Ирачката Катаиб Хезболах објави петдневен прекин на нападите врз амбасадата на САД
Ирачката вооружена група Катаиб Хезболах денеска објави петдневен прекин на нападите врз амбасадата на САД во Багдад, условен од развојот на настаните поврзани со израелските воени акции.
Во соопштението, безбедносниот службеник на групата, Абу Муџахид ал-Асаф, рече дека паузата ќе зависи од тоа дали Израел ќе го запре она што го опиша како „раселување на цивилите и бомбардирање во јужните предградија на Бејрут“.
Групата, исто така, постави дополнителни услови, вклучително и прекин на нападите врз станбените области во Ирак и ограничувања за американскиот разузнавачки персонал, повикувајќи ги да останат во комплексот на амбасадата.
Катаиб Хезболах предупреди дека нападите ќе продолжат со поголем интензитет доколку условите не се исполнат по петдневниот период.
Ал-Асаф, исто така, ги повика ирачките власти да обезбедат заштита на дипломатските мисии и економските објекти. /МИА