Интервју со Натали Петровска: Дури 28 предмети на разрешениот судија Горан Бошевски ќе почнат одново


Судот треба да направи проценка на евентуалното траење на судската постапка, по што внимателно би ги избрал лицата кои ќе ги назначи во тој предмет, вели Натали Петровска

Доколку странките во постапката (особено одбраната) дадат согласност, судењата може да продолжат онаму каде што застанале и се во тогашна фаза, но доколку нема согласност, процесите ќе започнат одново, како што започнаа во 2018 година, вели Натали Петровска во интервју за „Независен“

 

Реакцијата на јавноста по разрешувањето на судијата Горан Бошевски не е без причина, затоа што сега 28 предмети, кои биле распределени кај него, ќе почнат одново. Со престанувањето на мандатот на еден судија-поротник одново ќе почнат девет процеси. Само во предметот „Титаник“ се определени дополнителни судии и судии поротници за да нема прекин во процесот, вели Натали Петровска, извршна директорка на Колицијата „Сите за правично судење“. Оваа Коалиција, составена од 13 граѓански организации од целата држава, стана незаобиколен фактор при оценувањето на квалитетот на судските постапки и почитувањето на стандардите за правично судење. Петровска во интервју за „Независен“ вели дека е потребно да се трансформира матрицата по којашто работат и постапуваат сите судии. Дека според она што го следат во цела држава има и добри пракси на работење, но оти тоа се само индивидуални случаи, и дека клучот е во промената на свеста на судиите и нивната постојана едукација.

 

Љупчо Поповски

Дали вие како Коалиција имате податоци колку судски процеси се вратени на почеток поради пензионирање на судии-поротници, конфликт на интереси или разрешување на судии? Не само за познатите случаи што ги отвори поранешното СЈО, туку и за други во јавноста невидливи случаи.

За жал, немаме такви податоци согласно кои со точност би можеле да констатираме бројка на предмети вратени на почеток во сите судови во Македонија, бидејќи е невозможно да ги следиме сите судски процеси во државава. Меѓутоа, она што можам со сигурност да го посочам во поглед на статистички податоци е фактот што според податоците на Основниот кривичен суд во Скопје, а поврзано со последните разрешувања и престанување на мандат на поротник, 28 предмети кои биле распределени кај разрешениот судијата Горан Бошевски ќе почнат одново, додека пак по однос на престанокот на мандатот на судијата-поротник, станува збор за вкупно 9 предмети кои исто така би почнале одново.

 

Перцепцијата на јавноста е дека враќањето на процесите на самиот почеток во најголема мерка доаѓа поради некаква си корупција, иако нема докази за тоа. Според вас, каде лежи главната вина за ваквите случаи?

Враќањето на предметите, односно ниво отпочнување одново, е резултат на проток на законски предвидениот рок во кој треба да се одвива динамиката на судењата, како и промена на составот на судот кој одлучува во конкретниот предмет. Протокот на периодот помеѓу две судења, а кога отстапува од предвиденото поради што и би дошло до отпочнување одново на судењето, е вообичаено од вонредни причини, бидејќи судиите по службена должност внимаваат на него и се придржуваат до одредбите на процесниот закон. Но кога станува збор за промената на составот на судот, ситуацијата е малку поразлична. Досега, со оглед дека предметите кои се иницирани од СЈО се во голема мери медиумски експонирани, па и тие би ги земала како референтни, само во предметот „Титаник“ се определени дополнителни судии и судии поротници. Вообичаено овој дополнителен персонал во судскиот состав се предвидува ако е веројатно дека расправата односно предметот ќе трае подолго, па определените дополнителни судии и поротници присуствуваат за целото времетраење на предметот, со цел да се вклучат кога примарно поставените би биле спречени. На овој начин се избегнува повторно отпочнување на предметите и е исклучително позитивна пракса која е неопходно што почесто да се применува, за да не се најдеме во ситуации како моменталниве. Но, за жал, оваа можност е многу малку применлива во Основниот кривичен суд Скопје, а верувам и во останатите судови во земјава, поради недостатокот на судии поротници и судии. Конкретно, во овој суд, согласно систематизација на работни места и позиции, предвидени се 200 судии-поротници, а моментално судот располага со 54, што во голема мера претставува пречка, дури и ако судиите сакаат да ја применат оваа пракса. Од друга страна, мораме да напоменеме дека домашните судови досега немале искуство со истовремено организирање и координирање на повеќе комплексни постапки со повеќе обвинети кои не ретко се јавуваат во неколку предмети истовремено, како и обемен доказен материјал, што дополнително го отежнува менаџирањето на и онака недоволниот број на човечки ресурси.

 

Дали повторените процеси на случаите на СЈО откако ќе се вратат на почеток би можеле да одат на побрза лента затоа што нема нешто драматично ново што би се изведувало при претставувањето на доказите и сослушувањето на сведоците?

Во принцип да, меѓутоа тука настанува друг проблем. Процесниот закон овозможува странките во постапката да се произнесат позитивно или негативно по однос на изведувањето на дотогаш изведените докази во постапката. Што значи дека ако на пример, што е и најчесто случај, одбраната не даде согласност за читање односно нотирање на веќе изведените докази, судот има обврска нив одново да ги изведе. Ова во голема мера претпоставува повторно повикување и сослушување сведоци, доколку нема согласност за читање на нивните веќе дадени искази, повторно изведување на сите материјални докази и слично, што само дополнително ја обременува постапката и ја пролонгира, а некогаш може да биде во корист на одбраната, особено ако за кратко време би настапила застареност. Поедноставено, доколку странките во постапката дадат согласност, судењата може да продолжат од таму каде што застанале и се во тогашна фаза, но доколку странките не дадат согласност за тоа, процесите ќе започнат одново како што започнаа во 2018 година, па нивното траење може да се очекува дека ќе биде вонредно долго.

 

Кривичниот суд сега може да се најде во парадоксална ситуација – да бира судии-поротници според годините (за да се избегне опасноста од пензионирање во текот на процесот), а не според стручноста и искуството. Судот останува покус и во двата случаи. Каде може да се бара решението?

Стручноста и искуството на судиите-поротници не се ниту предмет на побарување, ниту услов за извршување на таа функција. Напротив, станува збор за сосем непрофесионален персонал кој треба да даде перспектива на „обичен граѓанин“. Оттука, непрофесионализираноста односно лаичкиот елемент на овие лица воопшто не влијае на квалитетот на правдата. Но она што е несомнено потребно во контекст на овие лица е тоа што судот треба да посвети особено внимание и да вложи напор во соодветна проценка на лицата кои се назначуваат на оваа позиција во судските предмети. Конкретно, судот треба да направи проценка на евентуалното траење на судската постапка (па дури и во години), по што внимателно би ги избрал можеби и лицата кои ќе ги делегира, односно назначи во тој предмет, а при тоа нивната возрасна граница нема да ги афектира постапките. Не е прифатливо за предмети кои се очекува да завршат за неколку години, вие да определите поротник на кој за кратко време му истекува мандатот поради исполнување на услови поврзани со возраста.

 

Дали може да има своевиден „заговор“ меѓу обвинетите, адвокатите и некои судии за одреден процес да се растегнува колку што може подолго. Кој има најголема корист? Дали адвокатите кои ќе го наплатуваат повторно, на пример, одговорот на повторно изведените докази; или обвинетите може да се надеваат дека може да се случи некакво „политичко чудо“, особено во случаите на СЈО.

Со оглед на фактот дека во изминативе 4-5 г не бевме сведоци на прочистување на кадарот во овие институции кој што беше категоризиран како кадар на „заробената држава“, не би било коректно да ја исклучам тезата која ја поставивте. Меѓутоа, ако рационално се погледне кој би имал најголема корист од растегнувањето на предметите, користа за обвинетите може да се рефлектира во бескрајно пролонгирање на предметите, нивно потенцијално застарување, а онаму пак каде не постојат услови за тоа, бидејќи станува збор за високи предвидени казни, а со тоа и подолг период предвиден за застареност, пролонгирање до фаза на настапување на „политичкото чудо“ кое го споменавте. Од друга страна, адвокатите секако ќе имаат соодветна финансиска компензација за своето учество на рочиштата во повторената постапка, па оттука е разбирливо зошто во јавноста се појавува и ваква теорија. За жал, не може да се исклучи ниту претпоставката дека растегнувањето на постапките може да има корист и за определени судии, кои би преферирале предметот да застари наместо да донесат одлука.

Не е коректно да се генерализира и се констатира дека „сите судии се исти“ и нема квалитетен кадар помеѓу нив: Натали Петровска

Каква е европската пракса во вакви случаи – дали судењето треба да се врати од почеток или да продолжи каде што застанало, со тоа што новиот судија-поротник ќе се запознае со досегашниот тек на процесот.

Со оглед дека и во самата европска пракса постојат различни правни системи, кои различно уредуваат некои институти, не би можеле да се водиме согласно еден унифициран став по однос на ова, но важно е да се напомене зошто е потребно да се отпочне одново со една постапка кога станува збор за промена на составот на судот. Имено, при промена на член на советот, новиот член кој се придружува не е запознаен со содржината на претходно изведените докази. Имајќи предвид дека кривичната постапка се заснова на начелата на усност и непосредност, согласно домашните закони не смее да биде ускратено правото на одбраната усно и непосредно да ги презентира сите свои докази пред сите членови на советот кој треба да ја донесе одлуката. Оттука, законското решение само по себе не е спорно, иако тоа остава простор за одолговлекување на постапките од страна на одбраната. Но мора да се има предвид дека ваквата можност ѝ се допушта на одбраната поради несоодветно менаџирање на судските процеси, како и несоодветната опременост на судовите со човечки ресурси.

 

Ова е еден вид политички перверзна ситуација: опозицијата постојано критикува дека судството е заглавено во неефикасност, а нејзините претставници кои се на обвинителните клупи прават сѐ процесите да се одложуваат до бесконечност или до застарување, а потоа ќе тврдат дека судството е нереформирано. Има ли излез од ваквиот маѓепсан круг.

За жал, секојдневно сме сведоци на ситуации каде што одбраната ги користи сите законски механизми кои ги обезбедуваат процесните закони за одложување на расправите, а со тоа и нивно пролонгирање до потенцијално застарување. И ова е до некој степен легитимна стратегија на одбраната доколку се земе предвид нејзината позиција. Е сега, иронично е што ова се методи кои ги користат обвинетите, бивши функционери, а сегашни опозиционери, за подоцна истите тие да реагираат за неажурноста и неефикасноста на судството и неуспехот на реформите во правосудниот систем.

Како што веќе напоменав, во рамки на процесните закони, онаму каде што тие дозволуваат, не би можело да се избегне тоа (примерот со барањето одново да се изведуваат сите претходно изведени докази), но тоа не значи од друга страна дека таквите критики и тврдења се легитимни.

 

Владата презеде мерки за своевидна филтрација на судството. Разрешени се 16 судии во последно време. Дали е тоа доволно и е соодветна поука за луѓето кои судат?

Филтрацијата или популарно кажано „прочистувањето“ во правосудството беше процес кој одамна беше најавен од страна на извршната власт, а во насока на подобрување на владеење на правото, активна борба против корупција во општеството, како и враќање на довербата на граѓаните во системот. Во контекст на ова, во декември 2020 беше презентирана и новата методологијата на Судскиот совет согласно која требаше да се спроведува, покрај редовното оценување и оценувањето со цел да се изврши овој систем на филтрација. Меѓутоа, до денес, оваа методологија (за прочистување) сѐ уште не е предмет на примена, па разрешувањата кои во изминатиот период ги посведочиме се резултат на редовната работа на Судскиот совет.

Правосудните, особено антикорупциските реформи, треба да обезбедат баланс помеѓу одговорноста која се бара од судиите и штитењето и обезбедување на нивната независност

Со разрешувањето на посочената бројка на судии несомнено се остава впечаток дека Судскиот совет „профункционира“, особено во моменталниот политички контекст, но идентично се наметнува и прашањето – дали вака засилените проверки и разрешувања не влијаат на судиите во насока на нивно слободно судиско одлучување? Претпоставка е дека правосудните, особено антикорупциските реформи, треба да обезбедат баланс помеѓу одговорноста која се бара од судиите и штитењето и обезбедување на нивната независност. Судската независност треба да претставува браник од потенцијалните влијанија врз носителите на судските одлуки од страна на политичките актери и други центри на моќ. Таа не го подразбира само уставно поставениот концепт на независност преку поделба на властите во државата во три столба (законодавна, извршна и судска), туку исто така и лична независност на судиите согласно која тие ќе бидат слободни да одлучуваат врз основа на примена на концептот на владеење на правото. Во овој контекст е од исклучително значење да се дадат детални и аргументирани образложенија во одлуките на Судскиот совет со кои се разрешуваат, избираат или унапредуваат судии.

 

Претставниците на вашата Коалиција се присутни на стотици и стотици процеси во државава. Тие се среќаваат и со судии. Што велат вашите претставници – има ли некаква промена во размислувањата меѓу судиите дека конечно мора да направат нешто за граѓаните да им веруваат повеќе. Или пак тоа за нив не е од поголема важност.

Секако дека судиите, како и сите ние, имаат интерес да се подобри довербата на граѓаните во правосудството. Не е коректно да се генерализира и се констатира дека „сите судии се исти“ и нема квалитетен кадар помеѓу нив. Напротив, од секојдневното следењето на нивната работа, констатираме и добри пракси на работење, индивидуално менување на свест, а со тоа и активен придонес кон менување на состојбите, па дури и на микро ниво. Но, сепак станува збор за индивидуални напори на индивидуалци во судството, па така за да се обезбеди вистински импакт од промената на свеста на судиите, а со тоа и видлив резултат кој граѓаните ќе го забележат, потребно е трансформирање на матрицата по која што работат и постапуваат сите судии. А тоа единствено би се случило ако се посвети особено внимание на едукацијата и надградбата на постоечкиот, но и новиот кадар кој допрва доаѓа, а со цел да не се рефлектираат лошите пракси и во иднина.