Алмодовар од Кан: Европа никогаш не смее да му биде потчинета на Трамп!
Кан – Шпанскиот режисер Педро Алмодовар смета дека истакнатите филмаџии имаат „морална должност“ да говорат против влошувањето на политичката клима денес. На премиерата на неговиот претстоен филм во Кан, и со значка со натпис „Слободна Палестина“ на реверот на јакната, тој одговараше на прашања во врска со неговите претходни коментари во коишто го критикуваше недостатокот на протест на „Оскарите“ претходно оваа година.
– Не сакам никого да осудувам, но мислам дека уметниците имаат должност да зборуваат за случувањата и животот во современото општество. Тоа е морална должност. Тишината и стравот се симптом дека работите се влошуваат – сериозен знак дека демократијата се распаѓа. Мора да дејствуваме против ова лудило, изјави Алмодовар за „Гардијан“.
Тој притоа истакна дека ако луѓето на позиција како неговата, не се спротивстават на подемот на крајната десница, тоа ќе ги олесни ограничувањата на слободата на говорот за коишто, вели, веќе се гледаат во САД.
– Европа никогаш не смее да му биде потчинета на Трамп!, предупреди наградуваниот режисер.
Алмодовар не е непознат во јавното критикување на Трамп. Во 2025 година, додека ја примаше наградата Чаплин во Линколн Центарот во Њујорк, тој се осврна на американскиот претседател велејќи дека Америка е „управувана од нарцисоидна власт, која не ги почитува човековите права“. Подоцна рече дека Трамп ќе биде запаметен како „катастрофа“.
– Соединетите Американски Држави во овој миг не се демократија. Некои велат дека можеби се несовршена демократија, но јас денес не мислам дека САД се демократија. Иронично е што демократијата, преку соодветниот, правилен механизам на гласање, доведе до ваков вид тоталитарен режим. И тоа е истовремено парадоксално и неверојатно тажно,“ додаде режисерот.
Режисерот е и отворен критичар на израелската војна во Газа, а претходно го повика шпанскиот премиер Педро Санчез да ги прекине сите дипломатски и комерцијални врски со Израел поради војната во Газа.
Неговите денешни забелешки се одразуваат на оние на шпанската ѕвезда Хавиер Бардем, кој исто така беше во Кан оваа година за да го промовира својот нов филм, драмата „Љубениот“ на Родриго Сорогоен.
Филмот се занимава со токсичната машкост, а 57-годишниот актер изјави за Ројтерс: „Идејата за оваа машкост што е агресивна, дека мора да ја покажува и својата моќ над другите, тоа е нешто што резонира со мене, бидејќи тоа е генерацијата со која пораснав“. Тој додаде: „И тоа е погрешно. И фактот дека во овој филм зборуваме за тоа… ни кажува дека има поголема свест за тоа, како нешто што мора да го осудиме, мора да го тргнеме настрана“.
Тој го прошири разговорот на прес-конференцијата во Кан, за време на која актерот рече дека „машкото токсично однесување“ се протега на светските лидери, вклучувајќи ги Трамп, Путин и Нетанјаху. Тој тврдеше дека таквата агресија и соперништво ги поттикнуваат конфликтите.

Алмодовар е на Канскиот филмски фестивал за својот прв филм на шпански јазик по пет години, „Горчлив Божиќ“ (Amarga Navidad (Bitter Christmas), којшто ги истражува моралните импликации од користењето на приватните животи на најблиските како инспирација за креативност. Филмот доби деветминутни овации, по премиерата, во вторникот вечер. Филмот доаѓа и во Скопје, од 28 мај, во Синеплекс.
„Горчлив Божиќ“ е неговиот осми филм во конкуренција на Канскиот фестивал. „Сè за мојата мајка“ му ја донесе наградата за најдобар режисер во 1999 година, додека „Враќање“ му ја донесе наградата за најдобро сценарио во 2006 година.