Гордана Јовиќ-Стојковска единствен кандидат за претседател на ДПМ


Гордана Јовиќ-Стојковска – романописец, раскажувач, поетеса, преведувач и книжевен критичар, творец на дела на македонски и на српски јазик, поранешна претседателка на Македонска книжевна младина е единствениот кандидат за претседател на Друштвото на писателите на Македонија за претстојното редовно изборно Собрание на ДПМ, кое е закажано за 30 мај, во 12:00 часот.

Како што информираат од ДПМ изборот на новото раководство оваа година за првпат ќе се одржи со гласање во живо, но и со онлајн-гласање.

Гордана Јовиќ – Стојковска е родена 1961 во Грделица, Србија, каде што го има завршено основно и средно образование. Во Скопје доаѓа да живее по запишување на студии на Биолошкиот факултет.

Книжевната кариера ја започнала уште од рани младешки денови објавувајќи во списанијата за култура и млади во тогашната Југославија. По одлуката да живее во Скопје, таа го изучила македонскиот јазик, на којшто ја објавува својата прва книга „Noctambulissmus (Северно талкање)“ која што е објавена како награден ракопис на тогаш југословенскиот конкурс за дебитантска книга при Книжевниот клуб Куманово. Со оваа поетска книга Гордана Јовиќ – Стојковска добива награда Млада Струга 1989. Од крајот на истата година раководи со Книжевна младина на Македонија како Претседател. Во неа во периодот до 2002 година промовира и објавува голем број дебитантски книги на сега афирмирани млади писатели, воспоставува контакт и соработка со врвни автори од Бугарија, Кипар, Турција, Русија и одржува континуирана соработка со писателите од просторот на дотогашната Југославија.

Во периодот од 1990 до 1994 Јовиќ – Стојковска работи во МРТВ како сценарист, каде што реализира детски ТВ драми и серии, меѓу кои се издвојуваат првиот детски игран филм во Македонија на турски јазик „Споменар“ и серијалот „Децата на Македонија“. Активно се занимава со книжевна критика и афирмација на српската книжевност во Македонија и обратно, а во тоа време ја промовира и современата македонска книжевност во Бугарија на Книжевните колонии во Несебар и на Филолошкиот Факултет во Софија, каде во организација на др. Константин Оруш, таа учествувала во Курсот по македонска книжевност.

Преку програмата Исток – Исток при Отворено општество Македонија, организира конференции од областа на културна идентификација на кои учествуваат претставници на речи си сите земји од Југоисточна Европа. Учествувала во организација на речиси сите важни книжевни манифестации и соработува со голем број списанија, меѓународни редакции и др.

По престанок на буџетско финансирање на Книжевна младина на Македонија, Јовиќ – Стојковска работела извесен период како самостоен писател, потоа како уредник на списанието „МАГ“, а во 2009 година, таа го основала Центарот за издаваштво и промоција на автори и дела Слово љубве – букви букс во Скопје.

Дела:

Noctambulissmus – поезија, Куманово1988;

Помеѓу – поезија, Студентски збор, Скопје 1990;

Сонкобија –раскази, Студентски збор, Скопје 1991;

… – фрагментарни роман, Култура, Скопје 1994;

Боја на безвремето – роман, Штрк, Скопје1996;

Мостување – поема, Нушиќ, Скопје1999, превод на англиски [2];

Последниот таласон – роман, Три, Скопје2003;

Тајна на тринаесеттиот знак – роман, Три, Скопје 2006;

Очи пуне чипке – роман, УСЗМ, Скопје 2008;

Ѕидање на сонцето – роман, 2011.

Речник на јужнословенска митологија, Три, Скопје 2004;

Српско -македонскиот речник, Слово љубве, Скопје, 2014;

Дан када смо појели бога, роман, Слово љубве – Буквибукс, Скопје, 2021;

Дан када смо појели бога, роман, Слово љубве – Буквибукс, Скопје, 2021;

Денот кога го изедовме Бога, роман, Слово љубве – Буквибукс, Скопје, 2021;

Била једном једна кућа[3], роман, Слово љубве – Буквибукс, Скопје, 2024;

Сите нејзини романи се објавени на српски и македонски јазик, нејзините дела се преведени на повеќе светски јазици, застапени се во повеќе антологии. За својот книжевен опус Јовиќ – Стојковска има добиено повеќе значајни награди меѓу кои: Млада Струга, Златната значка на Културно просветна заедница на Србија и Сесловенското признание – Белорусија, Мелничка награда – Бугарија, награда Битолски круг, награда Мост на Друштво на писатели на Македонија, награда Петар Кочиќ и др.