Интервју со Маја Морачанин: Нападите на ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа револт и отпор кај нас

Ниту сме уценети, ниту сме влезени во криминал за да бидеме дел од владата, вели во интервју за „Независен“ лидерката на ДОМ. Тоа се тешки неодговорни квалификации


Маја Морачанин (Фото: Б. Грданоски)

 

ВМРО-ДПМНЕ со нападите врз ДОМ, ЛДП и ДС одбра стратегија како да стигне до предвремени избори откако не успеа да направи ново парламентарно мнозинство. „Но, лоша им е тактиката. Тоа предизвикува многу повеќе отпор и револт кај сите, во сите партии и кај нашите поддржувачи“, вели лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во интервју за „Независен“ по канонадата тешки обвинувања и дисквалификации на опозициската партија – и во Собранието и преку партиски соопштенија. Таа е воздржан оптимист дека конечно можат да стигнат до целта – Македонија една изборна единица. Најважно е, вели Морачанин, за тоа конечно да се отвори дебата во Собранието, па може да се моделираат интересите на сите во една одлука, која ќе биде поддржана од најголемиот дел од пратениците

 

Неочекувано, во собраниската дебата при изборот на новата влада ВМРО-ДПМНЕ ги обвини ДОМ, ЛДП и ДС дека биле дел од мнозинството поради две работи: или дека сте уценети или сте криминализирани. Дали се чувствувате непријатно кога некој дава толку тешки оценки за вас.

Апсолутно да. И затоа во саботата барав процедурално и реагирав до претседателот на Собранието, Џафери, за да интервенира и да не дозволи таков говор на омраза, навреди и клевети да се искажува во парламентот затоа што тоа е недостојно и непримерено однесување. Мора да се подигне нивото на политичката дебата оти ова е непримерно. Не може така да се изнесуваат такви паушални квалификации, како што го направи тоа Александар Николоски.

 

Во политиката често нема милост. Дали кога некој ве обвинува дека сте криминализирани или корумпирани одговорот треба да реторички мек или треба да биде соодветен на нападите?

Веројатно да. Јас секогаш се обидувам да бидам крајно коректна и да не влегувам во реториката што ја користат оние што напаѓаат. Но веројатно тоа не е доволно, бидејќи некако одговорот се губи во фонот на обвинувањата. Кога во неделата повторно ме прозиваше директно Николоски во неговата реплика во таа една минута му одговорив дека тоа што го кажува е непримерно, бидејќи ниту сме уценети ниту сме во криминал.

 

Од каде доаѓаат нападите на ВМРО-ДПМНЕ кон вас: дали тие мислат оти сте слаба алка во мнозинството и кога таа ќе пукне ќе падне и владата?

Мислам дека сега тоа е некоја нивна стратегија – како да вршат притисок врз пратениците за владата да падне, оти јасно е дека нивната намера се предвремени избори. Не успеаја да формираат ново мнозинство и сега се прави притисок врз четирите пратеници од ДОМ, ЛДП и ДС да ја напуштиме владината коалиција.

 

Дали тоа создава контрареакција, дека после толку напади кај вас се создава отпор да не попуштите пред притисоците?

Ако некој даде една изјава може да кажам – тоа е личен став. Но бидејќи неколку дена тоа е истата реторика од различни луѓе и преку партиски соопштенија претпоставувам дека одбрале таква стратегија да стигнат до целта. Но, лоша им е тактиката. Тоа предизвикува многу повеќе отпор и револт кај сите, во сите партии, бидејќи не станува веќе збор лично само за Маја, Горан или Павле или пратеник, туку и кај луѓето во партијата и кај поддржувачите. Дефинитивно, ова нема да им помине, само ќе создаде уште поголем револт кај луѓето.

 

Лани имаше големи превирања во ДОМ, меѓусебни обвинувања, исклучување од раководните органи. Дали сегашниве напади од опозицијата на некој начин се обид да се продолжи вознемиреноста во партијата и таа да ја загуби почвата на која стои. Дали и тогаш тие превирања биле поттикнати од главната опозициска партија?

Јас сѐ повеќе сум убедена дека и тоа е дел од агендата, оти гледам дека истото се случува и кај ЛДП и во ДС. Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ за ДОМ се обвинуваше дека раководството се грижело само за неколку директори. Главната цел е да се создава вознемиреност во партијата и меѓу поддржувачите и да се создадат турбуленции. И во ланските превирања имаше такво влијание, но, се разбира, не можам да го потврдам. Уште тогаш во нашето соопштение кажавме дека луѓето со кои имаме разијдувања обработуваат туѓи политички агенди.

 

Вие имате малку поспецифична агенда од другите помали партии во владината коалиција. Мислите ли дека зелените политики ќе можат да добијат повеќе гласност во новата влада?

Да, мислам и очекувам и затоа долго разговаравме со сега премиерот а тогаш мандатар Димитар Ковачевски во преговорите околу програмата на владата. Особено во делот на обновливите извори на енергија. Така што, договоривме освен овие големи приватни инвестиции за ветерници и фотоцентрали да се овозможи граѓаните сами да почнат да произведуваат струја. Не да бидат само потрошувачи, туку и производители. А за тоа треба да се олеснат и административните процедури и ограничувањата коишто се во правилникот за енергетика, за моќност, за приватни лица до 4 киловати, за малите бизниси 20. Тие треба да се тргнат за да можат и граѓаните и малите фирми да се мотивираат да си поставуваат фотоволтаици. Потоа, тука е прашањето и за енергетската ефикасност. Тој процес треба да се интензивира. Ние донесовме закон, но треба да се формира и фонд за енергетска ефикасност. Тоа е дел од програмата, го разговаравме со премиерот и тоа ќе оди преку Македонската развојна банка. Тој процес треба да се направи самоодржлив. А тоа треба да го знаат и општините, затоа што најголем дел од тие средства се наменети за локалната самоуправа. Договоривме да се направи посебен закон да се олеснат тие процедури.

 

На тешките неосновани обвнувања веќе мора да им се одговар со поостар речник, нагласува Морачанин (Фото: Б. Грданоски)

 

Колку сте задоволни од министерот за животна средина Насер Нуредини. Дали тој го прави максимумот од возможното или може и повеќе? Дали тој се консултира со вас за одредени проекти и планови?

Дефинитивно може и мора многу повеќе да се работи во Министерството за животна средина. Јас лично имам многу коректна соработка со министерот. На предлог-законите што доаѓаат оттаму јас многу често имам амандмани, некои од нив се прифаќаат. Имаме добра комуникација, но генерално мислам дека Министерството за животна средина мора да работи многу поефикасно и да испорача резултати. Усвоивме неколку важни закони, но за законот за климатска акција зборуваме со години, потоа законот за индустриски емисии треба да се усогласи со европските директиви. Многу бавно одат процесите. Тоа министерство мора да биде поефикасно и особено имаме забелешки во делот на управата за животна средина каде што се издаваат дозволите.

Тука клучен проблем се малите хидроцентрали. Тоа го зборувавме со Ковачевски. Ние сакаме од сега натаму да се забрани градењето на малите хидроцентрали. Тој принцип мора да се напушти. И од неодамнешниот извештај на Државниот завод за ревизија се гледа дека користа од тие мали хидроцентрали е минимална во однос на производството на струја, а штетите врз животната средина се големи. Излегува дека тоа оди во прилог само на тој што инвестира, бидејќи е субвенциониран со пари од граѓаните. Кога би се тргнале субвенциите на инвеститорот нема ни да му се исплати да гради мали хидроцентрали. Тоа е решението – само да се укинат субвенциите и тогаш нема да имаат профит за да ги градат малите хидроцентрали. Подобро е тие средства да ги вложиме фотоволтаици, ветерници.

 

Дали новата влада ќе донесе нова динамика, нова енергија и поинаков пристап?

Има многу за работа во државава и очекувам зголемена динамика. И во разговорите со Ковачевски пренесовме дека мора да се работи многу поефикасно и да се испорачуваат резултати. Можете да носите стратегии колку сакате, а знаме дека проблемот кај нас не е во тоа, ниту во носењето закони, туку во имплемнтацијата. А за тоа се одговорни институциите, не само премиерот или министрите, туку целиот административен апарат. И најпосле граѓаните ценат – дали сте сработиле нешто или не. Ако некој сработи треба да остане и да продолжи, а ако не испорача треба да си оди и да добијат можност други луѓе.

 

Долгогодишните напори за претворање на Македонија во една изборна единица досега беа без резултат. Какви се сега шансите – би можеле да стигнете до успех?

Јас се надевам дека ќе се стигне до успех. Воздржан оптимист сум. Долго време ни трае оваа борба. Секогаш некоја од овие големи партии ќе најде начин да го блокира барањето, со амандмани во Собранието, или ќе се развлекува дебатата. Има многу голема креативност во Собранието кога нешто се сака да се блокира. Но мене ме радува изјавата од ВМРО-ДПМНЕ дека тие прифаќаат една изборна единица. Тоа е нешто сосема ново. До пред некое време тие зборуваа дека се против една изборна единица, дури и дека сакаат мнзински модел – 120 изборни единици. Ако и од СДСМ, кои јавно се декларираа дека поддржуваат една изборна единица, се изјаснат во корист на предлогот, тогаш би можел да помине. Практично е невозможно тоа да помине со консензус во Собранието, затоа што некои од партиите или пратениците имаат различно мислење. Ако двете најголеми партии во македонскиот блок поддржуваат една изборна единица тогаш шансите да се усвои се многу големи.

Но, не е доволно да се каже само дека се поддржува една изборна единица, туку треба да се види дали ќе има праг, дали ќе нема. Не знаеме какви се барањата на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, најдобро е дискусијата да се отвори во Собранието. Ние уште пред 10 месеци поднесовме таков предлог-закон, досега не е отворена дебата, а треба да се отвори да се види какви се ставовите, кој за што се залага и да видиме како ќе тече понатаму процесот. Барањето на ВМРО-ДПМНЕ за брзи предвремени избори е многу важно прашање за државата. Принципелно, не можам да се согласам со ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе биде поддржан предлогот за една изборна единица само ако се одржат брзи избори. Што ако нема избори – дали тогаш нема да важи изјавата за една изборна единица! Тогаш ќе излезе дека тоа било уцена. Ако се направи таква изборна измена тоа ќе значи суштинска демократизација на општеството, и на партиите. Пред парламентарните избори 2020 бевме многу блиску до договор, имаше работни групи, разговаравме меѓу партиите. Имаше поширок консензус за отворени листи на локалните избори. Но на крајот и од тоа не испадна ништо.

 

Вие, помалите партии, предлагате да нема изборен праг за влез во парламентот. Другите партии легитимно би се залагале да има праг. Каде би можеле да се најдете во разговорите со другите партии?

Ние не очекуваме дека априори само нашите барања ќе бидат прифатени, затоа треба да се дискутира во Собранието. И без праг, всушност, има праг – тоа е 0,7 отсто да освоите од гласовите за да имате еден пратеник (отприлика 7-8 илјади). Има многу детали – не е само дали ќе се брои од вкупниот број запишани избирачи на списокот или од излезените на гласање, или од важечките ливчиња.