Никшиќко позориште со претставата „Татко“ гостува на големата сцена во МНТ


На 18 мај во 20 часот на големата сцена во МНТ ќе гостува претставата „Татко“, работена според текст од францускиот писател Флоријан Зелер, во режија на Наташа Поплавска, а во продукција на Никшиќко позориште. 

Претставата „Татко“ е едно од најпознатите дела на Зелер и има освоено престижни награди. По истиот текст е снимен и актуелниот филм, кој освои „оскар“.
Актерската екипа е: Владан Гајовиќ, Ања Дрљевиќ, Никола Васиљевиќ, Маја Стојановиќ, Јован Кривокапиќ и Андреа Драшковиќ.

„Татко“ на авторот Зелер е драма за губењето на идентитетот, времето и стварноста.

„Преку приказната за Андреа, човек кој постепено тоне во деменција, сакам да ѝ го доближам на публиката внатрешниот свет во кој се бришат границите меѓу реалното и имагинарното. Сцената станува простор на сеќавања, стравови и илузии, во кој заедно со главниот јунак минуваме низ дезориентација и нестабилност. Оваа интимна семејна драма прераснува во универзална приказна за човечката кршливост и љубовта. 
Во средиштето на претставата е односот меѓу таткото и ќерката, Андреа и Ана. Нивната љубов и блискост се испреплетуваат со недоразбирања, болка и чувство на немоќ. Ана, иако водена од љубов и одговорност, носи огромен товар на грижа, вина и исцрпеност. Преку неа гледаме како болеста на еден член од семејството станува искушение за сите, разорувајќи ги односите и силата, но и откривајќи ги длабочините на човечката поврзаност.
Темата деменција денес е повеќе од актуелна, тоа не е само медицински и општествен, туку и длабоко личен предизвик што нè засега сите нас, било преку искуства во сопственото семејство, било преку пошироко разбирање на староста и немоќта. Токму затоа оваа претстава има потенцијал да поттикне разговор и емпатија.
Заедно со ансамблот на Никшиќкото позориште се зафативме со овој сложен и емоционално силен материјал. Имавме инспиративен процес и уживавме во работата на вакво значајно дело од светската современа драматургија какво што е Зелеровиот ,Татко’. Нашата претстава ги надминува локалните рамки и комуницира со публиката на универзално ниво. Верувам дека ,Татко’ ќе остане како едно од оние театарски искуства кои долго се паметат и во сеќавањето на ансамблот и во срцата на гледачите”, вели режисерката на претставата Наташа Поплавска.

Сценографијата е на Весна Сушиќ, костимографијата и изборот на музиката се на Наташа Поплавска, а дизајнот, фотографијата се на Емил Петров.

Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата www.mnt.mk, како и на билетарницата која работи од 13 до 20 часот.