Иран ја одби понудата на САД за олеснување на продажбата на нафтатата
Иранските власти ја отфрлија понудата од САД за привремено олеснување на санкциите за продажба на нафта, испраќајќи јасна порака дека нема намера да прифати ваков компромис во актуелниот геополитички контекст.
Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, реагираше на изјавите од американската администрација, која предложи ослободување на залихи на иранска нафта за да се стабилизира глобалниот пазар.
„Укинување на санкциите за иранската нафта која е заробена на море? Жал ни е – распродадено ни е“, напиша Галибаф на социјалните мрежи.
Претходно, американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека со ваквиот потег на пазарот би можеле брзо да се пласираат околу 140 милиони барели нафта, што би придонело за намалување на притисокот врз цените на енергенсите.
Санкциите за иранската нафта се во сила со години, а дополнително беа заострени откако администрацијата на Доналд Трамп во 2018 година се повлече од нуклеарниот договор со Иран.Техеран денеска порача дека Ормускиот Теснец е отворен за пловидба, но не и за бродови поврзани со земји што Техеран ги смета за непријатели. Изјавата доаѓа во момент кога теснецот веќе е де факто дестабилизиран од напади врз бродови и извештаи за минирање на водениот пат, што предизвика нова криза на глобалните енергетски пазари.
Според иранскиот претставник во Меѓународната поморска организација, Али Мусави, „дипломатијата останува приоритет“, но истовремено Техеран јасно става до знаење дека пловидбата повеќе не се третира како неутрално прашање. Во пракса, тоа значи дека една од најважните светски нафтени рути сè поотворено се претвора во инструмент на воен и политички притисок.
Паралелно со пораката за теснецот, претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф предупреди дека критичната инфраструктура, енергетските постројки и нафтените капацитети низ Блискиот Исток би можеле да бидат „неповратно уништени“ ако бидат нападнати иранските електрани. Оваа закана доаѓа директно по ултиматумот на Доналд Трамп, кој му даде на Иран 48 часа целосно да го отвори Ормускиот Теснец или да се соочи со американски напади врз енергетската инфраструктура.
Со тоа конфликтот уште поотворено се префрла од класична воена размена кон енергетика, транспорт и критични системи. Кога на маса се теснеци, електрани и нафтени капацитети, последиците одамна не се само регионални.
Guardian потсетува дека пред почетокот на војната низ Ормускиот Теснец минувала околу една петтина од светската морска трговија со сурова нафта. Ако тој канал остане затворен или селективно достапен, ударот врз цените на нафтата и пошироката трговија ќе биде уште посилен.
Во истиот развој на настаните, Зеленски предупреди дека војната со Иран му оди во прилог на Владимир Путин, бидејќи ги троши западните ресурси и вниманието што инаку би оделе кон Украина. Тоа е уште еден знак дека овој конфликт веќе не се движи само во рамки на Блискиот Исток, туку станува фактор што ги поместува и другите глобални кризи.