Мицкоски се дообјаснува: Годинава нема избори


Премиерот Христијан Мицкоски децидно изјави дека во текот на оваа година нема да се одржат избори. Според него, 2026 година е предвидена како период за клучни реформи и внатрешна консолидација на државата, додека редовниот изборен циклус се очекува во пролетта 2028 година.

„Мојот став е дека оваа година избори нема.Оваа година е реформска и година на консолидација. Јас би сакал да имаме редовни избори кои ќе се случат во пролетта 2028 година“, истакна Мицкоски.

Иако приоритет на Владата е реализација на ветените проекти, премиерот нагласи дека неговата партија е во постојана подготвеност за избори, без разлика на терминот на нивното одржување.

Во однос на претходните шпекулации за можни предвремени избори, премиерот појасни дека Владата е посветена на испорачување резултати пред да се соочи со гласачите. 

Изјавата на премиерот е примена со изненадување во јавноста бидејќи владата е стабилна и не се гледа причина за повторно изјаснување на граѓаните. Сепак, според анализата на , дилемата не е само дали ќе има избори. Поважното прашање е – зошто би имало избори сега, кому тоа му одговара и што би добиле граѓаните од уште еден изборен циклус во земја која одамна живее во состојба на продолжена кампања?

Аналитичарите во земјата оценуваат дека може да станува збор само за пробен балон на Мицкоски, но и проценка дека со избори сега, кога има најави за отцепувања во опозицијата, може да освои дополнителни места во парламентот. Не се исклучува и мотивот  да се истурка набрзина техничката влада, за да потоа се одржат избори без неа и без контролата што не ја сака ВМРО-ДПМНЕ. Во игра може да е и Изборниот закон и обидот повторно да се изигра обврската да претрпи измена која би донела до вистински политички промени во Македонија,а не само смена на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. 

Слични се и проценките во  порталот „Паноптикум“:

„Во нормална парламентарна логика, предвремени избори се распишуваат кога има политички ќорсокак, распад на мнозинството, губење легитимитет, сериозна државна криза или потреба граѓаните да пресечат за прашање што не може да се реши во постојниот состав на Собранието. Во Македонија, барем засега, таков јасен институционален услов не е видлив. Владата има парламентарна поддршка, мандатот формално трае до 2028 година, а власта нема непосредна потреба да бара спас од блокирано Собрание.

Меѓутоа, политиката не се движи само по институционална логика. Често се движи по логика на моментум. Токму тука се отвора суштината: предвремени избори најчесто бара оној што проценува дека сега стои подобро отколку што би стоел утре. Тоа важи за власт што сака да го капитализира рејтингот, за коалициски партнер што сака да го претвори локалниот успех во парламентарна тежина, но и за опозиција што мора да покаже дека не се плаши од натпревар.

Во анализите објавени по изјавата на Мицкоски се издвојуваат неколку можни мотиви: пренасочување на јавниот фокус, спречување на консолидација на СДСМ, пресметка со ДУИ преку зајакнување на ВРЕДИ и обид власта да добие уште поудобна парламентарна архитектура. Најавата се чита како можно враќање на моделот на владеење преку постојана изборна мобилизација, со можно рекомпонирање на односите во албанскиот политички блок и  обезбедување посигурно мнозинство за чувствителни законски и политички прашања.

Најочигледен интерес има власта. ВМРО-ДПМНЕ излезе од изборите во 2024 година како убедлив победник, но не со самостојно мнозинство. Според резултатите што ги објави ДИК, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 58 мандати, ДУИ 19, СДСМ 18, ВРЕДИ 13, а Левица и ЗНАМ по шест. Таквиот распоред ѝ даде на власта доминација, но не и целосна самодоволност. Оттука, предвремени избори би можеле да бидат обид таа доминација да се претвори во поцврст мандат. Не само повеќе пратеници за ВМРО-ДПМНЕ, туку и појасна контрола врз коалициската математика. Власта секогаш посакува парламент во кој секое гласање нема да се претвора во пазарење, секој закон во етничко-коалициска сметка, а секоја реформа во нова уцена.

Вториот можен интерес е кај ВРЕДИ. По локалните избори во 2025 година, ВРЕДИ излезе со засилен политички капитал во општините со доминантно албанско население; според извештаите, по двата круга ВМРО-ДПМНЕ имаше 55 градоначалнички места, ВРЕДИ 10, СДСМ 6, НАИ 4, а ЗНАМ и Унијата на Роми по 1 градоначалничко место. Тоа ја отвора можноста локалниот резултат да се претвори во парламентарна сила, особено во однос на ДУИ, која долго време беше доминантен фактор кај Албанците во Македонија.

 За СДСМ, предвремени избори би биле суров тест: дали процесот на консолидација навистина почнал или партијата сè уште е во фазата на внатрешно закрепнување. За ДУИ, тоа би било битка за статусот на главен албански политички фактор. За Левица, изборите се секогаш шанса да се претвори незадоволството во мандати.

Македонија има искуство со избори што не се само избори, туку метод на владеење. Во периоди кога власта постојано го држи општеството во изборна температура, институциите почнуваат да работат како штабови, министрите како кандидати, јавните политики како спотови, а граѓаните како публика што постојано треба да аплаудира или да се плаши. Токму затоа споредбата со политичкиот модел од времето на Никола Груевски не е само реторичка. Честите избори можат да создадат впечаток дека народот постојано одлучува, но во суштина можат да ја ослабат демократијата. Наместо отчетност, добиваме кампања. Наместо реформи, добиваме мобилизација. Наместо институции што работат, добиваме институции што чекаат да видат кој ќе победи.

Во таков модел, изборите не се проверка на резултатите, туку производство на нов легитимитет пред старите прашања да станат непријатни. Ако има проблем со евроинтеграциите, се зборува за избори. Ако има економско незадоволство, се зборува за избори. Ако има коалициски тензии, се зборува за избори. Ако опозицијата почне да се придвижува, се зборува за избори. Така демократијата се претвора во бескрајна предизборна сцена, а владеењето во техника на одложување“, стои во анализата. 

Според владини извори, премиерот не зборувал за предвремени, туку за првите наредни избори. Во прилог на ова оди и фактот дека за крајот на мај или почетокот на јуни е најавена реконструкција на Владата, поради што изгледа неверојатно дека владиниот кабинет кадровски би се подновувал доколку се планираат предвремени избори за крајот од 2026 година (односно „набргу“). Особено што за и следните избори останува да функционира техничка влада, во која пак можеби токму дел од ресорите во кои ќе бидат избрани нови министри би и припаднале на опозицијата. ила само губење време доколку навистина постои идеја за избори до крајот на годината.   

Според аналитичари, таков потег евентално би бил можен напролет во 2027 година, бидејќи би оставил време новите министри да покажат резултати, а мнозинството да оцени дали е време за нова проверка на довербата пред граѓаните. Но сето тоа доколку има некој неочекуван поголем притисок од внатрешни или надворешни причини: нови геополитички околности; евентуално нови последици (покрај сегашните) од кризата на Блискиот исток (или некоја друга) врз домашната економијата; или пак неопходност од промптно декларирање поддршка за одбрана на националните интереси, која недвосмислено беше посочена од премиерот. Некои од аналитичарите очекуваат дека ако нема директен повод, можно е и да се исценира некаква вештачка криза, како нова кавга со Бугарија или слично. 

Максим Димитриевски, претседател на партијата ЗНАМ која е коалициски партнер во Владата, синоќа изјави дека во рамките на коалицијата не е отворено прашањето за предвремени избори, но и дека не верува оти годинава ќе ги има.

„Јас не очекувам избори оваа година, но и ако ги има ЗНАМ ќе биде подготвен да учествува, бидејќи како нов политички субјект којшто поминува една фаза на ферментација или политичко зреење, нас нѝ одговара да има избори за да се проверуваме во континуитет во очите на граѓаните, кај сме, што сме и какви сме. Не е разговарано на оваа тема во коалицијата“, порача тој на ТВ Телма.