголемото влијание на компјутерите и на вештачката интелигенција (ВИ) врз самата уметност. Но ова се прашања за кои и во минатото се бараа соодветни одговори, но за кои и денес се бараат суштествени одговори.
Што за вас значи „убаво“ во 21. век?
Убавото, односно убавината, не само што е вредност за која како сите ние да знаеме што е, и не само што е поим кој постојано се употребува од дамнини па сè до денес, и не само што е квалитет што сите го посакуваат, зашто се чини дека не постои човек што не ја почитува или не ја посакува убавината. Од друга страна, убавината, бидејќи нејзината историја е комплексна и повеќезначна, сепак, и покрај сево ова, е категорија која, сè уште, дури и во 21. век, не е достатно освоена и расветлена.
Дека е тоа така посведочува и една поранешна обемна анализа на историјата на поимот „убаво“ спроведена од страна на полскиот естетичар Владислав Татаркјевич во неговото капитално дело „Историја на шесте поими“ (1980). Таму се укажува дека она што ние денес го именуваме како „убаво“ и „убавина“, Грците го нарекувале kalos („убаво“) и to kalon („убавина“), а Римјаните, пак, го користеле терминот pulchrum. Овој латински збор се задржал низ целата антика и целиот среден век, за во времето на ренесансата да му го отстапи местото на новиот термин bellum, кој постапно го заменил стариот термин pulchrum. Денес во употреба во многу модерни јазици е токму основата bellum, како на пример, во италијанскиот и во шпанскиот јазик – bello, во францускиот јазик – beau, во англискиот – beautiful, иако во повеќето други европски јазици, како на пример, во словенските, постојат поинакви определувања: лепо, лијепо, убаво, хубаво, красивое, прекрасное итн.
Денес, пак, убавото ја живее својата стварност врз основа на конечниот налет на разурнување на убавината во уметноста на XX век и на нејзиното префрлување од сферите на уметноста во сферите на секојдневието, рекламата и маркетингот. Можеби токму на таквата убавина ѝ се обраќа и Блаже Конески во неговиот стих: „Убавино, ти ме заморуваш веќе…“? Или, пак, веројатно за таквата убавина говори современиот естетичар Иван Гаскел кога вели: „Убавото станува тривијален квалитет, кој ако воопшто привлекува внимание, може единствено да измами презир“.
Сепак, за мене, дури денес, а особено денес, убавото и убавината се сè уште незастарени категории кои, иако видоизменети, ни се мошне потребни, исто колку што ни се потребни и водата и воздухот.
Но, дали навистина, денес, убавината е во дефанзива во рамките на филозофијата и на естетиката, а е во офанзива во рамките на естетската хирургија или, пак, во козметичките индустрии на убавината, е големо прашање кое бара повеќе простор за расветлување, отколку што тоа е можно во едно вакво интервју.
Дали убавината е нешто што го откриваме или нешто што го создаваме?
Иако ова прашање е навидум едноставно, одговорот не е толку едноставен и бара поширока експликација. Тоа е така зашто проследувањето на историјата на теоријата на убавината ни овозможува убавината да ја сфаќаме и толкуваме како историја на две носечки естетички традиции што се засновуваат врз видовите на задоволства што ги искуствуваме во допирот со убавината. Првиот вид – што се определува како питагорејска традиција, а што се поврзува со сериозниот и контемплативен вид на задоволство предизвикан од определени „формални односи“ кои се содржани во убавиот објект, и вториот вид – што може да се определи како дел од традицијата на принципот на задоволство, кој ги опфаќа задоволствата што произлегуваат од сетилата афицирани од убавината. Теоријата на убавината во рамките на питагорејската традиција или големата теорија на убавината, којашто убавината ја поистоветува со хармонијата, пропорцијата и бројот, владее во текот на целата антика, средниот век и ренесансата, па сè до модерните времиња. Потем, патот што го минува оваа голема теорија на убавината води од првично објективното разбирање на убавината (космолошката естетика), кон субјективното толкување на убавината (антрополошката естетика). Но, кога станува збор за тоа дали убавината е нешто што се открива или создава, и на овој план уште од антиката па сè до денес постојат различни толкувања и ставови.
Од друга страна, и надвор од формалните белези коишто ја определуваат убавината, можеме да тврдиме, како што тоа го прават низа естетичари од дваесеттиот век, дека убавината е крајното име за естетската вредност, а естетската вредност, пак, е сето она што учествува и придонесува за убавината на едно уметничко дело, надвор од неговата корисност, вистина или морална добрина. Иако, навидум, како ваквото определување да е циркуларано, зашто убавината се определува како естетска вредност, а пак естетската вредност се однесува како да има клучен придонес за убавината растоварена од нејзините утилитарни, логички или етички наслојки (корисноста, вистината, добрината), сепак, оваа циркуларност е прифатлива зашто е информативна и ни дава огромен број податоци за естетските вредности на уметничките дела. А дека убавината е суштествена естетска вредност ни потврдува филозофот Роџер Скрутон кој во својата книга „Убавина“ (Beauty, 2011) недвосмислено укажува дека „убавината, тврдам, е стварна и универзална вредност, таа е вкотвена во нашата рационална природа, а чувството за убавина треба да одигра неопходна улога во оформувањето на човечкиот свет“.

Вашата инспиративна пристапна беседа во МАНУ за „Уметноста и институционалната теорија на уметноста“, наликуваше како да ја слушате во Париз или во Лондон, со примери на дела од светските галерии и приватни колекции. Може ли уметноста да постои без публика?
Благодарам за убавите зборови во однос на мојата беседа во МАНУ. Инаку, веќе укажав дека уметноста без публика иако може да постои, таа, сепак, никогаш нема да може да биде целосна, зашто уметноста се остварува токму преку непосредниот контакт со публиката. Оттаму рецепцијата на уметничкото дело (во сликарството, скулптурата, графиката, „реди-мејдот“, видео-артот, инсталациите и перформансите), како и на книжевното уметничко дело (поезијата, романот, драмата, есејот), претставува остварување на севкупноста на самото уметничко дело, зашто, делото без својата публика е како човек без својата сенка, или како што би рекол писателот Роберт Музил, како некаков „човек без својства“.
Дали живееме во време на површна естетика?
Јасно е дека денес во раздобјето кога Гутемберговата галаксија (галаксијата на книгата) ѝ го препушта постапно местото на Маклуановската галаксија (галаксијата на електронските медиуми), во раздобјево во кое се случува една „екстаза на комуникациите“ (Бодријар), а самата комуникација започнува доминатно да ја менува нашата култура, ние не ја гледаме стварноста онаква каква што таа е, туку најмногу онаква каква што културата на масовните медиуми ни ја претставуваат. На тој план, како да се создава и една „површна естетика“ или „квази естетика“ која останува во плитките води на појавноста и на тривијалноста. За ваквата естетика и култура на т.н. „културна индустрија“ во минатото можне продлабочено зборуваше филозофот Теодор Адорно кој со право предупредуваше дека е потребно разобличување на културната индустрија и на обединувањето на културата и на забавата што е денес на показ, зашто тоа неминовно води кон нивелизирање или упросечување на уметноста. Зашто, како што укажуваа Хоркхајмер и Адорно, конечниот ефект на културната индустрија е анти-просветителството, зашто културната индустрија е „катедрала на возвишената забава“, која нужно води кон една површна естетика. За жал, сведоци сме дека нашата стварност е преоптоварена од оваа естетика на површното и приземното, иако, за среќа, постојат и огромен број спротивни примери поврзани за вистинската уметност, и за вистинското убаво и возвишено во уметноста и во книжевноста.
Дали денешната култура произведува „плитка“ уметност или само различна?
И едното и другото. Се произведува и плитка уметност, но и уметност која се разликува од онаа од минатото. Плиткост и истост, но и плиткост и повторливост, тоа се клучните белези на совремата популарна уметност. Истоста и серијалноста (на пример продолженијата на филмовите од типот на „Бетмен“, „Војна на ѕвездите“ или на „Брзи и бесни“) калкулираат со елементите на познатост, повторливост и истост, а оваа своевидна сижејна „плиткост“ лесно се прифаќа и станува наједноставен начин како да се има поголема гледаност, односно како полесно да се заработат многу пари.
Што мислите за улогата на вештачката интелегенција во уметноста?
Што се однесува до создавањето на книжевни уметнички дела од страна на вештачката интелигенција (ВИ), за жал, и тоа станува реалност, но, за среќа, само на планот на симулацијата или мимикријата на поодделни авторски стилови и на зададени теми, но со воочлив недостаток на планот на непосредуваното естетско искуство кое, за сега, е сè уште недофатливо за вештачката интелигенција. И затоа е во право музичарот и поет Ник Кејв, кој, во однос на песните (поезијата) кои се напишани во негов стил, а се создадени од ChatGPT, вели дека: „ChatGPT е реплицирање како форма на травестија. Програмата може да пишува говор или есеј или проповед или некролог, но не може да создаде вистинска песна. Со време можеби ќе успее да создаде песна која, барем на површината, нема да може да се разликува од оригиналот, но таа секогаш ќе биде имитација, некој вид бурлеска. Песните се изнедруваат од страдање, при што мислам на тоа дека тие почиваат на сложената, внатрешна човекова борба за создавање, а, колку што знам, алгоритмите не чувствуваат. Податоците не страдаат. ChatGPT нема свое внатрешно јас, не бил никаде, не видел мака, ја немал храброста да посегне вон своите ограничувања, и оттаму нема капацитет за споделено трансцендентно искуство, бидејќи нема ни ограничувања кои би ги надминал. Неговата меланхолична улога е да биде предодреден да имитира и никогаш да нема автентично човечко искуство, без оглед колку безвредно и надминато би станало човечкото искуство во иднина“.
Укажувам дека во целина се согласувам со овие ставови на Ник Кејв и сметам дека, сè уште, ништо не може да ја замени инспирацијата сврзана за човековиот индивидуален опит кој е непосредно поврзан со творењето и кој води кон создавањето на изворното уметничко дело: песната, расказот, романот или драмата.
Што би им порачале на младите кои се обидуваат да го разберат светот преку уметноста и филозофијата?
Да знаат дека тој пат не е лесен и не ветува лесни одговори, но да знаат и дека разбирањето на светот со помош на уметноста и филозофијата е пат кој ќе биде исполнет со безброј когнитивни и естетски задоволства. Тоа е пат кој ќе значи влегување и во сопствениот јазик, но и во јазикот на светот. А таму, како што Парменид подучувал дека не постои движењето, а за сето време Диоген низ просторот движејќи се горе-долу ја побивал без искажан збор оваа теорија, така и пишувањето и говорењето на македонски јазик (ќе) го побива мислењето на некои наши соседи за непостоењето на македонскиот јазик и на македонскиот поетски и национален идентитет. Јазикот како отпор на тој начин се престорува во јазик како празник, како свеченост на духот. Всушност, ваквото одредување на севкупната уметност, а оттаму и на поезијата како „свечаност на духот“, произлегува од грандиозната мисла на долговечниот германски филозоф и херменевтичар Ханс Георг Гадамер (1900-2002), кој укажувајќи на суштината на уметноста таа да биде симбол и игра, ја потенцира и нејзината комуникативна, но и метафизичка суштина: да биде и празник преку кој ќе се слави саморазоткривањето на вистината. За него свеченоста и празникот, коишто ритуално се повторуваат, се вистинска уметност, зашто „празникот е заедништво и е претстава на самото заедништво во неговиот совршен облик. Празникот е секогаш за сите“, укажуваше Гадамер, како што и вистинската уметност е секогаш уметност за сите и како што искуството на уметничкото дело е сродно на повторливото искуство на празнувањето и на свеченоста.

За време од пет години ги посетивте сите манастири во Света Гора, дури и напишавте стихозбирка „Светлината на Света Гора“ (2015). Како започна вашиот интерес за Света Гора и што најмногу ве привлече таму?
Она што започна, првично непланирано, како желба непосредно да се почувствува животот во најголемата монашка заедница на православниот свет, потем, постапно – врз основа на петкратната посета на Света Гора од 2010 до 2015 година и на престојувањето во сите дваесет манастири – се пресоздаде во едно духовно патување кое, верувам, никогаш нема да заврши, но и патување на кое сами од себе се создадоа и стиховите. Ова патување го започнав како проект врзан за пишувањето на книгата од областа на естетиката под работен наслов „Византија и возвишеното“, а таа, си мислев, ќе стане логично дополнување на мојата книга „Естетика на возвишеното“ (2008). Книгата од областа на естетиката остана ненапишана, но затоа повеќегодишното препосетување на Света Гора се преобрази во едно лично, поетско доживување на она што го видов, слушнав, допрев и вкусив, и што, најверојатно, не може да се опише со зборови. Сепак, и покрај свеста за неможноста ниту делумно да се допре до суштината на оваа последна „монашка држава“ во светот која постои уште од десеттиот век, ги понудив на увид стиховите што произлегоа од ова патување, со надеж дека тие барем малку ги дофаќаат добрината, убавината и возвишеноста што на Атос безвремено владеат. Колку што мене ми е познато, ова е единствена поетска книга во светот што во целина е посветена на Света Гора и на сите дваесет манастири што таму постојат од дамнини. Фактот дека, според мислењето на жири комисијата за наградата „Браќа Миладиновци“, сум успеал во своите намери безвременоста на Света Гора да ја „престорам во убавина озрачена со светлина“ и дека оваа книга оттаму „претставува датум на нашата современа поезија, книга во која заедништвото на креативното и интелектуалното е максимално постигнато со едно лирско мајсторство“, сево ова многу ме радуваше, но, едновремено, и ме обврзуваше да ги оправдам, во времињата што потоа дојдоа и во времињата што доаѓаат, овие суптилни вредносни одредби.
Вашето поетско творештво високо е вреднувано од страна на нашата критика. Што за вас значи добра песна: форма, искреност или интелектуална длабочина?
Добрата песна треба на формален план да задоволува определени поетски барања на нашето време, но таа треба да се потпира и врз најдоброто што до сега е создадено во светот на поезијата, особено на поезијата од ХХ и ХХI век, исто како што песната треба да има и интелектуална длабочина, но и да е непосредно поврзана со едно искрено чувствување и поетско видување на современиот свет во кој авторот живее и твори. Кон сето ова треба да се додадат и уште многу други нешта од типот на необични и неочекувани поетски слики и неизветвени и изненадувачки подредени и употребени зборови. Но дури и ако сето ова успешно се изведе, тоа не ја гарантира успешноста на песната, зашто секогаш ќе остане една неодгатлива тајна поврзана со создавањето на песната и со неповторливоста на воспеаниот миг кој во секоја успешна песна е суптилно и лирски овековечен.
Што ве инспирира надвор од академскиот свет?
Можноста да се учествува на поетските фестивали во земјата и во странство е за мене една голема можност да се соочам со поинакви поетики на поети од целиот свет. Ова особено се однесува на моето присуство, во различни својства – уште од гимназиски денови па сè до денес – на Струшките вечери на поезијата. Зашто во Струга за време на СВП и самиот учествував најнапред како новинар во радиото а потем и како уредник на Културната програма на ТВ Скопје (подоцна по осамостојувањето на државата Македонска телевизија) во 80-тите и почетокот на 90-тите години. Тогаш учествував во подготвувањето на поетските емисии посветени на СВП, заедно со огромен број македонски новинари, радиски, телевизиски, па дури и филмски автори. Сакам да верувам дека со поетскиот театар и со тв-документарците што тогаш ги подготвив посветени на добитниците на Златниот венец на СВП Јанис Рицос (Грција), Хорхе Хусто Падрон (Шпанија), Ференц Јухас (Унгарија), со емисијата во која со нашиот поет Анте Поповски говоревме за животот и делото на Јосиф Бродски (САД) или со беседата за поезијата на Тед Хјуз (Велика Британија) од неговиот Портрет што директно го емитуваше МТВ од Света Софија во Охрид, и самиот делумно придонесов во доближувањето и комуникацијата, како и во славењето на поезијата кај нас.
Сепак, на Струга најмногу ѝ благодарам за инспирацијата и за неповторливите мигови што ми ги дари кога бев средношколец и студент, за прекрасната можност во живо да ги гледам и слушам врвните мајстори на поетскиот збор: Сенгор, Дагларџа или Алберти а со некои од нив и да разговарам необврзно, отпосле дознавајќи за нивната величина не само во поезијата туку и во теоријата, како на пример во случајот со Енценсбергер. Да не беше Струга јас, веројатно, никогаш немаше да пишувам поезија и никогаш немаше да се занимавам со естетика и со книжевна критика. На симпозиумите на СВП сите ние, гости и учесници, директно комунициравме со врвните светски теоретичари како Виктор Шкловски, Едгар Морен, Соломон Маркус, Тери Иглтон или Едвард Луси Смит и на тој начин кај нас се оформуваа или се продлабочуваа потребите поезијата не само да се создава туку и да се толкува. Токму затоа им благодарам на Струга и на Охрид кои и денес се места кои постојано ме инспирираат.
Кое прашање најчесто си го поставувате себеси, а сѐ уште немате одговор?
Тоа е прашањето што пред себеси си го поставувал и поетот Фридрих Хелдерлин кога се прашувал „Чуму поети во непоетско време?“. И навистина, и во минатото а и денес, и јас се прашувам, без да имам одговор на ова прашање: чуму уште поети и филозофи во непоетски и нефилозофски времиња? Чуму уште поетски пораки на светскиот ден на поезијата (не случајно одбран од УНЕСКО на првиот ден од пролетта!). Одговорот на ова типично хелдерлиновско прашање е колку лесен толку и тежок! Само две и пол децении официјално постојат светскиот ден на поезијата (воведен во 2000-та) и светскиот ден на филозофијата (воведен во 2005 година), иако поезијата и филозофијата постојат, се развиваат и извршуваат огромни влијанија врз стварноста со милениуми наназад. Повеќе од два века изминаа откако Хелдерлин го постави тешкото прашање „Чуму поети во непоетско време?“ во неговата прочуена песна „Леб и вино“ (1801), а нештата како и денес да се исти и како ништо да не се изменило во светот на поезијата, која сè уште е „најневината од сите професии“ (Хелдерлин). Иако сè уште немам добар одговор на ова прашање, сепак, еден од можните одговори може да се бара во следново мое размислување:
Во име на невиноста, но и во име на искуството на таа невиност, како што во минатото пееше Вилијам Блејк, сè уште ја создаваме и ја славиме поезијата ширум светот. Но, и филозофијата ја дели судбината на поезијата и тие постојано одат заедно, зашто на пеењето му е потребно мислењето, исто како што и на мислењето му е повеќе од потребно пеењето. Сето ова се остварува во јазикот, зашто поезијата и филозофијата го востановуваат битието со помош на зборовите. Затоа и овие мисли се испишани на нашиот македонски јазик, изникнати од нашата книжевна и културна традиција, но, сакам да верувам, постојано поттикнувани од универзалните хуманистички вредности на европската и на светската литература и култура. Во име на тие вредности, имено, и денес не е застарено да се фалат поезијата и филозофијата, и не е недоблесно да се биде поет или филозоф. Напротив…