Чествувањето на св. Кирил во Рим завршува со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“
Со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“ ќе заврши годинашното чествување на св. Кирил во Рим, во рамки на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Концертот, кој вечер ќе се одржи во салата „Хорти салустијани“, го организира Министерството за култура и туризам. Ќе се обрати министерот Зоран Љутков, кој вчера изјави дека настапот на ансамблот е можност македонската култура достоинствено да биде претставена пред меѓународната јавност и, како што рече, да ја потврдиме нашата вековна поврзаност со делото на светите браќа Кирил и Методиј.
Камерниот ансамбл „Консонанс“ е формиран во 2007 година и го сочинуваат дрвени дувачки инструменти. Ансамблот е посветен на камерното музицирање и истражување на звукот што овие инструменти го создаваат заедно. Составен е од музичари кои се членови на Филхармонијата – Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ, Здравко Ангелов, Игор Бакревски и Сашко Темелковски. Покрај настапите на домашната музичка сцена, „Консонанс“ имал концерти и во Црна Гора, Бугарија и САД.
Годинашното чествување на св. Кирил во Рим го органиизира Собранието на Република Северна Македонија и неговиот претседател, Африм Гаши, ја предводи државно-црковната делегација.
Вчера беше одржан молебен за св. Кирил во црквата „Сан Клементе“, со кој чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Во рамки на престојот во Италија, претседателот на Парламентот Гаши беше на аудиенција кај папата Лав XIV и имаше средба со Пјетро Паролин, државен секретар на Светата Столица.