Муцунски: Услови за уставни измени нема
Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, соопшти дека има некој прогрес изминатите 12 месеци околу извршувањето на пресудите на Стразбур од страна на Бугарија, но работата се уште трае
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, категорично порача дека во овие околности – услови за уставни измени нема и дека причина за тоа е недостатокот на доверба во однос на Бугарија (без да ја спомене како држава) и некредибилноста на „испораката“ (без да нагласи дали мисли на ЕУ или на Софија).
„Во однос на билатералните односи со Бугарија, сакам да бидам кристално јасен. Во овој контекст нашата држава не е подготвена за уставни измени. Има недостиг на доверба и недостиг на кредибилитет во однос на испораката спрема нас како држава, така што во овој момент услови за уставни измени нема и Владата не е подготвена да преземе било каков чекор кон уставни измени“, рече Муцунски на заедничката прес конференција.
Тој притоа направи паралела меѓу она што го прави Македонија и тоа што го прави Бугарија како земја членка на Советот на Европа, во смисла дека ние ги извршуваме пресудите колку и да ни е тешко тоа, а Софија одбива.
„Дали ние правиме конкретни работи поврзани со нашата европска перспектива? Не сакам да бидам репетитивен, бидејќи ова е тема што е многу актуелна во последниот период. Да, правиме. Првото е тоа што го правиме во однос на Реформската агенда. Второто е тоа што го правиме во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, но многу повеќе е тоа што го правиме за имплементација на европските вредности. И на крајот на денот, слично со тоа што кажа и господинот Берсе – за објективната посветеност на нашата држава кон европските вредности, коишто се некогаш дури и поширок контекст од примената на заедничката надворешна и безбедносна политика“, рече Муцунски.
Главната вест сепак дојде од гостинот, генералниот секретар на Советот на Европа, Берсе. Зборувајќи за 17-те пресуди на Стразбур околу правата на македонското малцинство тој рече дека, за разлика од изминатите години, последните 12 месеци е направен извесен напредок, дека на исполнувањето на пресудите на Судот за човекови права од страна на Бугарија и натаму се работи и дека негова цел е – да има конкретни, а не симболични чекори.
„Во Бугарија има серија на одлуки што не се исполнети. Работиме на тоа и имаме некој прогрес последните 12 месеци. Стабилноста на процесот исто така е важна. Јас сум за практична, конкретна имплементација на пресудите, а не само симболична. Целта ми е навистина да се извршат пресудите во Бугарија“, порача Берсе.
Тој посочи дека прашањето ќе биде предмет на разгледување од страна на Комитетот на министрите со цел спроведувањето на одлуките конечно да стане реалност.
Берсе беше дециден во оценката за временската рамка на овој процес, нагласувајќи го значењето на конечниот исход: „Вие сте целосно во право, беше предолго извршувањето. Тоа е јасно. Но продолжуваме да работиме на ова и се надевам дека ќе имаме позитивен резултат многу бргу“.
Во однос на давањето мандат за составување влада на Бугарија на Румен Радев, Муцунски рече дека негова цел не е ниту да рецензира резултат од избори, ниту да рецензира изјави кои што доаѓаат од Софија, бидејќи, како што рече, би навлегол во туѓиот наратив.
„Тоа што можам да ви го кажам е дека ние секогаш сме биле подготвени за дијалог и сега сме подготвени за тоа. Недостиг од волја за таков дијалог имаше од страна на соседна Бугарија при постоење на една претходна политичка влада. Јас се надевам дека има свест во Софија дека европската перспектива за нашата држава е значајна за целиот регион. И да нема таква свест, и да не се развие таква свест, тоа не значи дека ние размислуваме за некоја алтернатива, но ние ќе продолжиме на патот на реформите, ќе продолжиме на патот на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика и ќе продолжиме да ги споделуваме тие европски вредности во кои што огромно мнозинство на нашите граѓани веруваат. Но, ако е прашањето дали сме подготвени за уставни измени во овој контекст и во оваа состојба – не сме подготвени. И, да нема никаква дилема околу тоа прашање“, повтори Муцунски.
На прес конференцијата беше објавено исто така дека идната година Македонија ќе претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа.